Home Археологија Артефакти без земја на потекло

Артефакти без земја на потекло

1,916 views
0

Во денешниот број на Нова Македонија, имам изјава во текстот ‘Белград се перчи во Рим со артефакти од Македонија‘. Поводот за овој напис е неодамнешната двомесечна изложба на антиквитети кои ги поседува Народниот Музеј од Белград, а беа изложени во Рим. Се работи за артефакти кои во триесеттите години се ископани на некрополата во Требениште (како кратерот и златната маска), село во близината на Охрид, а потоа заради историските околности (Македонија како дел од СХС) се однесени во Белград. Нивното враќање е се уште предмет на многубројни спорови и дебатите веројатно ќе продолжат во идина иако до сега не вродија некој поголем успех.

Веројатно се би поминало во најдобар ред и би биле горди што светот ги спознава артефактите кои потекнуваат од територијата на Македонија, доколу на изложбата покрај името на предметот и местото (Требениште) не беше наведено од која држава тие потекнуваат. Покрај поставката, пропустот е направен и во официјалниот каталог. Па така посетителите на изложбата во Рим веројатно дома се вратиле со впечаток дека сето она кое го виделе, потекнува од Србија.

Кога се врши археолошко ископување, каде и да е во светот, покрај називот на артефактот и името на локалитетот, мора да стои и земјата на потеклото. Тоа е единствениот валиден начин по научен пат да се докаже матичната држава од која артефактите потекнуваат, независно какви биле историските услови во времето на некое конкретно ископување, вели Василка Димитровска, археолог и граѓански активист во полето на културното наследство.

Тоа што понекогаш во збирките на одредени музеи или, пак, во публикуваните каталози се посочуваат артефактите и нивното местото на наоѓање, но не и земјата од каде потекнуваат, според Димитровска, остава простор за погрешно толкување на предметите во научен, но и во политички контекст.

Мојата изјава за Нова Македонија

За жал, голем број на вредни артефакти кои се ископани на територијата на Република Македонија пред Втората Светска војна, поради одредени историски околности се наоѓаат во музеите надвор од нашата држава. Некои се во околните држави, но има и такви кои по легален (или нелегален) пат завршиле на пример во British Museum. Факт е дека процесот на нивното враќање (a.k.a. реституција) е тежок и долготраен, и тоа е ситуација со која се соочува секоја втора држава во светот чие културно богатство поради најразлични причини не се наоѓа во рамките на нејзината територија.

Она што најмногу ги збунува љубителите на антиквитетите е кога покрај описот на предметот не е наведено неговото потекло. Тоа најчесто упатува дека артефактот е набавен по криминален пат, поради што се прикрива земјата на неговото потекло. Или пак четопати се работи за ненамерен ‘пасивен’ пропуст со цел перфидно да се инсталира погрешно толкување на артефактите, најчесто заради политички поени.

Навистина, професионалците од областа на културното наследство треба да бидат умерени во своите јавни коментари, затоа што сепак се работи за чувствителна тема во многу погледи. Но тоа не подразбира во рамките на реституцијата нашите официјални институции да седат со скрстени раце и би требало да се потрудат во збирките, каталозите но и на официјалните сајтови каде се наоѓаат нашите артефакти, да стои вистинската земја на потекло – а тоа е Република Македонија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here