Home Антропологија Изложба – Tauresium: Монети од археолошки истражувања

Изложба – Tauresium: Монети од археолошки истражувања

2,436 views
0

Изложба

Tauresium: Монети од археолошки истражувања
термин: 22.11. 2012
Време: 12:00
место: МУЗЕЈ НА ГРАД СКОПЈЕ
автор: М-р Киро Ристов

Во четврток, на 22.11.2012 во 12ч. во Музејот на град Скопје ќе се отвори голема изложба посветена на продукцијата на монети од Tauresium. Автор на изложбата е м-р Киро Ристов, вработен во истоимената институција, кој е повеќегодишен раководител на археолошкиот локалитет Таор. Овој локалитет во науката е познат и како античкиот Tauresium, кој според пишаните записи на историчарот Прокопиј, бил родното место на големиот византиски цар Јустинијан I.

Изложбата е конципирана во 22 витрини каде ќе бидат презентирани 427 монети, од вкупно 523 колку што се откриени со досегашните археолошки истражувања. Изложените монети го одсликуваат хронолошкиот распон од егзистирањето на населбата, а во исто време ја дефинираат економската состојба на жителите во одредени временски периоди. Заради тоа монетите се презентирани по хронолошки редослед од владеење на императорите и според нивната номиналната вредност.

Разгледница од археолошкиот локалитет Таор

Изложбата ќе биде надополнета со квалитетен каталог на англиски и македонски јазик, почнувајќи со сите достапни информации за досегашните археолошки истражувања во Tauresium и завршувајќи со продукцијата на монети по периоди. Нумизматичкиот материјал е позајмен од збирката на Музеј на град Скопје која е институција под чија закрила се вршат и систематските долгогодишни ископувања во Таор.

Оваа привремена поставка е значајна да се посети од повеќе аспекти. Прво, затоа што Музејот на град Скопје како менаџерска институција во последните години навистина многу ретко прави изложби од ваков тип. Второто и поважното е што светот конечно ќе може да се запознае со локалитетот Tauresium кој се наоѓа на само 20 км од центарот на Скопје. Локацијата има пристапен и релативно добар пат, соодветна инфраструктура за посета на туристи и можност за продолжување на систематските ископувања и истражувања во корелација со светски институции.

Го интервјуирам м-р Киро Ристов, археолог.
Видео клипот е направен благодарение на volan во 2007 година

И како за крај, на Тауресиум имав можност да бидам дел од теренската екипа во 3 кампањи, почнувајќи од моментот кога се почнати ископувањата во 2000та година, па се до 2010 година. Тоа е мојот личен придонес кон културното наследство на Скопје, како и многуте записи кои во пишана или електронска форма сум ги оставила за Таор. Огромната тврдина со дебели бедеми составена од акропол и подрградие расположено на две тераси, открива место каде луѓето живееле со милениуми. Остатоците на многубројните куќи од античкиот период со одлично зачувани долни партии, ни отсликуваат живот кој верувам дека ќе ја предизвика вашата имагинација да дознаете нешто повеќе за световите на древните народи кои некогаш ја населувале територијата на Република Македонија.

Настанот со своја страница на фејсбук: http://goo.gl/ObXUT

Јас и една монета од археолошкиот локалитет Тауресиум 🙂

Датум: 31.03.2010
Место: Археолошки локалитет Тауресиум
ФотографВиктор Алаџајков

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here