Постои ли човек кој не сака да патува? Познавам луѓе кои се секогаш подготвени за добро доживување и авантура, а за тоа да не е неопходна авионска карта. Но секако, пред да го прошетатe и да го запознаете светот, убаво е да го познавате и да се гордеете со сопственото културно наследство.
![](https://arheo.com.mk/wp-content/uploads/2018/06/Palaces_of_old_Skopje_tour.png)
Оваа година за прв пат (откако се организира веќе четврта година по ред) со тимот на ХАЕМУС решивме да се приклучиме кон една од најголемите кампањи на Групер.мк и да им ги покажеме на сите љубители на културното наследство „скриените“ катчиња покрај кои катадневно поминуваат, а сè уште не ги познават.
Секојпат кога ја организираме со ХАЕМУС и особено кога јас ја водам, Турата низ Отоманското наследство на Скопје предизвикува огромен интерес кај посетителите
Турите кои ги организира ХАЕМУС се необични и ретко може да се најдат на пазарот, бидејќи се создадени на тој начин додека трае прошетката да бидат во активна интеракција со учесниците. Посетителите добиваат многу едукација, но и споделуваат знаење и информации за спомениците кои се посетуваат, покрај кои поминуваат катадневно, а сепак многу малку знаат за нивното значење. Ќе се сложите дека сите сте јаделе ќебапчиња во Старата скопска чаршија, а не знаете дека објектот е културно наследство, или поминувате покрај некоја зграда што некојпат била хотел и не сте биле информирани дека во него 10 години престојувал човекот кој бил основа за градење на карактерот во филмот „Гркот Зорба“. И секако, ретко кој имал можност да дојде со професионален археолог како водич низ Едукативна тура – По стапките на древните Римјани, а притоа за време на прошетката на локалитетот Стоби да има можност да биде облечен во автентичен римски костум и да дегустира мулсум, тип на древно римско вино со мед и зачини.
И официјално започна кампањата „Дестинација Македонија“ во која ХАЕМУС и Grouper.mk ја истражуваат нашата Македонија! Сите тури се создадени со цел да поминете низ искуство, знаење, интеракција и секако многу забава додека го запознавате културното наследство на Република Македонија. Во рамките на оваа кампања се вклучени следните проекти кои покрај зделките на Групер имаат и свои содветни страници на фејсбук:
🔴 Едукативна тура низ „Отоманското наследство на Скопје“ – 14.10.2018
🔴 Едукативна тура низ „Палатите на старо Скопје“ – 21.10.2018
🔴 Едукативна тура – По стапките на древните Римјани – 28.10.2018
како и
🔴 Серија на ексклузивни предавања за „Меѓународен ден на археологијата 2018“ – 17.10.2018
Во рамките на Едукативната тура – По стапките на древните Римјани ќе биде вклучена и можноста посетителите да носат автентични римски костуми и да дегустираат мулсум
На овие настани ќе има прошетки, предавања, понекое вкусување на храна и за секој посетител загарантиран подарок со цел никојпат да не заборави какво богатство поседуваме во Македонија. Настаните ги организираме цел тим, честа да ги водам турите ќе ја имам јас, а верувам дека задоволството на партиципантите ќе биде големо. Ве очекувам со тимот на ХАЕМУС на една голема дружба. 🙂
![](https://arheo.com.mk/wp-content/uploads/2018/08/International-Archaeology-Day-2014-1.jpg)