Дома Антропологија Медена Земја – визуелизација на интерпретацијата за културното наследство

Медена Земја – визуелизација на интерпретацијата за културното наследство

4,121 views
0
Сцена со ритуална песна за пчелите што никогаш нема да ја заборавите

Македонскиот документарен филм Медена земја е номиниран во две категории за Оскар, откако победи на голем број фестивали ширум светот. Се разбира, наградите во сите категории – се заслужени! Ова е голем успех за македонската документарна кинематографија и упатувам честитки до авторите!

Приказната за Хатиџе Муратова, една од последните диви пчеларки во Европа е вонвременска. Би можела да се случи било кога и било каде на земјинава топка и тоа ја прави универзална пораката којашто сакаат да ја испратат авторите на ова дело. Еден ден, кога едно номадско семејство ја напаѓаат нејзината територија и стануваат закана за нејзината егзистенција, таа се обидува да ги спаси пчелите и да ја врати рамнотежата во природата.

Го поддржувам фокусот на авторите, како што тие самите велат, за „…соодветната употреба на животната средина, правда за сите и откривањето на социјалните проблеми…“, но не можам да го скријам моето изненадување што и покрај сите пораки кои ги испрати овој документарец, медиумите и критичарите, особено домашните, пропуштија и не ја видоа најголемата скриена порака што можеби ненамерно се наметнува во сижето на овој прекрасен филм.

Древна практика за одгледување на пчелите

Документарецот Медена земја е совршена визуелизација на толкувањето за природното и културното наследство. Подобро од дузина напишани лекции кои сум ги прочитала во учебниците и кои сум ги ислушала на тренинг семинарите на УНЕСКО. Но пред да објаснам што значи интерпретација на наследство добро е да се запомни дека:

• По гледањето филмот се претвора во лично искуство
• Нуди патеки кон посуштинско значење, во овој случај поврзани со живот, смрт, преживување, животна средина итн …
• Негува почит кон целото наследство, особено кон рамнотежата со природата којашто е изгубена
Провоцира бранување долго време откако ќе се изгледа

Нематеријалното културно наследство во Медена земја

Како во ретко кој друг документарен филм, во Медена земја на ненаметлив начин е претставена цела палета на елементи од нематеријалното културно наследство на Македонија. За оние кои се помалку запознаени со оваа терминологија, најдобра дефиниција дава Конвенцијата на УНЕСКО која досега е ратификувана во 155 држави во светот, вклучувајќи ја и Македонија.

Терминот „нематеријално културно наследство“ значи обичаи, претставувања, изрази, знаење, вештини – како и инструменти, предмети, артефакти и културни предели  што се во врска со нив – коишто заедниците, групите и, во определени случаи, поединци ги препознаваат како дел од своето културно наследство. Ова нематеријално културно наследство што се пренесува од генерација на генерација, постојано се возобновува од заедници и групи во функција на нивната окруженост, нивната интерактивност со природата и нивната историја, го јакне нивното чувство за идентитет и континуитет на тој начин промовирајќи го почитувањето на културната различност и на човечката креативност.

Конвенцијата на УНЕСКО за заштита, афирмација и промоција на светското нематеријално културно наследство ратификувана од Владата на РМ во јуни 2006

Од 2013 до 2017 Македонија успешно реализираше впишување на пет нематеријални културни добра во разни листи на УНЕСКО (Обичајот „Четрсе́“ од Штип, орото „Копачката“ од Драмче, „Гласоечкото пеење од Долни Полог“, „обичајот Мартинки“ и „Пролетните веселби: Хидрелез/Ерделези“). Придобивката од впишување на некоја од листите на УНЕСКО ја валоризира и ја признава посебноста на наследството на светско ниво. Заштитувањето и афирмацијата на едно културно добро може да брендира една држава или регион, да го направи препознатлив во светски рамки и со тоа да му го зголеми економскиот бенефит. Јас тоа најдобро го знам бидејќи како организација со ХАЕМУС сме носители на македонскиот дел од апликацијата во УНЕСКО за прогласување на ,,мартинките” за светско културно наследство.

Оваа конвенција се однесува на нематеријалното или живо наследство и таа ги опфаќа сите практики, презентации, експресии, инструменти, артефакти, знаења и вештини кои заедниците, групите или индивидуите ги препознаваат како дел од своето културно наследство. Инаку НКН се манифестира во следните домени:

а) усна традиција и изразување, вклучувајќи го и јазикот како пренесувач на нематеријалното културно наследство;
б) изведувачки уметности;
ц) обичаи, ритуали и празнични случувања;
д) сознанија и обичаи што се однесуваат на природата и на универзумот;
е) традиционални занаети;

додека пак под терминот „заштита“ се означуваат мерки чија цел е да се обезбеди опстојување на нематеријалното културно наследство, вклучувајќи ја неговата идентификација, документација, истражување, зачувување, заштита, промоција, вреднување, пренесување, особено преку формално и неформално образование, како и ревитализација на различните аспекти на тоа наследство.

Односите во фамилија од руралните предели на Македонија

Почнувајќи од самиот мед како храна, практиките за неговото создавање пренесувани со поколенија, начинот на ритуалните песни за повикување на пчелите, начинот на чување на стоката, деловите од народните носии, јазикот на кој зборува главниот лик, јуручките пеливани, начинот на живот во рурална средина, поговорките, односите во семејството и сето тоа во предел каде „…зората греит душата и сâнце светло зајдвит в гората и каде дарбите природна сила со сâта раскош ги растурила…“, се елементи кои спаѓаат во доменот на нематеријалното културно наследство, а голем дел од нив се и заштитени со закон.

Особено би сакала да го потенцирам елементот на сознанијата и обичаите што се однесуваат на природата и на универзумот, во овој случај практиката за односот и чувањето на диви пчели како и добивање на мед од нив, кои Атиџе ги научила од своите претци и сака несебично да ги предаде на следните генерации. Ако се земат сите овие елементи предвид, тогаш слободно можеме да кажеме дека во Медена земја е претставен скапоцениот раскош на нашето богато нематеријално културно наследство, како неизбрусен дијамант во круната на светската документаристичка кинематографија.

Интерпретација на наследството во Медена земја

Толкувањето на наследството е наука којашто започнала да се развива во САД пред околу половина век и се вообличила како „Интерпретација на културното наследство“ која има своја методологија и различни школи по светот. Оваа методологија опфаќа 4 принципи според кои луѓето паметат некое искуство низ кое поминале. Медијаторите кои им помагаат на другите тоа да го разберат, се нарекуваат интерпретатори на наследството. Тие успеале во својата мисија доколу со својата презентација овозможиле:

– Почит кон наследството
– Избор кон спознавање на  подлабокото значење на тоа наследство
– Претворање на феноменот. т.е. презентираниот објект во искуство и
– Да предизвикаат резонанца која ќе трае

Сте се запрашале ли зошто некоја посета на музеј, тура со туристички водич некаде во светот, ислушана песна или изгледан филм ви пренеле информации кои ги паметите и денес? Што е тоа што било поразлично да ви остави впечаток па и после толку многу години да ги прераскажувате случките или пак сопственото доживување за нив?

Она со коешто се соочуваат илјадници гледачи на овој документарец се вика всушност  „provoking resonance“. Или преведено со наши зборови, кога ти ѕвони уште многу долго во главата и ушите, а ти се трудиш да го одгатнеш значењето, додека свесно откриваш делови за себе и за природата. Е токму тоа е документарниот филм „Медена земја“. Затоа и нѐ допира толку длабоко во нашето несвесно, а не знаеме како тоа да си го објасниме.

Заклучок

Медена земја е тип на документарец со коишто јас би ја започнувала секоја обука за интерпретција на наследството, бидејќи неформалниот пристап кон учењето всушност најмногу ги охрабрува луѓето да трагаат по значења што им ги нудат природното или културното наследство, преку лично искусување на локалитети, предели, предмети или настани.

Се надевам дека овој успех ќе отвори нови перспективи за нашето наследство, особено кога се работи за реализирање на идеи во доменот на визуелните уметности и креативната индустрија. Сега барем го знаеме правецот кон кој треба да се раководат основните принципи кога се работи за презентација, промоција и популаризација на нашето богато, шаренолико и вредно наследство. 🇲🇰🍯🐝

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име