Home Археологија Моето учество во туристичкиот развој на локалната самоуправа во Македонија

Моето учество во туристичкиот развој на локалната самоуправа во Македонија

6,256 views
0

Во последните две години се поретко пишувам на Археоблог. Причината е затоа што сум пребукирана со работа што со домашни, што со интернационални проекти, а тука е и ХАЕМУС, па ми останува многу малку време за да се посветам на креативното пишување. Поминав макотрпен пат за да стигнам до стадиумот којшто го сакам, независен археолог и консултант за културно наследство, нешто кое пред 10 години беше незамисливо во Македонија. Си спомнувам во периодот кога се одлучив дека ќе бидам независна, поточно нема да бидам ‘зависна’ само од државата и од државните институции, голем беше прекорот од повозрасните колеги – дека така никогаш нема да успеам во животот. Но ете успеав. Откако се наработев повеќе од 10 години за многу домашни и странски компании, организации, туристички агенции, National Geographic, UNESCO и секакви други приватни и државни ентитети, на крајот успеав да го постигнам она што сум го сакала отсекогаш. Со сето свое знаење и искуство да придонесам во развивањето на културното наследство, туризмот и промоцијата на Македонија.

Diskobol pred Cocev Kamen
Дискобол пред Цоцев камен 🙂 , археолошки локалитет и светилиште. Локацијата била во употреба од прaисторијата до доцниот среден век и претставува дел од туристичката понуда на Кратово

Веројатно во сето ова помогна и фактот што повеќе од 15 години активно партиципирам во развојот на домашниот туризам, а исто така сум и автор на обемниот проект Macedonia Vision, incoming програма наменета за посета на странските, но и домашните гости во Македонија, со промотивни материјали кои се состојат од туристички мапи, обемен веб сајт, испечатени се каталози на повеќе јазици и брошура со разработени итинерери за екскурзии и излети. Откако пред многу години се здобив со лиценца за професионален туристички водич, секоја година илјадници туристи ми поминуваат на тури низ разни региони на Македонинја, па имам директно увид каде се слабостите и предностите во туристичките понуди.

Во меѓувреме, повеќепати сум давала писмени и видео изјави за медиумите во врска со начинот на кој локалната самоуправа во Македонија се справува и менаџира со своите културни ресурси и дека тоа претставува важен фактор во сферата на културното наследство. И по едночудо јавни критики, мрчења, коментари и сугестии, на крајот решив дека е најдобро наместо да зборувам, нешто да создадам и да оставам зад себе. Па така се вклучив во неколку проекти кои воглавном беа сконцентрирани на одредени микрорегиони и беа насочени кон развојот на локалниот туризам, вклучувајќи правење на стратегии, пишување на студии, мапирање и создавање на туристички рути, се до поставување на информативни табли за туристите. Ова се само неколку од проектите во кои беа активно вклучена и завршија со успешна реализација:

– Студија за мапирање на туристички рути во Североисточен плански регион. Центар за развој на СИПР, Куманово; БДС-Консалтинг, Скопје, 2014

– Бислимска Клисура, потенцијал за равој на алтернативен туризам во Североисточниот плански регион: Изработка на Студија за валоризација на природни и културни потенцијали во Бислимска Клисура во функција на туристички развој со идејно урбанистичко решение на потег од 7 км по течението на Клисурaта, Центар на СИПР, Куманово, 2014

– Туристичко уредување на Бислимската клисура – I – поставување на информативни табли. Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на Република Македонија – Општина Куманово, 2014.

Tabli za Bislimska klisura
Стојам во с. Пчиња пред првата од осумте табли во рамките на проектот кој е веќе реализиран, а беше нарачан од општина Куманово и Северноисточниот плански регион за промоција на Бислимската клисура (Куманово)

По децентрализацијата во Македонија, менаџирањето со природните и културните ресурси им припадна на општините, т.е. локалната самоуправа. Некои општини се снајдоа побрзо, другите полека го трасираа патот, иако сите се трудат на свој начин, колку знаат и умеат, да се промовираат. Во отсуство на некоја повалидна државна стратегија за вработување на стотици незапослени археолози/етнолози/историчари, а во продукција на стотици нови на двата државни факултети во Скопје и Штип, културниот ресурсен менаџмент се појавува како опција којашто би можела да обезбеди краткотрајно или долготрајно вработување за повеќето од нив. Но да не заборавиме, како што до 2004та година пред да го  смениме социјалистичкиот ‘Закон за културно наследство’ – не знаевме што значи терминот ‘културно наследство’, така сега ќе треба генерации на истражувачи да се обучат што значи културен и археолошки ресурсен менаџмент и зошто може да постои археологија како наука,  дури и без археолошки ископувања.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here