Не смее секој кој ја носи титулата археолог во Република Македонија да дава изјави за јавноста. Би им забранила барем на половината од македонските археолози да се појават во медиумите, зошто со своите некомпетентни мислења предизвикуваат дополнителна збрка како во науката, така и во нашето совремие. Сведок за што се може да се случи кога македонски археолог ќе даде неподобна изјава за археологијата, е неодамнешниот пример со написот “Писмо од Македонија – Како да го поседувам Александар Македонски“, кое излезе во популарното и “реномирано” списание Archaeology Magazin. Добивате случај против себе си каде морате да ја браните својата струка, својата земја и своето минато кое е дел од светското културно наследство. И наместо истото да го експонираме, ние го вовлекуваме (не)сакајќи во препредни политички игри со непозната завршница.
Дали треба постојано да бидеме неутрални? Еве на пример, јас не сум цело време политички коректна. Некогаш мислам “држава”, а велам „македонците“. Постојано пишувам за „идентитетот“ и го поставувам прашањето дали можеме во сегашноста да го потврдиме сопственото минато? Или од неговата таинственост како негација пред заграда ќе замолчиме со уверувањето дека (не)сме ние децата (продукти) на сопствените проекции кои вековно постоеле пред нас.
Кога пред неколку месеци излезе Писмото за Македонија, јас веднаш реагирав. Моите кратки постови не наидоа на некој поголем одзив во блогосферата, а уште помалку кај моите колеги. Меѓутоа повеќегодишното искуство со ваков тип на манипулации на интернет ми остави простор за загриженост. Како последица, оваа појава ескалираше во верижни ланец на настани. Прво со писмото во форма на одговор од страна на проф. Милер кое можеше да се прочита на интернет, за подоцна истото тоа писмо, проширено и потпишано од 200 академици му биде упатено на претседателот на САД, Обама . Во исто време беше подигнат и веб сајт како логистичка подршка на оваа (не)секојдневно тенденциозна појава (ни прва ни последна на интернет) која ги надминува границите на науката и длабоко загазува во водите на современите политички текови. Не изостанаа ниту коментарите од некои светски блогери кои пишуваат за археологија, а од македонските дневни весници, исклучиво само Дневник извести и со свои написи го прати овој случај (1, 2, 3). Секако тука се и незибежните дебати по разните блогови и форуми.
Со оглед на публикуваниот текст во Archaeology Magazin, воопшто и не треба посебно да зачудува оваа реакција од проф. Милер, која секако во еден дел кој се однесува на археологијата е научно заснована. Но не можат да се пренебрегнат мешањето во дневно-политичката ситуација и спорот за името кој Македонија го има со Грција, зошто тоа веќе длабоко навлегува во политизација на археологијата и нејзино користење како алатка за да се докаже било чија етничка припадност од минатото до сегашноста.
Ова нема да биде мој единствен пост на тематикава, а реакција на писмото од проф. Милер се надевам дека набрзо ќе следи. Сепак едно знам, дека пред било која друга научна институција да даде мислење на оваа тематика, постои можност да бидеме избришани од културната мапа на светот. Исто како да не сме постоеле никогаш.
Мој бпечаток е дека Грците на сите нивоа, од студенти, професори, жители на северна Грција се далеку поагресивни и водат специјална војна против Македонија. Јас лично во кратката сторија во магазинот „Археологија“, па и во кажувањата на Лилиќ не видов ништо спорно. Човекот истражува. Но, грците наеднаш дигаат паника, пишуваат писма. Македонија молчи. Еве една реакција од странец на писмото на Милер:
http://astro.temple.edu/~pericles/Letter.htm
Нема потреба да се меша археологијата во сево ова. На било кого лесно е да му се објасни дека спорот има модерни корени, почнувајќи од 1913, преку класично етничко чистење, преку 1949, па се до осумдесеттите, кога се донесе стратегијата во Грција за справување со независната држава Македонија.
А ако речеме дека сево ова треба да го оставиме без коментар, ќе згрешиме, затоа што ние сме тие кои губат. Губиме години во лимбо, без влез во ЕУ на пример. Имаме реална ситуација на класична уцена. Затоа што не сме го презентирале нашиот случај, нашата приказна надвор. Повеќето странци мислат дека спорот со Грција е антички, археолшки. Нема врска. Спорот е модерен, политички. Спорот има врска со примена на уцена, и сила врз Македонија. Затоа, археолозите треба јасно да реагираат во нивниот домен, а тоа е да ја разобличат политиката на Грција за присвојување без дискриминација на сите антички референци, и монополизирање на историски наративи. Полотичарите би требало да си го одработат своето, и да ги изнесат на видело вистинските корени на спорот. А сите останати да зборуваат и да кажуваат што мислат, а не да бидат пасивни.
Уште еднаш ќе повторам. Ми се чини дека Грците се премногу брзи во поддршката на секоја приказна која што излегува од тамошните кујни, а Македонците посебно од интелектуалните кругови и премногу критични кон својата страна од приказната.
Факт е дека кај нас ниту студентите ниту стручњаците не одговараат со реакција на вакви имплицирани дејствија врз македонската археологија. Тоа се должи пред се на нестручноста, во голем број на недообразованоста, а најмногу на стравот да се искаже своето мислење во јавноста за одредена појава или настан кој зад себе влече багаж од “политичко инволвирање”. Македонската археологија покрај тоа што е несериозна, повлекува цел едeн свет без ставови каде молчењето не е злато, туку отсуство на квалитет да се справат во дебатите за “зло)употребата на минатото при поттикнување на сопствениот (или било кој друг) идентитет”.
Поради професионалната природа на својата одговорна работа, археолозите се должни и имаат обврска да излезат во медиумите со јасен став во однос на некое случување. Но тоа уште долго нема да се случи. Со тоа што не се искажува јавно ниту еден став, се манипулира со културното наследство кое не смееме да заборавиме дека не ни прапаѓа само на нам.
Од друга страна грците се организирани. Биле отсекогаш. Беа и во 1996 година кога на интернет го купија домејнот macedonia.com. Со тоа и го нанесоа еден од најсилните удари на македонската археологија од кои и денеска тешко се опоравува. Се уште не играме умно дека нападот е најголемата одбрана, а не молчењето. На нашите интелектуалните кругови ќе им треба време додека да скрчкаат некаква археолошка теорија на заговор со квалитетна позадина. Додека тоа се случи, борбата за презентирање и уништување културни ентитети (посебно на интернет) ќе отиде на некои сосема нови и непознати нивоа.
Во фудбалот има еден израз, гостите „ја наметнаа играта“… Епа сега, кога може Воскопулос во Еврозум да вика, не ја мешајте историјата во манџава, тоа е играта на Атина, ние пак продолжуваме. Нашето писмо треба да има 3 реда – „Правото да се декларираме Македонци произлегува од Универзалната декларација за човекови права на ООН http://www.un.org/en/documents/udhr/.“ Сето друго е прашање за историчари, археолози, лингвисти. Ако 7 милијарди луѓе го имаат тоа право, и ние, 2,5 милиони Македонци, го имаме истото право.
Инаку, прилично интересна дискусија и одговор на писмото од проф. Милер има тука http://archaeoastronomy.wordpress.com/2009/05/29/macedonia-from-bad-to-worse/
[…] одредени археолози, а згора на тоа кога дел од нив кога даваат изјави во медиумите предизвикуваат неверојатн…. Ви препорачувам да го прочитате нејзиниот текст, […]
[…] век, занемарувајќи ги повторно отоманскиот период и нашето совремие како тоа да не спаѓа во сферата на археологијата. Се […]
[…] Потонат туризам Археологијата на твојата фамилија Реакција – Писмо од, до и за Македонија Како Славе може лесно да стане Славјанка – осврт кон […]