Home Антропологија Четвртата димензија

Четвртата димензија

1,679 views
0

 

Кога ќе се пронајде еден артефакт на археолошко ископување, тој веднаш се документира. Покрај фотографија, обавезно му се земаат x, y и z, т.е. должината, ширината (од некоја однапред одредена оска) и висината (од определен и познат репер).

Но сите археолози по ископувањето всушност ја забораваат и четвртата димензија на артефактот. Таа димензија не зборува, но ни покажува каде е местото на тој предмет во долгиот континуум од човештвото и колку може да биде долга човечката меморија. Колку долго можете да паметите некој настан или лица пред да ви избледнеат? Или предмет?

Времето – што е тоа? Св. Августин запишал:”Ако некој ме праша, јас знам. Но ако треба да објаснам, е тогаш не знам.” Постојано се обидуваме да го вратиме загубеното време. Или ние патем се губиме во времето… Ако се запрашаме дали времето има почеток, секако нема да го најдеме вистинскиот одговор.

Времето е релативно, исто како и нашите мисли, додека предметите се конкретни. Концепцијата предмет -> време тогаш би  ја опфатила обсервацијата – дека предметите имаат две природи. Онаа која ја гледаме и допираме, и онаа која стои во позадината на оваа перцепција.

Ако е времето четвртата димензија, тогаш веројатно петтата би била концептот за неговото создавање. Така синтезата на еден археолошки запис ќе се состои од место, време и човек. Зад секој предмет стои човек кој го создал. Неговата спиритуалност и мисли се заробиле во него и оставиле доволно отпечатоци во реалниот свет за да бидат дешифрирани. Но релацијата помеѓу недопирливото и опипливото културно наследство (во овој случај предметите) е нераздвојна. Сепак би рекла дека вистинското депо за едно наследство всушност е човечкиот мозок, а телото е само инструмент со кое тоа стапува на сила и се материјализира. На добар пат сме да помислиме  дека и човечкиот идентитет може да претставува артефакт?

Хм…

Знаеме дека времето е мудро. ,,Најмудро” од сите димензии. Затоа што ги познава сите тајни и ги крие сите одговори. А тоа нели е понекогаш, поважно од се. Важно е исто како и нашиот одговор. Кој лежи некаде ,,длабоко закопан” во времето …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here