Home Архитектура Како што не го давам Велигден, така не го давам ни ГТЦ

Како што не го давам Велигден, така не го давам ни ГТЦ

2,539 views
0

28.12.2014 – Мојот говор да го зачуваме ГТЦ

Не излегoв тука пред вас да кажувам некакви големи вистини за ГТЦ, кои веќе ги кажаа оние постручни и покомпетентни од мене. Ама ќе го кажам она што јас го чувствувам и што секој ден ми создава болка во душата.

GTC 1

Доаѓам директно од јадрото на луѓето кои се грижат за културното наследство на нашава земја, за тоа да остане како трајна придобивка за идните генерации. Секој експерт кој се занимава професионално со било која сфера од културното наследство, има прво граѓанска, а потоа и стручна одговорност да се грижи за севкупното богатство кое луѓето од минатото го оставиле зад себе. Во тоа богатство спаѓаат нематеријалните и материјалните остатоци. Архитектура е секако најмаркатниот белег на еден период, кој го обележува и запечатува минатото низ своите визуелни облици.

Луѓето ме прашуваат што се поздразбира под терминот културно наследство и дали ГТЦ спаѓа во таа група? И самата ве прашувам што треба да се случи за некоја градба трајно да им остане на идните генерации? Па се разбира, услов е таа да го помине тестот на времето.Само тогаш и ние можеме да кажеме дека тој архитектонски објект станал витален орган во организмот на еден град. Зарем треба да ве убедувам вас, драги мои сограѓани дека ГТЦ веќе одамна ги исполнил овие услови? Вас на кои животот катадневно ви поминува, во него и низ него? Вас, кои вашата омилена играчка, првиот бакнеж, првиот мобилен, првиот компјутер…. сте го добиле тука од некого кој ви бил многу драг, а можеби повеќе и не е со вас???

GTC 2

Mештаните на Скопје, но и сите оние кои дошле, прошле и си заминале оттука, го доживуваат ГТЦ како јавeн простор. Како место каде сите слоеви на општеството секојдневно ја (ре)продуцираат културата. Место, кое им обезбедува видливост и учество во општествениот живот и го создава чувството на заеднички идентитет. ГТЦ како јавен простор има многу функции без кои еден град не би бил место за живеење. ГТЦ е место за интеракција, општествени средби и размена, каде може да се изразат разликите меѓу групите и заедниците. ГТЦ не е само архитектонски, туку и јавeн простор кој ги задоволува економските, социјалните, духовните и физичките потреби на луѓето.

Секој град има свои белези и оние зданија кои некогаш биле дел од нечие минато, денес се наша сегашност. На истиот начин објектите од нашата сегашност еднаш ќе станат нечие туѓо минато. Ако не заради друго, ГТЦ треба да го цениме поради почита кон претходните генерации, поради почитта кон нашитеродители и кон нивните родители. Поради почитта кон нашата историја што ја имаме. Но и поради нас самите, затоа што додека секојдневно низ него минуваме,по мал дел од нас во него оставаме.

Vasilka_Dimitrovska_GTC

Дали е ГТЦ е само ,,урбан” артефакт? Не, тоа е дел од нашиот живот. Тоа сме ние: Јас пред пред 5 години, татко ми пред 20 години, дедо ми пред 40 години. Ако го снема ОВОЈ ГТЦ ќе ги снема и вашите дедовци, вашите татковци и мајќи! Ако ги снема нив од вашите сеќавања еднашка, ќе ве снема и вас од сеќавањата на вашите синови и внуци. Моите родители и предци не се ниту од барокниот Версај, ниту од класицистичкиот Берлин. Тие се од Скопје, какво – такво, но за мене прекрасно.

Токму поради тоа, но и поради многу други мои лични и тајни приказни, јас го сакам ГТЦ онаков – каков што е во овој миг. И не би го менувала за ништо на светов!

Како што не го давам Велигден, така не го давам ни ГТЦ!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here