[youtube]7gDnigQsC_I[/youtube]
Miss Potter е филм од 2006 година кој претставува биографија на англиската писателка за деца Беатрикс Потер (Beatrix Potter) комбиниран со анимирани секвенци од најпознатиот лик во нејзините книги, зајакот Петар (Peter Rabbit). Незнаејќи ја позадината на приказната, она што своевремено ме привлече да го погледнам филмот нормално беа имињата на светските глумици Рене Зелвегер (Renée Zellweger) во улогата на писателката Потер и Јуан МекГрегор (Ewan McGregor), кој го игра нејзиниот издавач и љубовник. Плотот на приказната го прати животот на Потер која потекнува од многу богата фамилија, но наспроти тоа ќе остане осамена се до својата зрела возраст кога ќе ја издаде првата книга со сопствени илустрации. Нејзините дела се инспирирани од европската традиција за раскажување на басни, налик на оние од Езоп, во кои животните се главни личности. Животот на Потер пак е фасцинантна мешавина од успех во професијата, но и личната тага кога ќе почине нејзиниот издавач со кој треба да се омажи.
Од моментот кога ќе стане економски независна, бидејќи книгите ќе се продаваат во огромни тиражи, таа ќе се одвои од своите родители населувајќи се на фарма во близината на Lake District. Тоа е огромна област со езера во еверо-источна Англија, позната уште како The Lakes or Lakeland, еден од 14те официјални национални паркови во оваа држава.
Куќата Hill Top, објект од 17 век во кој ќе живее и ќе ги пишува продолженијата со зајакот Петар (Peter Rabbit), денеска е културно наследство на Англија и се наоѓа во истата состојба од времето кога Потер живеела во неа. За да не пропадне целиот предел, своевремено таа почнува да им помага на мештаните со тоа што купува куќа по куќа, имање по имање. По својата смрт, целото наследство го остава на држава. Денеска Lake District е национален парк кој воодушевува со природата и исклучителната грижа кон неа и е особено популарна дестинација кај Англичаните за празниците. Поради огромниот интерес кој го предизвика филмот, можат да се сретнат многу странци.
Авторката на блогот My Little Treasures, дипломиран англист и преведувач по англиски јазик за делата на Беатрикс Потер вели:
“Морам да признам дека јас како англист, но пред се како вљубеник и почитувач на детската литература најискрено жалам што ние (децата од ’70 и ’80) сме немале можност да го откриеме волшебниот свет на оваа брилијантна писателка. Да не се запознае Зајачето Петар е исто како никогаш да не се запознае Малиот Принц.
Причината за нејзината отсутност, т.е. недостапност за земјите од источниот блок можам да ја толкувам само како политика на тогашните издавачи/преведувачи, односно преферирање на руските, француските и германските писатели. Зошто Peter Rabbit не е на иста полица со Хајди од Јохана Шпири или со прекрасниот серијал за Марика (оригинално Мартина) од Жилбер Делај и Марсел Марие е прашање на кое е очигледно тешко да се даде одговор.
Сепак срекна сум зашто моите деца ке имаат можност да се запознаат со ликот на зајачето, верверичката и другите ”дечиња” на Beatrix Potter. “
Расправа:
До 1990ите години во Македонија како дел од обавезна литература во одредено одделение, во основното училиште беше пракса да се читаат странски книги од типот на Приказни по телефон, Алиса во земјата на чудата, Малиот Принц или Хајди. Иако сметам дека Малиот Принц и Хајди воопшто не се за деца до 10 годишна возраст бидејќи тешко се разбирливи за нив. Во однос на сегашноста оваа перцепција е поместена со тоа што се вклучени и книги како Пајажината на Клементина и Пипи долгиот чорап кои генерации на Македонци немале шанса да ги прочитаат. Се додека Македонија беше дел од поранешна Југославија, до осмо одделение имаше книги за разно разни дружини кои го поттикнуваа братството и единството (Тајното друштво, ПеГеЦе Дружина, Синиот галеб, Улицата на Липите, Црни браќа, Орлите рано летаат, Малиот пират, Децата од Павловата улица) секако со одреден примеси и на домашни автори (Зоки Поки, Волшебното самарче, Големи и мали …)
Првото издание на книгата од 1902
Поминав многу време на интернет читајќи ги коментарите на Youtube под видео клиповите каде е поставена музика или сцени од филмот ”Miss Potter”. Сфатив дека луѓето ги обожаваат зајакот Петар и книгите на Потер кои се генерално наменети за деца од претшколска возраст (најмногу до осумгодишна возраст). Ако Miss Potter е светски најпознатата писателка за деца со чии приказни израснале многу генерации, зошто нејзините дела биле непознати во Ex-Yugoslavia, поточно во Комунистичкиот Блок, а со тоа и во Македонија? Не можам да разберам каква е тој избор на издавачите да се банира најчитаниот автор за деца на сите времиња? Очигледно праксата продолжува дури и денес кога имаме наводна демократија во издаваштвото? Ја прочитал ли воопшто некој од вас Мис Потер?
Дополнување: Патем, филмот е прекрасен и инспиративен. Одличната глума, фотографија и костимографија со лиричната музика во позадина се надополнети со пределите на Lake District, каде се одвивало всушност и оригиналното дејствие во минатото.
Додаток: Како реакција на овој текст на големо задоволство ви ја презентирам бесплатната книга на Беатрикс Потер “Приказната за зајачето Питер” во електронски формат, во превод на издавачката куќа Вермилион од Скопје.
„Зајчето Питер“ од Беатрикс Потер, преведено на македонски јазик, во бесплатна е-книга:
http://www.vermilion-books.info/2010/01/blog-post_19.html
Благодарам за дополнувањето на постот со вашиот превод на книгата за зајачето Питер од Беатрикс Потер, која е ставена под лиценцата на Криејтив Комонс и може секој слободно да ја превземе од интернет. 🙂
одлично инфо за оваа илустрирана книга. имав прилика да ја сретнам во англиска везриза hard copy пред неколку години, и можам само да кажам дека е исто толку убава како и малиот принц. прекрасна приказна!
Поздрав за прекрасниот пост. Беатрикс Потер навистина заслужува внимание. Би го поздравила и гестот на Вермилион за популаризација на оваа писателка и за збогатување на царството на децата.
За оние кои сакаат подлабоко да го запознаат делото на Потер нека го посетат овој сајт: http://www.peterrabbit.com/
Ве очекува пријатно изненадување: прекрасни илустрации, приказни, игри и активности.
Супер пост, и браво за гестот на Вермилион! Се надевам дека ќе има уште материјали, поготово за деца, под СС лиценца!
супер пост. благодарност и до Вермилион.
книгава не ја имам читано, ама ќе ја прочитам обавезно. не сум запознаен кои книги се сега лектири, но кога јас бев дете имаше, како што и ти велиш, еден цел куп „промашени“.
некогаш истото се случува и со средношколската литература. достоевски не е баш за прв, втора година средно… не е баш за сите – ете нека биде. од друга страна ако не тогаш, кога? испаѓа никогаш – а и тоа не го бива. разликата е во тоа што на средношколецот ај некако ќе му го туриш знаењето со инка, на детете не може баш така.
[…] Додаток: На големо задоволство ви ја презентирам бесплатната книга на Беатрикс Потер “Приказната за зајачето Питер” во електронски формат, во превод на издавачката куќа Вермилион од Скопје, која следеше како реакција кога го објавив овој текст на мојот сајт. […]