Вчера вечер, на 05.09.2021 во 20ч. во Кинотека на Македонија се случи официјалната премиера на авантуристичкиот документарен игран филм „Брод со Бисери“. Автор на овој документарец и главен менаџер е Регина Икономовска, режисер Александар Зиков, јас ја глумам споредната улога, a ХАЕМУС беше стручен консултант за сценариото.
Според медиумите, прикажаната авантуристичка доку-драма ги воодушеви и изненади присутните, кои појавија интерес за повторно прикажување. Според реакциите на присутните „Брод со бисери“ е филм кој е питок за гледање, во кој убаво се вклопени документаристика, приказни од минатото, сегашноста, нишките што ги соединуваат Турција, Македонија, а воедно сето тоа не изгледа како туристичка ТВ-репортажа.
Се запознав со идејата за „Бродот со бисери“ на авторката Регина Икономовска уште во 2017 година. Тогаш овој документарец сѐ уште беше идеја на хартија, но набрзо почна да се реализира со финансиска помош од Агенцијата за филм на Македонија и со институционална логистика од страна на Р. Турција и претставува прв филмски модел на соработка кој ги вмрежува приватниот и државниот сектор, отворајќи ги можностите за промоција во Product Placement.
Филмот се развива од “почетокот на едно инспирирано патување” на релацијата Скопје – Истанбул и назад низ еден избран дел од Македонија, кој всушност е „скриена дестинација“ која понатаму би можел секој да ја посети. Она што е фасцинантно и изненадувачко е што анализите на приказните опфатени во Истамбул, не случајно се враќаат и разгрануваат завршувајќи во Македонија.
Јас практично и не глумам, бидејќи во овој документарец играм археолог и професионален туристички водич кој зборува, објаснува, го презентира и го доживува културното наследство на Скопје, нешто што го правам секојдневно целиот мој живот.

„Бродот со Бисери“ својата пред-премиера ја имаше на фестивалот „Ода“ во Тетово, а во меѓувреме беше избран меѓу 732 конкуренти и влезе во официјалната програма на филмскиот фестивал „Балкан Панорама“ (Balkan Panorama Film Festival-BPFF), кој ќе се одржи од 27 септември до 3 октомври, во Измир, Турција, под покровителство на општина Буча.
Поради ограничување на места за седење, но и поради рестиркциите заради пандемијата, вчерашната премиера мораше да биде со затворен круг на луѓе и секако со присуство на медиуми. Ќе се радуваме заедно некој друг пат на заедничкото гледање на овој документарно-игран филм. А сега да го пуштиме да плови бродот со бисерни приказни низ светски мориња на фестивалите.