Во македонската народна традиција за месецот декември постои едно многу убаво именување, снежник – месец на снегот. ❄️❄️❄️
Имајте предвид дека траењето на месеците во минатото не се поклопува со денешните стандардните месеци, туку се броело според поголемите празници, слави и слично. Како што месецот ноември или студен траел од Митровден до Богородица Пречиста, така декември или снежник траел од Богородица Пречиста до Света Ана или Свети Игнат. Од ваквото времетраење на месеците, може да се забележи дека годината има 13 месеци, што всушност се поклопува со бројот на месечевите мени во текот на една година. Денес календарот го толкуваме како фиктивна табела во која се подредени години, месеци и и денови, но во македонскиот народен календар тој преставува сплет од космогонија и земјоделие, митологија и секојдневие и поради тоа е единствен во тој поглед.
View this post on Instagram
Декември или снежник траел од Богородица Пречиста до Света Ана или Свети Игнат и почетокот на месецот го означувал празникот Мартиници (да не го мешате со Обичајот Мартинки). Мартиници или т.н волчји денови започнувале некаде кон крајот на ноември сѐ до првите неколку дена од декември. За овој празник е интересно дека се правеле секакви маѓиски дејства против волците, па дури и се верувало дека не смее да се носи облека сошиена во овие денови оти човекот што ја носи ќе го напаѓаат волци. Не знам дали некаде во Македонија се практикува денес овој празник, но секако дека тој имал многу практична примена особено во оние планински села кои се често посетувани од волците.
Друг момент на кој сакам да се осврнам а на сите ви е познат, тоа се зимзелените дрвја кои се природен украс во пејсажите каде листопадните дрвја потонуваат во сон до пролетта. Зимзелените билки во народните традиции имаат и апотропејско значење чијашто симболика се врзува за претставите на животната снага и бесмртноста, постојаноста и стабилноста, верноста и љубовта. Затоа и најчесто на свадбите се закачувало на реверот мало гранче од зимзелено дрво, за да нѐ потсетува на моќта и поврзаноста со природата и нејзината бесконечна љубов и енергија.
Се разбира дека има уште многу да се зборува за снежник и обичаите кои се практикуваат во овој зимски месец, но треба да оставиме простор и понатаму да пишуваме за нашите празници, традиции и македонскиот народен календар.
Библиграфија:
Ковачева, Л. и Боцева, Л., 2014. Речник на македонските народни празници, обичаи и верувања. Скопје: Центар за културно и духовно наследство.
Китевски, М., 2021. Македонски црковно-народен календар. Скопје: Гирланда.
Трпески, Д., 2015. Годишни обичаи кај Македонците: [живот според народниот календар]. Скопје: Младинска книга.