Минатата година со ХАЕМУС го спроведовме проектот „Интерпретација на гастрономијата како локален идентитет“, поддржан од програмата i-Portunus и финансиран од Европската Унија. Во рамките на проектот организиравме два посебни настани, тридневна обука во Скопје која ја поминаа околу 20 луѓе и еднодневна работилница во Демир Капија насловена како „Виното – наследството што го пиеме“ која вклучи повеќе од 15 мали семејни винарии како учесници.
Кога и да видам закачена порака на грлото од некое шише со вино, раката сама си посегнува по пораката и овој чин секојпат ме потсетува на младоста кога песната „Т’га за југ“ ја знаев наизуст, делумно благодарение и на ваквите пораки кои беа на секое шише од ова вино по супермаркетите.
Тогаш можеби беше реткост па дури и уникатна можност да се купи тоа вино со песната на Константин Миладинов напишана на кирилица на превиткано картонче и прикачена на отворот на шишето, но денес имаме изобилство на вина од голем број индустриски винарии но и од мали семејни бизниси, кои имаат прекрасно дизјанирани етикети на самото шише, но и дополнитени пораки кои се закачени како додаток на продуктите.
Пораката што конкретно овие дополнителни текстови тежнеат да ја испратат е дека производството на виното своите корени ги влече од далечното минато на лозарите, надградена со идентитетот на градот или регионот, приказните од чаршијата и настаните поврзани со нејзините мештани, но исто така и одредени случувања кои долго останале запомнети и се прераскажуваат.
Сепак се чини како да недоставува една многу важна состојка во голем број од овие пораки, бидејќи ако некои од текстовите се преведат на англиски, може малку да ги збунат љубителите на виното. Состојката која недостасува е т.н. интерпретациска порака што треба да биде испратена преку оваа етикета.
Интерпретацијата на наследството е моќна едукативна, комуникациска и бизнис алатка кој им помага на луѓето да се поврзат подлабоко со културното и природното наследство на некое место и посуштински да го разберат. Се работи за раскажување на приказни (storytelling) и пренесување на значењето на историските објекти, традициите и предметите кои во исто време ги ангажираат, но и ги едуцираат посетителите.
При конципирање на интерпретациска порака која цели да ја пренесе информацијата на ангажирачки и инспиративен начин, треба да се имаат во предвид следните ставки:
Раскажување на приказни: Споделување на наративи и анегдоти за да се оживее историјата и наследството.
Значење: Објаснување зошто наследството е важно и како се поврзува со сегашноста и иднината.
Емотивни реакции: Предизвикување на емотивни одговори и лични поврзувања на посетителите со наследството.
Ангажирање на публиката: Активна интеракција, а не само пасивно набљудување.
Едукација: Давање на фактолошки информации на достапен и лесно разбирлив начин.
Инспирација: Мотивирање на лугето да го ценат и заштитуваат наследството за идните поколенија.
Севкупно земено, целта на интерпретциските пораки за наследството е да ги направи местата и приказните подостапни, за да можат посетителите да уживаат и долго да ги паметат, а истовремено и да се промовира посодржајно разбирање и ценење на локалното културно и природно наследство.
Заклучок:
Сите ние сме интерпретатори на нашето наследство! Но оние кои се специјално тренирани за интерпретација на наследството знаат колку многу се важни начините, механизмите, алатките и најсетне секој збор упатен до публиката со цел да се да се инспирираат луѓето подлабоко да се поврзат со тоа презентирано наследство, а во нашиот случај со одличните македонски вина, до толку што ќе се потегнат да дојдат лично во Македонија за да бидат дел од таа приказна и самите да ја градат и пренесуваат понатаму.
Да сумирам, би рекла дека некако кај повеќето од овие вински картончиња како да ми недостасува универзалната порака што треба да биде испратена кон крајните конзументи преку овој додаток. Ако сакате да започнете од некаде со интерпретациска порака за наследството, само сетете се на „Пола за мене, пола за нив“ од документарниот филм „Медена Земја“. Во оваа реченица е содржана целата вибрација што сакале да ни ја доловат авторите на ова дело, и која истовремено инспирира и пренесува универзална порака којашто многу повеќе делува како интерпретација на наследството отколку маркетиншки слоган.
Мене ми е јасно дека на наука како интерпретацијата на наследството ќе ѝ треба доста време додека си го најде својот пат до вистинските интерпретатори на наследството и тој процес е долга инвестиција пред сѐ во време, но и работа со илјадници луѓе преку кои се контестуализираат алатките и методите кои го оживуваат наследството пред очите на посетителите.
А до тогаш,
Наздравје
со македонските вина
кои се наша гордост и
дел од нашиот идентитет.
Василка Димитровска
Сертифициран интерпретатор и
тренер по интерпретација на наследството
и исклучителен љубител
на македонските вина