Home Архитектура Рецензија на видео – како Turkish Airlines ја претумба историјата на Скопје

Рецензија на видео – како Turkish Airlines ја претумба историјата на Скопје

3,570 views
0

Неодамна на интернет се појави промотивно видео на турската компанија Turkish Airlines која го презентира Скопје како туристичка дестинација. Ова е од голема важност за најголемата турска авиокомпанија, со оглед на фактот дека веќе со години имаат летови на релација Истанбул-Скопје-Истанбул (и обратно) два пати дневно. Видеото е сѐ што би сакале некој друг да ви сработи за промоција на вашата држава, модерно, живописно, презентативно … арно ама, полно со историски и културолошки грешки кои не би требало да му се случат на голем бренд како Turkish Airlines кој претендира да влезе помеѓу најдобрите авио компании изминативе години и дава огромни суми за реклами.

Во овој краток видео клип, обидувајќи се да го промовира Скопје како туристичка дестинација што ја продава, изнесени се голем број невистини и лажни факти од страна на Turkish Airlines или пак не му се доволно објаснети на гледачот/нивниот потенцијален клиент. Во спорадично нафрланите видео секвенци има неточни работи за Матка, за која пишува дека е природно наследство поставено на листата на УНЕСКО, не е наведено дека Скопското кале има периоди од праисторијата до модерното доба, а не само од „Византија“, а според историските извори Куршумли ан навистина датира од првата половина на 16 век, но англискиот превод/терминологија е погрешна бидејќи она што за Турците е Kursumlu an, за светот е Kurshumli Inn. Поради природата на своите нешта, дури и во светски рамки топонимите кои се поврзани со културното наследство се задржуваат во оригинал, со сосема мали адаптации во преводот кои не го нарушуваат изворното значење на локацијата.

Но дефинитивно најмногу од сите видео секвенци збунува онаа со пејсажот од археолошкиот локалитет Стоби, кој вистина важи за еден од најзначајните локалитети во Македонија, но едноставно не можам да го објаснам моментот што мајка бара Стоби во промотивно туристичко видео за Скопје, ниту што сакал да каже авторот со овој момент. Сметам дека тука би требало да стои инфо за Скупи кој е од огромна важност за историјатот на Скопје и ова го сметам за ненамерен информативен пропуст од страна на оној којшто го правел ова видео.

Ако сакаш да имаш добро сработен проект од областа на културниот туризам, а самиот не си добар познавач на историјата, првата работа којашто секој голем или мал бренд треба да ја направи е да најми експерт кој одлично се разбира од таргетираното културно наследство. Во спротивно, ќе се случат несакани грешки и гафови во нарачаниот продукт, независно која е целта додека се промовира одреден производ.

Чаре? Да се надеваме дека Turkish Airlines ќе ги увидат грешките и ќе ги поправат во некоја нова, ажурирана и веродостојна верзија за промоција на Скопје како туристичка дестинација на Балканот која вреди да се посети. Дотогаш, би требало секоја промотивна верзија за Македонија како туристичка дестинација да биде рецензирана од наша страна и одобрена за комерцијална употреба од одредено државно тело кое ќе сноси одговорност за својата одлука.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here