Home Археологија Камените рози од Македонија – пештерски ситем Алилица

Камените рози од Македонија – пештерски ситем Алилица

4,168 views
3

Ова се едни од најубавите сталактити во Република Македонија т.н. Камени рози кои се наоѓаат во пештерата Алилица, с. Тресонче, Западна Македонија.

Планинскиот масив Бистра во својата утроба крие пештери кои поседуваат импресивни гео-морфолошки облици, а љубителите на спелеологијата од милост ги викаат пештерски накит. И со право. Тој ,,накит” може да се состои од сталактити, сталагмити, сливови, корали, завеси, драперии, необични облици по ентериерот на пештерите, а сето тоа во еден амбиент кој дополнително може да биде збогатен и со водопади, езерца и вистински подземни езера.

Одењето по пештерите пред да се запишам на факултет ми беше хоби. Подоцна кога ми се зголемија знаењата од археологијата, ми стана и хоби и професија. Меѓу сите пештери во кои сум била (а бројката е неколку стотини) по својата сложеност и необичност се одликува пештерскиот систем  Алилица. Овие пештери се наоѓаат во долината на Тресонечка река, притока на Мала река. Пештерскиот систем го сочинуваат два отвора на пештерите Долна и Горна Алилица, кои меѓусебно се поврзани со вертикален и кос канал.

Поточно, пештерата Алилица се наоѓа 4 км источно од с. Тресонче, во долината на Тресонечка река од нејзината десна страна. Кога се тргнува од с.Тресонче постојано се следи шумската патека која почнува на висина на ниво на Тресонечка река и се протега цело време вдолж неа. Пештерата од селото е оддалечена околу 3,5 км или околу 45 минути одење. При тоа сте принудени да поминете низ фантастична природа, во последните 800 м. да се измиголите помеѓу два сипари на камења оддалечени помеѓу себе 400-500 м., да поминете под водопади и да стигнете пред влезот на пештерата Долна Алилица.

Овие фигури на еден од ѕидовите на пештерата претставуваат мало животинско царство. Ако можете да приметите, некои од нив личат на слончиња.

Моја препорака е ако некогаш се наканите да одите дотаму, тоа да го сторите во присуство на алпинисти, спелеолози или други стручни лица, затоа што влезот во пештерата е вертикален канал длабок повеќе од 20 метри. На почетоткот ќе ви се отвори огромна сала (чинам висината и беше неколку стотина метри) преполна со пештерски накит која е поделена со помош на една река. Од неа се двојат два канала од кои едниот продолжува на исток узводно, а другиот на север низводно. Од едната страна на подземната река, а и во неа се наоѓаат подземни блокови срушени од таваницата чиј резултат на дното од салата создал најразлични акумулативни форми, а на самата таваница пак форми во вид на сводови, кубиња и др.

Ако тргнете налево вдолж реката, имате големи шанси (пред да изчезне) пред нејзиниот крај да видите фантастичен водопад, кој се излева од ѕидовите на пештерата правејќи однадвор исто така водопад крај кој минувате на доаѓање. Ако тргнете надесно, ви се отвора еден свет како да сте на друга планета. Салите со млечно бел варовник, тишината која ве милува, и целата атмосвера на ентериерот ви го прават доживувањето импресивно и незаборавно. Мали езерца, необични кули и присуство на голем број украси на таваницата и подот ги спречуваат спелеолозите во понатамошното истражување, бидејќи постои голема можност некои од овие украси да бидат оштетени.

При моето последно истражување со Пеони се регистрираа и неколку новооткриени канали со должина од околу 200 м. за кои е потребно дополнително подетално истражување. Верувам дека во иднина пештерскиот систем Алилица треба да биде наменет за посета на спелеолошки групи, а ако се интервенира во внатрешноста може лесно да се адаптира дел од просторот и за туристички посети. Според мене многу е важно да се постави метална врата на влезот на Долна Алилица за да се спречи неконтролираното влегување во пештерата бидејќи веќе се забележуваат оштетувања од несовесни посетители. Но ако било кога имате можност да ја посетите верувам дека нема да зажалите бидејќи можете да посетите место кое се наоѓа на триаголникот помеѓу преубавите мијачки села Галичник, Гари и Лазарополе. И една прекрасната планинска природа која ви го одзема здивот.

Горната слика е т.н. ,,Кривата кула од Алилица”. Претставува спој од сталактит и сталагмит во една од салите во пештерата

Овој текст на времето го работев како сепарат за еден проект на Спелеолошкото друштво ,,Пеони. Постот во редуцирана форма е достапен и на мојот англиски блог. Доколку кликнете на сликите можете да ги видите во подобра резолуција.

Дополнителни линкови:

Пештера Алилица – (спелеолошко-географски карактеристики)
Пештера Алилица – од сајтот на Крале Марко

3 COMMENTS

  1. Здраво,
    Имам едно мало прашање во врска со пештерата, која сакам да ја посетам во месецов што следи.
    Во вашиов пост читам дека пештерата е оддалечена 4км од Тресонче, а доколку добро се сеќавам, лани бев во Тресонче и како да видов некаде дека е оддалечена 1км.
    Другото прашање е во врска со влезот во пештерата… некаде прочитав дека влезот е вертикален и е висок 2м, во вашиот пост читам дека е висок 20м??? Кое е точно? Се надевам дека ќе добијам корисна информација од вас, ќе ми треба… Благодарам

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here