Home Археологија Kако да се прилагоди грбот на Република Македонија кон тековната историја?!

Kако да се прилагоди грбот на Република Македонија кон тековната историја?!

5,893 views
0

Центарот за научни истражувања и промоција на културата „ХАЕМУС“, на 18.11.2013 год. го организираше предавањето „Грбот на Република Македонија – тема за дилема“, од хералд Јован Јоновски. Настанот се одржа во Музеј на град Скопје, a поводот беше грбот на Република Македонија, кој повеќе од две децении е вистинска тема за дилема.

coat-of-arms-macedonia-lecture

Грбот на Република Македонија до сега не е ревидиран, иако биле направени обиди тоа да се стори. Со цел да даде мал прилог кон разрешување на оваа дилема за да се најде прифатливо решение за државниот грб помеѓу хералдиката и современата политика, се движеа и размислувањата на ова предавање: Дали треба да го задржиме стариот грб, или да го дизајнираме во духот на тековната историја?

Во текстот ќе го најдете вгнездено видеото од предавачот Јован Јоновски кој е македонски хералдичар, како и основач и претседател на Македонското Хералдичко здружение (МХЗ). Тој е автор или ко-автор на многу лични, семејни, државни или грбови на организации, како што се грбот на општина Радовиш, грбот на МПЦ-ОА или пак грбот на функцијата „Претседател на Република Македонија“ и многу години се занимава со темите од областа на хералдиката, вексилологијата и фалеристиката. Г-дин Јоновски е исто така креатор на грбот на ХАЕМУС, нашиот центар за научни истражувања и промоција на културата, за што тимот на ХАЕМУС му изразува голема благодарност. 🙂

haemus

Официјалниот грб на ХАЕМУС
изработка: Јован Јоновски, хералд 

Концепцијата на ова предавање ни го образложува историскиот тек и публикациите каде се споменува било каков грб кој со себе го носи топонимот Македонија. Бидејќи грбот на Република Македонија не е ревидиран и се уште носи делови од т.н. социјалистичка хералдика, може да се погледне развитокот, а потоа и решенијата на некои од поранешните советски републики кога тие ги ревидираат своите грбови по распадот на поранешна Русија. Во вториот дел на предавањето може да се види образложувањето зошто грбот со лав на црвена позадина не може да биде официјален грб на Македонија, бидејќи сме ја испуштиле шансата до 1998 год. кога Бугарија официјално го прогласува за свој државен грб и го заштитува со интелектуална сопственост на светско ниво. Во последниот дел, хералдот Јоновски ни предлага како би требало да се реши оваа ситуација со креирањето на новиот грб на Македонија, кое сепак останува отворено како предизвик.

По ова предавање, се покренаа низа на прашањата. Факт е дека многу луѓе не се свесни оти хералдиката е игра на симболи од највисоко ниво и дека тоа не се обоени сликички на средновековни рицари, туку имаат длабоко семиотичко значење и интерпретација. Следното круцијално прашање е дали и колку луѓето од Македонија се идентификуваат со некој симбол кој би се нашол на грбот на Република Македонија? Потоа, свесни ли сме дека златен лав на црвена основа нема никогаш да биде грб на Република Македонија бидејќи нашите политичари ја испуштиле можноста тоа да го сторат до 1998 год.?

[youtube]BSPDqgLqNTw[/youtube]

Но она коешто лично мене ме загрижи е тоа што прашањето за грбот на Република Македонија стои како нерешен проблем на една држава. Исто како и хералдичарите, се плашам дека на крајот ќе добие политичко-територијална одредница и некој трет медијатор од страна ќе ни го искреира, бидејќи повеќе од очигледно е дека самите не успеваме во тоа. Да не заборавиме: грбот на една држава (покрај знамето и химната) е еден од трите основни државни симболи што го одразуваат нејзиниот суверенитет и идентитет. А ние и после 22 години се прашуваме зошто другите не не’ признаваат како нација!?

Предавањата на ХАЕМУС се од јавен карактер и концептуално се поклопуваат со целите на УНЕСКО за Отворени образовни ресурси, па овој настан доби логистичка поддршка и од Алијанса за ООР во Република Македонија. Тоа е група составена од поединци, организации и институции кои функционираат како неформална мрежа со заедничка цел – подигање на свеста и капацитетот на академската и научната јавност за создавање и користење на ООР во Република Македонија. Впрочем сите предавања кои ги организира ХАЕМУС се од академски граѓани кои ги прават тие да се интерактивни, настаните аудио-визуелно се снимаат и потоа се достапни на интернет за секој заинтересиран.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.