Home Археологија ЧПП

ЧПП

5,249 views
0

Дали си навистина археолог ?

Јас сум дипломиран археолог и историчар на уметноста на Катедрата по ‘Историја на уметноста и археологија’ во Скопје, во класата на проф. д-р. Драги Митревски. Во 2011 ги завршив постдипломските студии. Мојата магистратура беше поставена како проект помеѓу катедрите по археологија во Белград и Љубљана. На Катедрата по археологија во Љубљана полагав дел од испитите, додека во Белград титулата магистер по археологија ја одбранив со темата ‘Индустријата на делкан и мазнет камен од неолитскиот локалитет Руг Баир кај Горубинци, во поширок регионален контекст’, пред комисијата во состав: др Душан Михаиловић (ментор), Др. Ненад Тасић, др Драгана Антоновић и др Бобан Трипковић.

Дали овој сајт го правиш од хоби?

Овој сајт своевремено го замислив како мини-проект за да го опипа пулсот на јавноста и заинтересираноста на луѓето за археологијата и сопственото културно наследство. По неполни две години виртуелен живот како блог, Археолошкиот дневник прерасна во сајт, единствен од ваков вид на Балканот. Сајтот почнав да го работам како хоби, но денеска тој е дел од мојот професионален живот, едно од најдобрите CV-ја и еден од најцитираните сајтови на Балканот.

Какви содржини се опфатени со Археолошкиот дневник ?

Своевремено, содржините на блогот беа групирани во две поголеми категории: културното наследство и лични литературни творби. Вторите се веќе одвоени во посебен сајт насловен како Архео-креатива. Археолошки дневник е еден од ретките тематски сајтови во кој се пишува за археологијата допирајќи поширок дијапазон на сродни елементи од популарната култура. Не се изоставени ниту компатибилните науки како историја, историја на уметност, етнологија, архитектура и др.

На кој начин овој сајт придонесува во развојот на информатичкото општество?

Освен тоа што Археолошки дневник како сајт (со свои придружни блогови на македонски и англиски јазик) има големо значење за развојот на македонската блогосфера, како и секој друг поединечен блог, преку него континуирано се врши промоција на македонското материјално и духовно културно наследство. Тоа докажува дека и научните профили во Македонија се способни да ги користат технолошките достигнувања во 21 век, каде одредени содржини можат да се презентираат преку електронски медиум и на тој начин да станат достапни за сите.

Зошто пишуваш на македонски, а не и на англиски јазик?

Пишувам на македонски затоа што целната публика се сите посетители, читатели и коментатори кои пред се го зборуваат или разбираат македонскиот јазик, додека паралелно постојат две англиски верзии на Археолошкиот дневник кои се трудам да ги ажурирам редовно.