Home Антропологија ЕУ проекти – Интерпретација на гастрономијата како културен идентитет

ЕУ проекти – Интерпретација на гастрономијата како културен идентитет

628 views
0

Во периодот од 08-15.05.2022 година заедно со тимот на ХАЕМУС го спроведовме проектот „Интерпретација на гастрономијата како локален идентитет“, поддржан од програмата i-Portunus и финансиран од Европската Унија.

Дали некогаш сте се запрашале зошто некои спомени, како што се стоењето на раб од карпа додека ве носи ветрот, производите на локалните занаетчии, шетањето низ стар град полн со мириси и звуци, посета на музеј, изгледан филм, ислушана песна, купено јадење по пат додека трчате на тура на археолошки локалитет или пак одреден туристички водич некаде во светот ви пренеле информации кои ги паметите и денес?

Објаснувањето е многу поедноставно отколку што мислите.

Ваквите искуства се силни затоа што сте биле во директен контакт со места и луѓе и сте се стекнале искуство од прва рака, имајќи ги предвид сите Ваши сетила. Овие искуства го хранат Вашиот ум, Вашето срце и Вашиот дух и сите тие се елементи на добра интерпретација на наследството. Интерпретацијата или толкувањето е моќна комуникациска алатка која се употребува за да се оплемени природното и културното наследство. Затоа е многу важно на кој начин се употребуваат алатките за толкување, бидејќи тие овозможуваат искуство кое луѓето ќе го паметат целиот свој живот.

Овој проект го креирав со уште двајца членови на меѓународниот тим, Дубравко Фијачко (Хрватска) и Јања Сивец (Словенија). Во него беа вклучени и неколку членови на ХАЕМУС како организација којашто беше домаќин на овој проект, а ХАЕМУС исто така беше ангажиран во организација, логистика, подготовка на брошури и комуникација со учесниците, локалните заедници, општините и медиумите, додека пак членовите на меѓународниот тим држеа предавања физички и онлајн.

Во рамките на проектот организиравме два посебни настани, тридневна обука во Скопје и еднодневна работилница во Демир Капија. Проектот го започнавме со дизајнирање на две информативни брошури и за обуката и за работилницата. Потоа создадовме формулар за апликација на Google каде што се пријавијавуваа учесниците и сето тоа го комбиниравме со информации споделени на социјалните медиуми на ХАЕМУС (Фејсбук и Инстаграм).

 

Како локација за тридневната обука го избрав „Ореов лад“ во Скопје, бидејќи комплексот вклучува и гастрономско училиште. Оваа обука беше наменета за оние кои професионално се занимаваат со одреден бизнис којшто во голема мера го допира природното или културното наследство, но пред сѐ е фокусиран на локалната гастрономија. Претходно искуство во толкување на наследството не беше неопходно, но поради спецификата на тренингот кој предвидуваше голем број интерактивни креативни вежби за визуелизација на наследството, бројот на учесниците мораше да се ограничи. Интензивната обука која имаа можност да ја следат околу 20 учесници беше фокусирана на толкување на наследството кон одржлив развој на културниот и природниот туризам. Учејќи преку интерпретацијата на наследството, учесниците имаа можност да ги подобрат своите знаења и вештини за креативна визуелизација и комуникација со цел да создадат културни и туристички производи кои ќе го поттикнат искуството на самите посетители давајќи му подлабоко значење на наследството и придонесувајќи за одржлив развој на нашите локални заедници.

Eднодневната работилница насловена како „Виното – наследството што го пиеме“ којашто ја организиравме во винскиот регион ја организирав во „Музејот на вино“ со цел настанот да се подигне на повисоко институционално ниво давајќи видливост во локалните и националните медиуми. Работилницата во Демир Капија, срцето на Тиквешкиот вински регион, беше организирана во партнерство со самата Општина Демир Капија, вклучувајќи повеќе од 15 мали семејни винарии како учесници. Главната цел беше да се поддржат сите оние кои сакаат да ги подобрат, да внесат разновидност или да додадат вредност на нивните вински производи и услуги, но пред сѐ фокусот падна на локалното вино и гастрономијата кои може да се искористат за да создаде „искуство од прва рака“ важно за посетителите . Учесниците имаат можност преку голем број интерактивни и креативни вежби да имплементираат идеи за примена на нови туристички производи, да ги подобрат постоечките услуги и да ги промовираат своите производи во ново светло.

Со ХАЕМУС за целото времетраење на проектот мошне внимателно ја менаџиравме комуникацијата со македонските медиуми, па би можела да кажам дека генерално сум задоволна од објавите. Вториот настан, поточно работилницата за малите семејни винарии ја следеше и репортер на националната Македонска Информативна Агенција (МИА), а беше објавена и репортажата како преглед од работилницата во која учествуваше и самата новинарка.

,,Вино – наследството што го пиеме” – работилница во Демир Капија

Генерално, се радувам што ги запознавме луѓето во Македонија со толкувањето на наследството и што преку овој проект особено ја ангажиравме локалната гастрономска заедница во Скопје и во Тиквешкиот вински регион.

Една од најголемите придобивки на проектот беше токму и големата инклузивност на учесниците, несебичното споделување на нивните знаења и вештини како и вклученоста на локалната заедница во обид да се најде заеднички модул за соработка кој може да ја промени сликата на цел регион без притоа малите бизниси да бидат директна конкуренција еден на друг. И обуката и работилницата беа наменети за оние кои сакаат да го прошират својот круг на посетители со нов, креативен и ефикасен пристап и со тоа да ги зголемат своите продажни канали, како и за оние кои професионално се занимаваат со одреден бизнис кој го допира природното или културно наследство во голема мера, но првенствено е фокусирано на локалната гастрономија. Имавме голема среќа што членовите на „Slow food Macedonia“ го препознаа потенцијалот на проектот. Тие ја раширија информацијата за проектот преку сопствена мрежа, па многу нивни членови учествуваа во двата настани.

Овој специјален модул за гастрономска обука е дизајниран од Дубравко Фијачко и неговиот Eno-Gastro тим во рамките на Interpret Europe. Наменет е за сите луѓе ширум Европа кои работат во областа на туризмот и угостителството и кои креираат и визуелизираат гастрономски производи засновани на природното и културното наследство.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here