Дома Антропологија Како крмезот го најде своето место кај Македонските бронзи

Како крмезот го најде своето место кај Македонските бронзи

9,017 views
0

Крмез (лат. Phytolacca americana) е отровна билка со пурпурни гроздести плодови што се смета за коров. Секој од нас видел како изгледа крмез додека се шетал низ некој град или низ природата, а често може да се сретне и по пазарите каде се продава како народен лек во свежа или во сува состојба. Живко Најдовски, авторот на книгата: “Лековити растенија – Ваш чудесен лек“, наведува дека крмезот се користи во народната медицина при ревматизам, воспаление на дишните органи, бронхитис, за подобрување циркулација на крвта во вените, а доколку се нанесе надворешно, се употребува против некои кожни болести и за лекување на сифилис.

Krmez-Krmes
Крмез кај Дрводекор, Скопје (фото Василка Димитровска, октомври 2017)

Крмезот има уште неколку имиња под кој е познат:  крмес, крмус, винобој, гроздобој и др. Името му доаѓа од бобинките кои испуштаат интензивен црвен сок, и во минатото со него се боел текстилот, а секако дека експерименти на оваа тема може да си направите и самите дома. И покрај тоа што се смета за отровен, покрај другата примена, служел и за боење на алкохолни напитоци и тоа изворно поради лекување или магиски причини. И ден денес низ Македонија ќе сретнете локална домашна т.н. црвена ракија, која се прави откако во неа ќе се потопат неколку зрна на крмез.

Една категорија на гроздовидни приврзоци од типот на ,,Македонски бронзи“, во голема мера личи на крмесот. Се работи за група на бронзени артефакти од периодот на железното време, кои се припишани на Пајонците и именувани според територијата на нивната распространетост (1, 2). Овие предметите се поделени според стилските и типолошки карактеристики како накит за раце, за гради и за глава, појасни гарнитури, а како посебна група се издвоени култните бронзи. Овие т.н. Македонски бронзи поистоветени со Пајонците се детермината според која може да се следи нивната активност, живеење и духовен свет во еден долг континуум, особено на територијата на Македонија.

Phytolacca_americana_Krmez_krmes
Изглед на крмез (средина) и на Македонски бронзи (наоколу) Чаусидис, Н. 2017, Македонски бронзи, Скопје, стр. 178

Овие гроздовидни приврзоци кај археолозите познати и како ,,макари”, ги има во изобилство низ Македонија и често се пронаоѓаат на археолошките локалитети од железното доба и од протоисторијата. Новите согледувања насочени кон иконографијата, семиотиката и култната намена на овој тип приврзоци упатуваат на директна инспирација од крмезот, а интеракцијата меѓу предметите го добива и свое содржинско покритие, ако се земе предвид ставот дека корпусот на грoздовидните приврзоци го носел значењето на плодот од крмез (од кој се подготвувал свештениот пијалак) додека шупливиот корпус на топчестите ажурирани приврзоци – значењето на сад (наменет за чување на истиот пијалак).

За повеќе информации на оваа тема, го препорачувам предавањето на проф. д-р Никос Чаусидис на тема „Македонските бронзи“ и религијата на железнодобните култури од Средниот Балкан, одржано во организација на ХАЕМУС во рамките на серијата предавања за ,,Меѓународниот ден на археологијата 2014″

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име