Дома Архитектура Св. Софија Охридска заглавена помеѓу желбите за промоција

Св. Софија Охридска заглавена помеѓу желбите за промоција

4,374 views
1

Фотографијата која се наоѓа вгнездена во овој пост го претставува аверсот од една разгледница која ја купив пред некој ден во Охрид, од билетарата која се наоѓа пред црквата Св. Софија. На неа може да се забележи главниот олтарски простор и местото каде што некогашниот амвон на црквата добил функција на турски мимбар во отоманскиот период, кога сите оригинални фрески биле покриени и варосани, куполата срушена, а старата камена олтарна преграда со пластична декорација, била отстранета. На другата страна од оваа разгледница пишува дека на неа е претставена Григориевата галерија, еден анекс додаден на овој храм во 14 век, кој на граѓаните им е познат бидејќи се наоѓа на реверсот од македонските 1000 денари.

Григориевата галерија е величенствена припрата со која во 1313-1314 година охридската катедрална црква била заокружена како архитектонски комплекс. Претставува една од најубавите градби на тој вид византиска и македонска градителска култура и е дело на архиепископот Григориј I, книжевник и политичар кој уживал најголема доверба кај царот Андроник II Палеолог, и кај неговиот канцелар (претседател на владата), Теодор Метохит. Таа е издолжена, конципирана во хоризонтала со портик во приземјето и галерии на спратот. Од северната и јужната страна се креваат посебни оделенија со кули. Фасадата е исклучително декоративна, ѕидана од тули и дебели спојници на матер, а хоризонталната низа на плитките ниши порано биле впечатливи поради својата вонредна полихромија.

На обичните љубители на културното наследство ова можеби ќе им се види како шармантна омашка, доколку зад овие разгледници не стои како институција Заводот за Заштита на Спомениците на културата и Народен Музеј – Охрид. Како што се напишани цели трактати, научни текстови и монографии за црквата Св. Софија, нема потреба да елеборирам за каква кардинална грешка се работи, бидејќи овие разгледници ги купува скоро секој странски турист кој ќе помине или ќе влезе во овој наш културно-историски споменик.

Реверсот на македонските банкноти со вредност од 1000 денари, на кои е претставен дел од Григориевата галерија, припрата од 14 век во Св. Софија, Охрид

Од друга страна, во овој храм нема воопшто вработено водич. Па посетителите доколку не се дојдени групно со свој водич (кој пак никој не го проверува дали е лиценциран), треба да гатаат над фреските што сакале со нив да кажат зоографите од 11, 13 (поединечни потфати) или 14 век, од кога потекнуваат циклусите насликани во различни делови на црквата.

Ќе цитирам еден блогер кој своето мислење го постираше на мојот блог: ‘Наместо да се реши проблемот фино, господски и без непотребна врева и да се лоцира проблемот, ќе дојде некој медиум кој работи за личен интерес и рејтинг, ќе направи невиден скандал од ништо, и се ќе се искомплицира без потреба’. Не можам навистина да сфатам како може еден споменик од рангот на Св. Софија Охридска да биде препуштен сам на себе?! До толку ли ни се потребни скандали и несреќи за да се решат некои елементари работи, како што е заштитниот знак на градот Охрид, град ставен на листата на УНЕСКО од 1980 година.

Толку сме заглавени во пустата желба за промоција на нашето културно наследство, што не треба да не чуди кога другите ни го промовираат. Ама не како наше, туку како свое!

1 КОМЕНТАР

  1. […] This post was mentioned on Twitter by Vasilka Dimitrovska, Vasilka Dimitrovska. Vasilka Dimitrovska said: [нов блог пост] Археолошки дневник vol.2.1/2 © >> Св. Софија Охридска заглавена помеѓу желбите за промоција http://bit.ly/aQoV2n […]

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име