Home Археологија Мојата куќа од коски на мамути

Мојата куќа од коски на мамути

13,839 views
4

Од време на време низ светските медиуми ќе проструи веста дека некаде на земјинава топка се пронајдени остатоци од мамут.

Неодамна во Србија, на само 300 метри од Царскиот мавзолеј во Археолошкот парк Виминациум кај Костолац, е пронајден скелет на мамут, за кој се претпоставува да е стар околу милион години (1, 2). Минатата година палеонтолозите крај Гревена, во северна Грција, најдоа фосилни остатоци од џиновски кљови на мастодон. Со должина од 5 метри тоа се најдолгите кљови пронајдени досега и ќе влезат во Гинисовата книга на рекордите.

[youtube]PxrNW2CSY90[/youtube]

Во Македонија исто така се пронајдени кљови од мастодонти на неколку места низ земјата, а дел од нив се чуваат и изложени се во Природонаучниот музеј во Скопје. Четири кљови на редок вид слонови пронајдени во близината на цигланата “Киро Чучук” во Велес, се веројатно најголемо откритие на Ристо Гаревски, единствениот признат и познат палеонтолог во Македеонија.

Во своите научни трудови доста често го цитирам Ристо Гаревски, бидејќи во педесеттите години од 20 век, при едно палеонтолошко ископување на пештерата Макаровец (Велес), пронајдени се и првите палеолитски артефакти од Македонија, во стратиграфски контект. Овој локалитет преставуваше репер за идните археолошки рекогносцирања насочени кон палеолитот во кои и самата имам учествувано.

При палеонтолошките сондирања во 1955/65 во средниот дел на Македонија во пештерата Макаровец (кај Велес) се откриени пет артефакти несигурно определени во доцен палеолит, како и доцноплеистоценска фауна потврдена со фосилни остатоци од пештерни мечки (Ursus spelaeus), хиени (Crocutasp.), лав (Panthera sp.), козорог (Capra ibex), волк (Vulpes vulpes), лисица (Canis lupus), коњ (Equus caballus), магаре (Equus xydruntinus).

Музеј на Македонија – Палеолит

Секој пронајдок на овој изумрен вид животни е проследен со сензација и внимание. Зошто пронаоѓањето на еден ваков примерок како мамутот, или поточно на изумрените видови животни од Леденото доба предизвикува огромен интерес кај научниците, а тоа го свртува и вниманието на медиумите?

Изумрени животни од Леденото доба

Археозоологијата е студија на остатоци од животни од археолошки локалитети – коска, заби, рогови, слонова коска, влакна, лушпи, и школки. Археозоолозите се интересираат за односите меѓу луѓето и животните во минатото, проучувајќи разни видови на животни кои ги вклучуваат цицачите, птиците, рибите, рептилите и влекачите, како и школки и други безрбетници. Коските не се секогаш присутни на археолошките локалитети, што зависи од условите како се зачувувале, и најчесто само по некоја коска или делови од коски можат доволно добро да бидат зачувани за археозоологот да може да ги проучува.

Што е она што предизвикало мамутот и многу други цицачи да исчезнат од земјината топка уште пред да дојде холоценот, или нашата геолошка сегашност? Климатските промени, човечките активност, геолошките промени, или во комбинација од се по малку се најчесто споменуваните опции. Повеќето научници во последното десетлетие се сложуваат со теоријата дека климатските промени го условиле истребувањето на големи диви животни кон крајот на Плеистоценот, иако постојат и аргументите за и против човековата улога.

Археозоолозите одговараат на прашања за тоа дали животните биле истерани, ловени или одгледувани, за тоа како биле колени, колку месото придонело за исхраната, кога животните умирале, и секако процесот на нивното припитомување. Студиите за фауна на археолошките локалитети конкретно, можат да покажат за тоа кои животни биле ловени и јадени и во колкав однос. Тоа дава даваат информација за сезоната на користење на локалитетот или за времето на ловење на животните.

Покрај тоа што е коската корисен материјал за правење на алатки, поточно инструмент при нивното добивање како чукала т.е. перкутер, во доцниот палеолит луѓето од еден камп во местото Межирич (Mezhirich,Украина), коските од мамутите ги употребиле да направат привремени живеалишта. Во археологијата овој локалитет пронајден од еден фармер во 1965 година, е познат како засега најстарото засолниште направено од праисторискиот човек.

Реконструкција на живеалиште од коски на мамут
Украина, c. 16,000 – 10,000 п.н.е

Заклучок

Коските од животни на археолошките локалитети, посебно на оние со голема старост, не се пронаоѓаат толку често. И поради тоа нивното значење е големо. Фауната може да биде присутна само ако на археолошкиот локалитет постоеле добри услови за да се зачува. Присуството на разни видови може да ја индицираат важноста во исхраната на човекот (во помала или поголема заедница) и да ја документираат локалната околина. Возраста и полот на животните во една збирка од коски ни кажува за активностите на ловење и чување на стада и за човековата интеракција со животинските видови. Школките можат да укажат на трговијата со далечни простори и комуникацијата помеѓу луѓето во времињата кога нема никаков друг доказ освен археолошките артефакти. А понекогаш може да се случи да се пронајде артефакт кој добро ќе ги протресе темелите на теориите за човековата еволуција.

Додаток 1

Ако сакате да си го преиспитате вашето знаење за постоењето на животните во праисторијата, можете да се обидете да решите еден мал квиз.

Додаток 2

Дел од текстот беше искористен да се подигне статијата за Археозоологија на Македонската Википедија.

Препорачана литература

Binford, Lewis R. 1981. Bones: Ancient Men and Modern Myths. New York: Academic Press.
Reitz, Elizabeth J., and Elizabeth S.Wing. 1999. Zooarchaeology. Cambridge Manuals in Archaeology. Cambridge: Cambridge University Press.
Dincauze, D. F. 2000. Environmental Archaeology. Cambridge: Cambridge University Press.

4 COMMENTs

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here