Може ли држава да има своја болка?
Таа кобна 1948 година фамилијата на мојот дедо засекогаш се распрчка по светот. Од шест браќа и две сестри, повеќето не ги виде никогаш во животот. Некој замина во далечната Австралија, некој само до Белград, а двајца од нив ги сокапаа своите коски 20 години по заднаните на тогашна Грција.
Кога на почетокот од 21 век падна ембаргото за сите оние Македонци кои се родени во егејскиот дел на Македонија, мојот дедо посака да отиде да го види своето родно село Ајватово, крај Солун, денеска прекрстено во Лити. Со месеци му велев на татко ми дека тоа треба да се изведе мошне умно. Па така прво појдовме до Грција да го фотографираме селото и околината, а подоцна сѐ вративме со камера барајќи да снимиме барем еден жив човек од неговата генерацијата. Му велев на татко ми “ако дедо преживее гледајќи ги снимкиве, можеш да го носиш во Грција”. Во тоа време веројатно и не можев да го сватам бремето кое со генерации тлееше во генетскиот код на мојата фамилија. Но гледајќи го дедо ми, сега веќе кревок старец, како липта пред снимките, ги доживеав товарот и болката со кој тој безгласно живееше толку многу години. И одеднаш се прекршив. Имав чувство како сето тоа да било моја лична историја, иако никогаш не сум ја преживеала, ниту пак сум била дел од неа. Историја која молкум е запишана во свеста на сите минати и идни генерации, а никогаш на хартија. Како отсекогаш да сум била вовлечена во таа безвременска приказна на мојот дедо кој се обидуваше да ни ја пренесе на мене и на брат ми како наследство кое вткаено во кодот на македонскиот народ провејуваше со стотици години.
Се уште не знам зошто не отидов на тоа патешествие со татко ми и чичко ми во родниот крај на мојот дедо. По кажувањата знам дека во моментот кога пристигнале во атарот на селото, тој клекнал и почнувал да ја бакнува земјата ронејќи ги грутките низ прстите и топејќи ги со своите солзи. Татко ми потоа долго повторуваше дека стоеле скаменети со мојот чичко не знаејќи како и самите да сѐ справат со емоционалниот шок кој го преживеале. Ниту пак јас знаев да сѐ справам со некои работи од типот зошто моите вујни и чиковци кога ќе им појдевме на гости во Солун не смееја да зборуваат на македонски јазик, па поради тоа како мала научив да го зборувам грчиот јазик течно. Оти тоа да ти било единствениот начин да се разбереме самите ние – во фамилијата.
Отткука сижето во книгата Проколната земја од авторот Мирон Динков го доживеав како моја лична судбина. Егзодусот на сите Македонци од егејскиот дел кој моментално територијално и географски и припаѓа на Грција, е моја лична болка. Еден сосема навидум обичен роман ми заштеди илјадници зборови и уште толку интерпункциски знаци кои се потребни за да се опишат историските околности и социјалните случувањата кои придонеле за болката на една земја. За многуте светови поделени на половинки. Но тие не го чинат целото. Зошто знаеме дека “цело е само кога има се”.
Проколната земја од Мирон Динков е роман кој би требало да биде посветен на Македонија. Онаква каква што сме ја познавале и каква што всушност би требало да биде, а не каква што е. Ова е запис за многу човечки судбини, но за една болка. Болка која стихијно тлее во свеста на гените заробена во својата немоќ со столетија. Болка која никогаш не била вон фокусот на вниманието, иако многубројни настани ја менувале перцепцијата дека човекот не размислува за последиците од неговото создавање и уништување. Факт е дека некои болки ќе останат бесконечни. Веројатно најтешки се оние кои човештвото ги носи инкорпорорано во својата колективна свест, за да послужат како пример на идните генерации.
Алегоријата за болката на Македонија како Проколната Земја е прикажана во фабулата на романот која ја прати судбината на фамилијата Динкови од село Церево (Леринско) и нивните четири сина и една ќерка. Во обид да ги спаси од пеколните војни кои со години биле очекувани на овој дел од Балканот каде Турската империја се почесто колабирала, таткото Петар Динков своите деца Ѓорѓи, Ташко, Петро и Стефан ги праќа во ветената земја Америка. Сите карактери се толку пластично опишани и ликовите се толку блиски, како да се дел од вашиот комшилак. Како да биле тука отсекогаш, иако не дели цело едно столетие од нивните животни приказни. Плачев и читав. Можно ли е во секој од нив да се крие тајната за Македонија.
Преку патувањето кое започнува далечната 1911 година, потоа пристигнувањето во Америка, сместувањето, а подоцна живеењето во тогашната САД, се нижат ликовите на фамилијата Редмонд, рудникот каде работат, рударите, Арсак, садот … Бостон, нивните свадби, радости… Но во исто време и разделбата и тагата која секогаш ги влече на едно исто место. Земјата на спомените – Македонија.
Токму поради тоа најмалиот од сите нив Стефан по 20 години поминати во Америка како богат човек-бизнисмен, решава да сѐ врати во своето родно село. Тука започнува вистинската мешаница од чувства помешана од навреда, лутина, достоинство, одмазда, мачнина, тага, страв, одговорност… во земја во која е променето се, од името на неговото родно село, неговото лично име, до неговиот иденитет.
Секој запис е сведоштво за една персона, за еден народ, за еден јазик, еден етнос. За неговото постоење. Затоа, да се промени името на некој човек во историјата се смета дека претставува почетен чекор кон бришење на национален, културен или личен идентитет. Посебно со примерот на менувањето на идентитетите во Отоманската империја, кога Турците се обиделе да напишат и да создадат еден свој дискурс на историјата, а подоцна со геноцидот на Грците врз етничките Македонци населени во тогашниот северен дел од нивната земја. Но не може едноставно да се удри четка врз сите културно-историски споменици и свежо варосаната боја да ја исчисти историјата напишана со крвави букви врз белиот малтер. Се вели дека историјата ја пишува победникот. Ама од такви истории кои ги пишувале победниците денеска се соочуваме со дупки во колективната меморија, кои со сета силина на вртолог ја вклучуваат и судбината на Македонија. Што станува тогаш со губитниците?.
Болката која ја има Македонија низ својата историја не е ниту прва, ниту последна. Ниту пак единствена во светов. Секoja држава, народ, ентитет, си има своја болка и секој мисли дека неговата е најголема, најдлабока, бескрајна. Затоа прикаската за Александар Македонски, чашата со сонцата од штитовите, двете змии и една клетва се преклопниот дел во книгата. Тие се почеток и крај кој се спојува во една мачна бесконечност. Смртта на еден од најголемите кралеви во историјата на човештвото служи да не врати и да не потсети на автентичните настани кои многупати ќе се повторат низ историјата на еден народ. А народот пак вели дека нема ништо полошо од тоа историјата да сѐ повторува. И така се во пеколниот круг на една Проколната Земја.
Поентата на авторот кој и самиот има потекло од егејскиот дел на Македонија се пронаоѓа во вториот дел од книгата која веќе го допира и нашето совремие. Засегнат со болните реални факти кои историјата ја прават извитоперена контеса, а во обид да се врати кон своите корени, тргнува во едно лично патешествие со непознат крај. Иако тој се наѕира од секоја запишана реченица, дека еден човек, една фамилија, една земја, може да опстане само ако е целосна. Ако не е поделена. Со кантар на кој од едната страна се ставени надежта за среќата (лична и општествената), а на другата страна – вистината … За тоа кој си, што си, од каде си и кому припаѓаш.
[youtube]CkFMjP8WQNQ[/youtube]
И за крај, не знам дали сѐ сеќавате на видео спотот и на песната од Miyatta посветена на Македонците од егејскиот дел на Македонија. Минатото не треба да се оживува, треба да сѐ надживее. Но за да го надживееме, најпрво треба да го запознаеме за да можеме да го надраснеме. А пред тоа, треба да го запишеме.
Ова мое скромно мислење е во чест на анонимниот автор Мирон Динков кој ја напишал оваа книга. Зошто што знае дека “вистината” е таа која опстојува. Затоа драги мои блогери, пишувајте за неа.
Зошто незапишано-неслучено.
Kлучни зборови: Miron Dinkov, Prokolnata zemja, kniga, Matica Makedonska, Мирон Динков, Проколната земја, книга, Матица Македонска
Деновите на штрајкот во образованието ги искористив да ги прочитам сите Ваши „постови“. Го ставив во наводници
бидејќи сум професорка по македонски и тешко ми паѓаат таквите зборчиња директно преземени од англискиот јазик.
Воодушевена сум од Вашиот блог и од сите текстови во него, од вашиот став, стручност, умереност во коментарите.
Последниов текст ме потсети на сите изминати години кога во училиште ја работевме „Црно семе“ и колку се мачев
да им го сменам негативниот став на учениците за „егејците“. За нив тоа беа исто што и Грци, предавници, циции,
одземачи на правата на вистинските Македонци. За среќа, последниве години се отвори прашањето и вистината допира
до луѓето па така таа станува колективна болка. Јас се уште многу малку знам за блогерајот и воопшто за компјутерите
(мака на постарите генерации), но секој ден учам по нешто. Но, кога набрзо ќе научам би сакала да направам блог за
употребата на македонскиот литературен јазик, но и за собирање на сите приказни од Македонците од Егејска Македонија
што ја преживеаја таа грозна судбина.Ако се нафати некој друг за ова, уште подобро (мислам на приказните). Поздрав
судбина
мислам дека сите бегалци имаат иста судбина и иста болка. мојот татко е дете бегалец, а баба ми копнееше да се врати назат, и никогаш не се врати, но добро барем отиде да го види повторно своето родно место ито како и татко ми. како и да е ,,татковината е копнеж на прогонетите“.
Мислам дека не постојат зборови да се опишат тагата и маките на македонците од егејскиот дел на Македонија. Не дека нивната болка е најголема на светот или единствена. Но едноставно не смее да се заборави. Растеме со сопствена историја која голем број од нас не ја ни познаваат, а уште помалку се чувствуваат како дел од неа. А таа да ти била тука отсекогаш … како клетва.
Иста приказна и во мојата фамилија. Татко ми уште го нема видено родниот крај, баба ми барем еднаш отиде пред да почине. Роднините не зборуваат Македонски. Јас не научив грчки. Ќе научам кога ќе ме смета таа држава за човек.
А и сам сум го доживеал односот на другите кон „егејците“. Онака за зафрканција, за подоцна да прерасне навистина во стигма. Вие кои дојдовте, добивте станови за џабе, ништо не работите, итн. Поделби меѓу самите македонци, можеби и поттикнувани од некого… Пак недоволно сознанија имаме и за овој феномен, и за низа кодошења и…
[…] Македонска, на 23 јануари (17ч.) ќе биде претставен романот „Проколната земја“ од анонимниот писател Мир…. Читателите ќе имаат прилика да го запознаат и […]
[…] од мојата рецензијата за книгата”Проколната земја”, најдобро документира што точно се случуваше со […]
Knigata mi ja podari mnogu drag prijatel i ja prochitav so solzi vo ocite i mnogu emotivno ja doziveav. Jas nemam nikoj od familijata shto e so poteklo od egejskiot del i nemozam da kazam nishto osven deka lugeto go pravele ona shto e najdobro za niv vo momentot nikoj nesakal da si go izgubi deteto vo vojna da go zacrni vo taga semejstvoto, nemale golem izbor. Toa shto dobile stanovi i pari i neznam shto, treba da znaat lugeto deka ne e se vo parite, nesonicite i koshmarite se neshto shto ne se naplatuva. Faktot deka sekoj eden begalec od egejskot del se budel navecer i se vrakal nazad vo rodnoto mesto e golem psihichki teret i bolka koja samo toj shto sonuval deka e nazad doma vo rodnoto mesto, a se budi nekade shto samo se narekuva doma moze da razbere i da ja oseti taa bolka vo gradite. Knigata e prekrasna… lesna e za chitanje, narodski napishana sekoj da moze da ja razbere ja preporachuvam za sekoj eden shto reshava da zamine vo stranstvo da ja prochita, a onie shto se zaminati pred triesetina godini nemora da ja chitaat veke e docna za niv. Vsushost za niv treba da se napishe posebna kniga.
[…] или Кочо Рацин, Славко Јаневски, Ташко Георгиевски, Мирон Динков итн. Според мене од огромно значење е кога книги за […]
[…] или Кочо Рацин, Славко Јаневски, Ташко Георгиевски, Мирон Динков итн. Според мене од огромно значење е кога книги за […]
страшна е судбината на Македонците од Егејска Македонија, децата бегалци…
и денес во Македонија, тие се` уште се бегалци…
но, не треба да заборавиме, и дека постојат други, од 1913-1916 г. бегалци, т.н. „бежанци“, кои во Македонија ги има единствено во југоисточните краишта, и се со потекло од Кукушко, а денес во Бугарија прават можеби една третина од бугарската популација…
кај голем дел од нив, за жал, свеста е променета…
имав неодамна, можност да разговарам со Македонец, од Петрово, крај Софија, кој рече дека кој влегол во таа земја (Бугарија), не останал ист, што зборува само за една страшна асимилаторска политика, која сепак не дала целосни резултати…
им се восхитувам и ги бодрам сите Македонци денеска во Пиринска и Егејска, кои опстојуваат и не се откажуваат од својот идентитет…
ако тие тоа таму го прават, и покрај сите закани, кој ми дава право мене од овде, да се откажам од она за кое некој го дал/ дава својот живот?
ќе се потрудам да ја најдам книгава,
благодарам за препораката…
поздрав… 🙂
[…] Динков кој ја напишал оваа книга. Зошто што знае дека ”вистината” е таа која опстојува. Затоа драги мои блогери, пишувајте за […]