Home Антропологија Најдете си добра сопруга која ќе ви ги исполни сите желби, ама...

Најдете си добра сопруга која ќе ви ги исполни сите желби, ама откако ќе умрете

2,732 views
0

Се шетам еден ден низ фоајето на Археолошкиот музеј на Македонија и загледувам подетално една плоча од варовник која датира кон крај на I – почеток на II век пронајдена во скопската населба Злокуќани и која ни сведочи за животот во античкото Скупи. 

Знам дека веднаш ве заинтересира насловот на текстот, но претходно би сакала да дадам мал историски осврт на тематикава за да бидат појасни некои од работите.

Colonia Flavia Scupinorum бил еден од најголемите римски градови кои постеле на Балканскиот полуостров и најголем антички римски град со статус на колонија, на територијата на денешна Република Македонија. Се наоѓа на само 5 км од строгиот центар на Скопје и достапен е од повеќе страни. Градот живеел од 15 год. н.е., оформен во почеток како воен камп, се до доцната антика, односно до 6 век.  Се претпоставува дека веројатно го населувале 5. македонска легија (Legio V Macedonica) и 4. скитска легија (Legio quarta Scythica) и претставувал воена база за освојување на Дарданија и Мезија. Историските извори велат дека за време на Флавиевците (истите оние кои го изградиле Колосеумот во Рим) добил статус на дедуктивна колонија. Од 4 век станал седиште на епископијата и главен град на провинцијата Дарданија. Во 518-та година, како и многу други населби бил разорен од еден катастрофален земјотрес кој се случил на Балканот со епицентар во денешно Косово, кој во еден здив срушил 24 римски града во дијаметар од 100 км. 

inventaria_archaeologica_personarum_scupi2
Надгробната стела на војникот L. Valerius Dexter кој служел војска во Седмата Клаудиева Легија во Виминациум и откако станал воен ветеран, како заслужен граѓанин државата му доделила земјиште во Скупи да се задоми

Древното Римско царство било комплексно општетство составено од локално население, доселени воени ветерани, римски граѓани и друго романизирано население. Помеѓу нив занаетчиите и трговците завземале значајно место, но голема улога во формирањето на одредени градови одиграле и воените ветерани. Таков е примерот со Скупи кој за време на римското владеење ќе биде населен со римски воени ветерани, со што добива статус на колонија, највисок ранг на град надвор од Рим.

На почетокот од неговото владеење, императорот Хадријан ја обновил старата патна мрежа во провинцијата Горна Мезија и изградил нов пат (Via Nova) со идеја да се олесни и скрати патот од запад кон исток кој водел низ Ѓердапската Клисура, преку директна комуникација од Виминациум до Дарданија (преку Наис), односно Скупи. Ова уште повеќе ја зголемило фреквенцијата на луѓе во рамките на овој дел од Балканот, во којашто римски ветерани кои служеле во еден дел од империјата, како залужни граѓани добивале имоти во некој друг дел.

Епиграфски натпис на воен ветеран од Виминациум кој одиграл улога во политичкиот живот на колонијата Скупи и оставил тестамент на својата жена

Па така, во Скупи ќе сретнеме можеби околу петнаесеттина епиграфски натписи на воени ветерани кои служеле во легијата VII Claudia (стационирана во Виминациум на Дунав, Србија), а чијашто улога се поврзува со основањето и уредувањето на колонијата Скупи во времето на династијата на Флавиевците. На една од овие плочи го пишува следниот текст:

Овде почива Гај Корнелиус Магнус, син на Гај, трибата Фабија од Берит, кој живееше 75 години, а војуваше 21 години во VII Клаудиева легија и беше ослободен од тешки задачи и давачки, декурион и дуумвит на колонијата Скупи. Сопругата Публикија Секунда се погрижи за изработката според тестаментот. Овој споменик не го наследуваат наследниците.

И си велам, колку е пожелно си најдете добра сопруга која ќе ви ги исполни сите желби, ама откако ќе умрете. 🙂

Инаку, со цел да го промовираме културното наследство на Скупи, со ХАЕМУС ја создадовме програмата SCUPINI ROMANI, што во превод значи „Граѓаните на римскиот град Скупи“. Главната цел на SCUPINI ROMANI е популаризација на културното наследство од римскиот период преку едукација, а главната мисија на програмата е дисеминирање на научните истражувања преку историска реконструкција позната под терминот “reenactment”. 

Перформанс на SCUPINI ROMANI повод Vinalia Rustica (Кавадарци, Тиквешки гроздобер 2017)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here