Дома Антропологија Мојата научно-истражувачка студија за старо Скопје

Мојата научно-истражувачка студија за старо Скопје

3,643 views
0

Кон крајот на минатата година со тимот на ХАЕМУС изработивме обемна научно-истражувачка студија посветена на животот во Скопје, кој културно, социјално и економски интензивно се развивал во периодот помеѓу двете светски војни. Всушност, фокусот на овој проект нарачан и поддржан од општина Центар беше Боемскиот кварт во Дебар Mаало, еден мал микрорегион во срцето на Скопје којшто поради специфичното „наследство“ кое може да се поврзе со минатото на градот, општината има желба туристички да го спакува и да го промовира. Токму поради тоа насловот на трудот гласеше „Студија за Дебар Маало, нематеријално културно наследство – изработка на студија за дефинирање на Боемскиот кварт како културна атракција врз основа на културно – историскиот и антрополошкиот контекст во последното столетие, со акцент на првата половина на 20 век“.

Целта на проектот беше да се создаде и да се обликува приказна за јавноста која ќе биде основа за промовирање и популаризација на Боемскиот кварт (локацијата е сѐ уште дефинирана како Боемска 1 и Боемска 2), но и почеток на процесот за неговото втемелување како културна и туристичка атракција на Скопје. Оваа промоција во најголем дел се заснова на нематеријалното културно наследство вклучувајќи го совремието, но и обичаите, практиките, пијалаците, храната, традициите, облеката и музиката од пред 100-тина години, а во голем дел го инкорпорира и богатото материјалното наследство.

Мои посети во различни години на поставката во Музеј на Македонија посветена на периодот на Скопје помеѓу двете светски војни

Арно ама, да се посегне со валидни историски податоци во минатото за да се направи реконструкција на боемството и неговото поврзување со сегашноста, значеше да се допре период од развитокот на Скопје помеѓу двете војни кога градот не само што почнал интензивно да се развива во многу погледи, туку дошло до формирање на социјални сталежи, различен тип на архитектура, па сѐ до она кое и денес го дава ликот на градот, а се создало во времето на Јосиф Михаиловиќ Јуруковски, за мене можеби еден од најдобрите градоначалници кои Скопје некогаш ги имало. Секако, во научната студија за старо Скопје не изостана вметнувањето и на мои лични белешки, бидејќи потекнувам од стара скопска фамилија со реноме.


Бозата од Апче – нематеријално културно наследство на Дебар Маало и Скопје (лична архива)

Во однос на методологијата, употребивме мултидисциплинарен приод со цел да се собере материјал кој го покрива историскиот период на Скопје од 1910-1940 година. Овој период е од клучно значење за развојот на Скопје, кога од провинциски град во европскиот дел на Отоманската империја, тој прераснал во современ европски град од другата страна на реката Вардар. Секако, со цел да се опфати поширокиот контекст во грубо земената историска рамка, беа вклучени поважните настани кои се случиле десет години пред и по наведениот период. Акцентот беше ставен на Дебар Маало, дел од центарот на Скопје, кој сè уште држи до некои свои традиции.

Во однос на техничките спецификации, а како дополнување на оригиналната научно-истражувачка студија, изработен е детален попис и опис на објекти од културно-историско значење коишто сѐ уште се наоѓаат во Дебар Маало, а кои исто така се и значајни како културно наследство на Република Македонија. За историскиот период 1910-1940 година, како дополнителен извор во студијата приложивме копии од следниот тип на оригинален архивски материјал:

 историски документи
 патни белешки
 црно-бели и фотографии во боја
 скенови од стари весници
 фотографии и цртежи на модели на облека
 разгледници
 поштенски марки
 стари мапи

Како прилог, студијата од 250 страни и 500 страни архивски материјал содржи:

– 20 оригинални интервјуа со локални жители на Дебар Маало
– рецепти за домашни оброци и пијалаци специфични за локалното подрачје и градот Скопје.
Студијата дополнително содржи и предлог за триплет (флаер), материјал кој е основа за промотивен каталог/брошура, листа и опис на 20 рецепти за готвење од традиционални македонски јадења со фотографии, но и материјали кои би послужиле како основа за „Туристички рути во Боемскиот кварт“.

 
Дел од т.н „Палати на старо Скопје“ во срцето на градот (лево) и во Дебар Маало (десно) од периодот помеѓу двете светски војни (лична архива)

Како резултат на оваа студија се појави еден „side project“ на ХАЕМУС за „Палатите на старо Скопје“. За почеток, во рамките на овој проект имав настап на овогодинешниот Fest Forum Skopje Kreativa 2018, бидејќи се работи за еклатантен пример на употреба на креативните индустрии како основа за социјално претприемништво, а потоа како follow up следеше едукативната тура низ „Палатите на старо Скопје“, која несомнено го подигна интересот на јавноста и на медиумите за архитектонското наследство на Скопје во меѓувоениот период.

Остаток од старовремска гостилница во скопското Маџир Маало (лична архива од 2017)

Од името на ХАЕМУС би сакала од сѐ срце да им се заблагодарам на сите поединци, семејства и институции кои ни излегоа во пресрет за овој труд и ни помогнаа да обезбедиме архивски материјали потребни за проучување на градот Скопје од првата половина на 20 век. Се надевам дека овој проект во иднина ќе остави трага за материјалното, но пред сѐ за нематеријалното наследство на Скопје и ќе ми биде репер за мојата лична културна меморија поврзана со минатото на мојот град.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име