Home Археологија Осврт кон – Невработеноста ги погаѓа археолозите (на ТВ Сител)

Осврт кон – Невработеноста ги погаѓа археолозите (на ТВ Сител)

837 views
0
Убаво е кога мојот блог и моите размислувања ќе му послужат на некого како појдовна точка за понатамошно трагање по информации. Лошата работа со македонските новинари е што никогаш не кажуваат од каде ја нашле идејата за информацијата, бидејќи очигледно се уште не се на стадиумот да го да го линкаат својот извор. Ништо страшно, но бидејќи тоа ми смета (посебно како блогер), морам јавно да го кажам.

Кога ја слушнав веста за ,,Невработеноста ги погаѓа археолозите” (на ТВ Сител) си помислив дека новинарот Игор Ивковиќ истражил нешто повеќе од она кое јас го напишав на блогот уште во април, во постот насловен како ,,Агресивна археологија – во Македонија има над 400 незапослени археолози“.

Од друга страна, добро е што медиумите барем се заинтересирале за оваа тема и што е напишан каков-таков текст, бидејќи археолозите заедно со историчарите, историчарите на уметноста и етнолозите наместо носители на идентитетот на една држава, во моментов се поставени на најниските гранки како науки.

Да, вистина е дека невработеноста ги погодува археолозите. Но не се погодени само оние невработените (кои во случајот со Скопското кале чекале и 20 години да стигнат да работат како археолози по своето дипломирање), туку и вработените кои се поставени во позиција на пинг-понг топки во своите матични институции. Нормално во зависност од наклоноста на владеачката гарнитура. На пример, немам ништо против сегашната директорка на Музејот на Македонија. Дури имам и пофалби за нивниот медиумски атак (1,2) кој е невиден од самото постоење на оваа институција. Но сепак кажете ми каква е таа археологија кога однапред, уште за време на изборите, се знаеше дека местото директор на Музеј на Македонија ќе и припадне на партијата ДОМ. Можеше да биде било кој, но за среќа Музејот доби одличен, барем за сега – менаџер.

Фактот кој стои во CV-то на Македонија како држава, е дека таа е единствена земја на Балканот (ако не и во Европа – но треба да проверам) која нема сопствен Археолошки институт каде би работеле кадри од најразлични профили, секој стручњак во своето поле на истражување.

Решение за вработеноста на археолозите би биле и евентуалните приватни музеи, вработување во постојаните музеи кои се на издишување поради спороста и староста на своите кадри, можноста според новиот закон како секаде во Европа – општините да вработуваат по еден археолог итн. Уште една опција каде археолозите би можеле да помогнат притоа верификувајќи го својот труд, се приватните археолошки фирми. Надвор од Македонија тоа е пракса која е позната одамна, а на Балканов моментално предњачат словенците.

Така да ова е многу поширока и хуманистички подлабока тема од само 8-те реченици кои ги напишал новинарот Игор Ивковиќ за ТВ Сител. Но ајде, барем напишал нешто. Сосема доволно за да археолозите во сегашноста не се заборават, и не станат предмет на некоја идна археологија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here