Home Археологија Македонија доби лабараторија за археометрија

Македонија доби лабараторија за археометрија

1,550 views
0

И порано имам пишувано за недеструктивните методи во археологијата, што е една од целите кон кои се стремат земјите со повисоки стандарди и норми во светот. Во последно време дури е и тренд доколку се има можност за примена на некои од недеструктивните методологии, да се прескокне археолошкото ископување.

Археометрија е збир од физички и хемиски методи кои во археологијата се применуваат за одредување на староста и составот на материјалот. Опфаќа геофизички методи кои се користат за проспекција на археолошки локалитети и објекти: магнетометриски мерења и мерења на електричниот отпор на погребните структури (метални предмети, материјали кои гореле, јами и ровови исполнети со органска материја, ѕидови и гробници). Потоа хемиски и геохемиски методи за одредување на составот на материјалот, како и физичко-хемиски методи за датирање.

На Интернет можат да се најдат најразлични дефиниции (1,2) за тоа што е Археометрија, меѓутоа мислам дека горенаведената некако е сублимат од се што може да се прочита, иако археометријата како наука е прилично комплексна, значајна е од повеќе аспекти и секако не може да се дефинира во само неколку реченици.

Веројатно најголемата база за извор на линкови поврзани со Археометријата е ArchNet, т.е.WWW Virtual Library of Archaeology, каде можат да се најдат релевантни линкови за Археометрија, сортирани според извори, почнувајќи од институции, региони, се до континети.

Проектот за Македонска лабараторија за археометрија беше долго спреман и најавуван, а пред два месеци и официјално промовиран. Носител е Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, а како што се вели во нивното соопштение, во моментов работат со еден од најновите модели на инструменти т.н. микрорамански спектрометар, со чија помош може да се анализираат пигменти користени во средновековното фрескосликарство, како и неолитска и византиска керамика.

Резултатите кои можат да се добијат отвораат поле за многу нови сознанија и понатамошни истражувања. Нека им се со успех работата. Се надевам ќе се најдат доволно причини за соработка помеѓу ,,археометрите” и археолозите. 🙂

Линк: http://archaeometry.ukim.edu.mk/

Дополнителни линкови:

Археометрија
Минхенска група за археометрија


p.s. Имам особена чест да упатам благодарност до особата која ми го остави линкот до сајтот пред скоро две недели како коментар на мојот блог. Само неколку дена по официјалното пуштање на веб страницата. p.p.s. Само да ви шепнам дека и во CSI го користат овој инструмент и некои од споменативе методи. 🙂

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here