Home Администрација Јас, Гебелс и мојот медиум

Јас, Гебелс и мојот медиум

4,723 views
8

 

Што е медиум?
Колку медиуми знаете кои можат да ви пренесат порака?
Што е поважно – медиумот или пренесената порака?

Аксиома

Секоја подлога (површина) па дури и амбиент, реален или виртуелен, која може на мене да ми пренесе порака – е медиум. Исто како што е уметност секој материјален објект кој на нас ќе ни предизвика фокус на визуелно набљудување и пред се – уживање.

А сега малку теоре(ма)тизирање

Со текот на времето, од праисторијата па до денска медиумот кој пренесува некаква порака се менувал. Прво тоа било дрвото, па рогот, па каменот и керамиката. Подоцна тоа станале иконите, маслените платна, фотографијата, весниците и седмата уметност.

Наеднаш се појавува една поинаква подлога чии информации стигнуваат до сите луѓе. И веднаш читаме нервозни предупредувања за тоа како овој медиум треба да се земе со резерва бидејќи не е медиум, а неговите администратори не се новинари. Чуму тогаш толкава врева. Можеби затоа што постои начин кој обезбедува пристап до милиони луѓе, без за него да и се плати даночна стапка на државата? Или затоа што постои паралелна подлога која ни отсликува уште една поинаква верзија на реалноста? Да не кажам верзија која е всушност најблиска до реалната, оти понекогаш дури и вистината може да биде почудна од фикцијата.

Хартијата не е вечна, ама богами кешот на гугл знае да биде ,,злопамтило”. Така овие написи остануваат засекогаш на интернет да посведочат дека освен официјалната, постоела и една друга реалност. Некому допадлива или не, нормално во зависност од позиционираното седиште кое ни дава своја верзија на гледиштето.

Блогерите се коректори на едно општество и на сите пропратните аномалии кои никој јавно не ги споменува или пак ги прерипува.  Ниту се ,,медиум за информација” како што се тоа весниците, ниту настојуваат во тоа да се престорат оти ќе загубат од основниот шарм. А тоа е дека – ,,Блогот треба да биде гласот на народот”, а не на неколку поединци по весниците и ТВ медиумите кои ги пласираат информациите во јавноста.

За прв пат во историјата на човештвото на луѓето им е дадена една моќ.  Oд повеќето моќи кои можат да се набројат, веројатно најсилна е моќта да се каже сопствениот став.  Блогерите имаат право на свое мислење без да одговорат на ниту едно поставено прашање, ако тоа го посакаат. Но блогот е само една од илјадниците форми на интернетот, прилично моќна, каде покрај индивидуално, може да се сретне и колективно мислење за една одредена работа, што никогаш нема да се случи со мејнстрим медиумите. А иницијаторот на идејата е скоро секогаш во директна спрега со своите читатели и коментатори обидувајќи се во фит бекот да одбрани, докаже или надмине некој свој став. Затоа и го почитувам правото на блогерот да излезе со ник или со вистинско име, што е помалку важно во споредба со значењето на неговото мислење за одредена тема или ситуација.

And now the breaking news. Замислете според нечии критериуми од денеска јас сум Македонски канал за културно наследство , бидејќи од Археоблог и онака започнува сe она што треба да значи популаризација на културното наследство.  Но јас сум некој многу чуден канал. Кога ќе се помножам, поделам и соберам, одеднаш се метаморфозирам во алгоритам кој прави невообичаени интимни односи со блогосверата. Згора на тоа ме сакаат пребарувачките алатки на Интернет и моите постови се појавуваат на првите страници од google.

Сега кога сум комплетно независна на своја платформа, не можеш да ме замолчиш, не можеш да ме забраниш, не можеш да ме уништиш. Го нема повеќе ни Трендо да ме банира на Блогерај, а ниту Блогер МК да паѓа. И како дури сега ќе ме разликуваш од оние кои се ,,вистински медиуми”?

Ова е само еден мал дел од мојата перцепција за тоа што е блог, оти е крајно глупо да се поставуваат било какви дефиниции. Претпоставувам на крајов од текстов се прашувате каде е тука Гебелс во целата оваа прикаска. Истиот оној Гебелс кој толку многу придонел за ,,развојот на медиумите”. Епа него го загинав помеѓу илјадниците написи, блогови и сајтови, врежени и линкани на еден медиум, кој всушност и не е медиум, а чија витруелна митоза е побрза и од најпрефриганата местастаза.

Добредојдовте во нашиот свет 🙂

Напомена – текстот е директно инспириран од коментарот на Роберто Беличанец оставен на блогот Комуникации и колумната на Венко Андоновски – Гебелс и Камениот Медиум.

8 COMMENTS

  1. Луѓето зад блоговите (или Блогерите како што се нарекуваат) не ми изгледаат којзнае колку автономни или премногу горди на својата дејност. Особено сите овие “дискутанти“ околу “аферата Беличанец“.

    Како се затрчаа да се дообјаснуваат со него, а тој ги чека окезен и им вика “знаев дека ќе предизвикам внимание“ (зошто анализирал батката дека после Ванковска, после други примери на јавни истапи “против блогерите“ се стекнува публицитет, ај ти) бидејќи како многу јак бласфемичар ја предвидел реакцијата.
    А блогерите боледуваат од гаден синдром на племе, на малцинство, на субгрупа. Потплукни и сите, скроз сите, подеднакво се вреѓаат и се здружни во “одбрана на идентитетот“.
    Доволно е да се појави некојси анонимен и сувопарен радиодифузен бирократ со глупа изјава полна неоправдани стереотипи, изјава која не заслужува ништо повеќе од потсмев и презир, а не сериозно разгледување, дополнително натегање и “преговарање“ и тие спремни се веднаш оп, да му организираат олимпијада му негова чест.
    Да дадеше изјава некој тип кој не беше “инстиционален“, пример некој граѓанин на ТВ анкета, никој немаше да бара да се “смени“ или “надополни“ неговиот “дискурс“. Ружица Пејовиќ пред 2 години при гостувањето на Вуна, Етна и Коља на МТВ, дрско изјави дека блогерите се дебили, па никој сериозно не се возбуди.
    Со други зборови, во тие случаи, немало “инстиционален“ мастраф.
    Њу Медиа (англиски назив, ами како) истиот тип на луѓе и ментален склоп сe’ како него и нив – алчни за медиумско влијание, бараат простор за манипулирање и знаат добро да се сконцентрираат “интуитивно“ околу сите центри на моќ.
    Проблемот е што моментално се на скалите пред влезот пред Институцијата и треба некој одвнатре, “што ги знае“, да ги повика да влезат.

  2. Ај сеа и биографи добив.
    Од кај бе јас маинстрим и институционален.
    Вози мишко….

  3. Здраво Алекс,

    мислам дека не треба толку остро да гледаш на ова, но сепак го почитувам твојот став. Всушност, начелно се сложувам со поголемиот дел од твоето мислење за блогосверата. Мислам дека со овој настан нема ништо битно да се промени, зошто сите промени кои се нужни се случуваат во нивната автохтона средина, а тоа во овој случај се блоговите и Интернетот. Сепак Беличанец го привлече и го доби моето внимание. Барем за момент. Јас ќе појдам на таа дебата не затоа што сакам да се карам, да се расправам и да се објаснувам дека не се сметам за припадник на ,,групата” за која некој рекол дека 70% е ѓубре. Туку зошто сакам да го видам дискурсот без намера да го менувам, на една персона која тоа го вели јавно, а притоа работи (или е претставник) ни помалку ни повеќе, туку во Центарот за развој на медиумите на Република Македонија. А го плаќам ЈАС.

    Се обидуваш да го ставиш сето ова во институционален калап, иако не е така. Барем не за сите. Кој ќе ме врами на пример мене? Да не кажам кој ќе ме вкалапи кога и онака сум опозиција на целата институционализирана македонска археологија, заробена во својата немоќ со години.

    Што се донесува до шундот, шумот, ѓубрето наспроти ,,блогот како медиум” – сметам дека ,,Глупи блогови нема”. И најглупавиот човек на свeтов има своја приказна. Наше е дали ќе ја прочитаме или ќе ја прерипаме. Медиумско внимание во помала или поголема доза бараме сите, без пардон за било кого. Инаку не би биле активни на Интернет.

    А што потоа? Потоа си продолжувам(e) пак по старо. Sieg Heil. 🙂

    p.s. Искрено, јас би сакала да бидеш присутен на дебатата, но тоа е веќе твој избор.

  4. Добредојде Роберто Беличанец на мојот сајт. Поздрав и се гледаме во петок. 🙂

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here