Дома Антропологија Рецензија за серијата Атије/The Gift – или како се создава културна дипломатија...

Рецензија за серијата Атије/The Gift – или како се создава културна дипломатија преку филмска индустрија

1,300 views
0
Археолошкиот локалитет Гебекли Тепе (Турција), впишан на листата на светско наследство на УНЕСКО

 

Изминативе неколку дена се заглавив со гледање на сите три сезони на турската серија Атије. Wooowww, стоп со предрасудите. Ова навистина е турска серија, ама не е она што мислите, бидејќи се работи за врвна продукција од страна на Netflix.

Англискиот наслов ‘The Gift’ веројатно повеќе одговара на ова мало ремек дело во кое axis mundi е археолошкиот локалитет Göbekli Tepe (Гебекли Тепе) стар околу 10 000 години и впишан на листата на светско наследство на УНЕСКО. Околу локалитетот и симболите кои се пронајдени на ова древно светилиште се плете цела приказна која е вонвременска и не ја допира само археологијата, симболизмот и нумерологијата, туку и психологијата, квантната физика, мистиката, романсата, семејните вредности и вечната борба на добро и злото уште од самите прапочетоци на цивилизацијата.

Кратко сиже (без спојлери): централен фокус на серијата е Атије, млада, убава и амбициозна сликарка која има лагоден живот во Истанбул, семејство кое ја сака и богато момче коешто ја обожава. Откако знае за себе, постојано црта еден симбол на своите платна. Тој ист симбол што таа го слика насекаде, во меѓувреме ќе биде откриен во Göbekli Tepe од страна на археолозите и на мистериозен начин ќе почне да го поврзува нејзиниот живот со кодираните тајни скриени илјадници години во дизајните на древните артефакти.

Серијата која спаѓа некаде помеѓу жанровите на трилер и мистерија има многу добри пејсажи, плотот е на ниво од комбинација на Петтиот елемент и Stargate, кастингот е одличен со добро разработени карактери, костуми се врвни и т.н. Според мене можеби требало некои од епизодите малку да ги стегнат заради дејствието, но чинам дека и вака се многу оќеј. Се разбира, како професионален археолог со магистратура и специјализација токму од периодот на Гебекли тепе, не се сложувам комплетно со интерпретацијата на културното наследство кое ги преоѓа границите на појмовното и навлегува во научна фантастика. Но тој мој научен став секако не ја намалува вредноста на ова дело коешто навистина го препорачувам за гледање. Кој би гледал археолошки документарец полн со сувопарни научни факти, ако сето тоа не е зачинето со драма, трилер и мистерија.

Имајте предвид дека модерните турски телевизиски серии (за разлика од оние нискобуџетните кои ги откупуваат македонските телевизии) се дел од културната дипломатија на Турција во која филмската и телевизиската индустрија се една од клучните алатки за туристичка промоција на државата и за економски бенефит на многу сфери вклучувајќи го и богатото и раскошно културно наследство кое се наоѓа на територијата на оваа држава. Фактот што моментално неколку од најгледаните серии во продукција на Netflix доаѓаат од Турција, ја натера оваа компанија да отвори своја канцеларија во Истанбул.

Каде сме ние во оваа филмска приказна? Се разбира дека нѐ нема. И уште долго ќе нѐ нема, да не кажам, веројатно никогаш нема да не има, иако многу би сакала како држава да направиме слични серијали во продукција или во соработка со Netflix. Тоа би била одлична инвестиција во нашето културното наследство и културниот туризам. Кога еднаш веќе постои добар филмски продукт, многу лесно може да се прават тури и културни рути низ локациите на снимањето, како што е случајот со многу светски примери (Хари Потер, Кодот на Да Винчи, Игра на Тронови, Господарот на прстените и др.). Кај нас имаше еден обид да се направи културна тура според локациите каде е сниман документарниот филм „Медена земја“. Но оваа тура уште пред да се реализира доживеа неуспех бидејќи очигледно е дека како народ сѐ уште сме на она колективно ниво со кое трчаме на ефтини шопинзи по државите околу нас, место туристите од цел свет да дојдат кај нас.

И најсетне на што да ја базираме приказната? Што да видат туристите кога ќе дојдат во Македонија? Кога ќе размислам дека странски амбасади ни плаќаат конзервација на наши споменици, се фалиме со 5000 археолошки локалитети од кои само 3 1/2 се спастрени за посета на туристи, а кубуриме со научна и со популарна литература, веројатно сѐ уште не заслужуваме ваква светска промоција на нашето наследство. Ќе нѐ причека Netflix до следниот милениум, ако во меѓувреме не еволуира од интернет телевизија во некој поинаков матрикс.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име