Апликацијата за археолошкиот локалитет Кокино, локација на која се живеело и творело во бронзеното доба, е повлечена од листата на UNESCO по негативниот извештај од евалуацијата при експертизата извршена од страна на ICOMOS. За да ја поедноставам процедурата во објаснувањето на извештајот кој самите можете да го погледнете на интернет (pg. 262-271), ќе ги подредам настаните по хронолошки редослед.
1. Го пријавуваме архео-астрономскиот локалитет Кокино на привремената листа на УНЕСКО (линк)
2. УНЕСКО го враќа извештајот заради непотполни технички детаљи (линк)
3. Нашиот извештај е преработен и повторно пратен во УНЕСКО (линк)
4. УНЕСКО го одредува ИКОМОС како советодавно тело за мониторирање и експертиза на Кокино (линк)
5. ИКОМОС дава негативен резултат за Кокино да не биде заведен во Светската листа на наследство на УНЕСКО (линк)
6. Ние ја повлекуваме апликацијата за Кокино, бидејќи остануваат многу работи мистериозно нејасни (нема линк!?)
Всушност нема ништо мистериозно нејасно, бидејќи од претходно објавените научни публикации ни е познато дека Кокино не е мегалитска структура (Ѓорѓевиќ Н., 2003, 277.)*, а исто така е спорна и неговата детерминација како опсерваторија, како што е впрочем се’ уште спорно и за локалитетот Стоунхенџ, кој се проучува повеќе од стотина години.
Фотографијата е сопственост на УЗКН
Археолошкиот локалитет Кокино е пронајден во 2001 год, и веднаш потоа почнува да се истражува и ископува од страна на археолозите. Медиумската фама за Кокино како мегалитска (погрешна терминологија) опсерваторија започна од 2005 година наваму по еден мал проект на НАСА насловен како “Timeless knowledge”. Нашиот локалитет беше вброен помеѓу неколку други веќе научно интерпретирани стари опсерватории од рангот на: Stonehenge (Велика Британија), Abu Simbel (Египет), Angkor Wat (Камбоџа), Machu Picchu (Перу) и др. Овој проект на НАСА кој е достапен на интернет за консултација, беше сосема доволен повод да се започне со медиумската приказна за мегалитската обсерваторија, пред таа да биде докажана и одбранета пред домашната и светската јавност со издржани научни трудови.
Со дозвола од авторот на блогот Контраентропија, цитирам извадоци од официјалниот извештај на ИКОМОС, за да видиме зошто е дадена толку негативна рецензија за Кокино.
1. Компаративна анализа:
ICOMOS е на мислење дека компаративната анализа [споредба со други слични локалитети] не го оправдува разгледувањето на овој локалитет за вклучување во листата на светско културно наследство.
2. Целовитост и автентичност
ICOMOS е на мислење дека условите за целовитост и автентичност не се исполнети.
3. Критериуми според кои е предложено запишувањето [културни критериуми]
ICOMOS е на мислење дека овие критериуми не се исполнети.
ICOMOS не смета дека критериумите и исклучителната универзална вредност се исполнети.
4. Фактори кои влијаат на локалитетот.
ICOMOS смета дека најважната закана кон локалитетот потекнува од целосно слободни и неконтролирани туристички посети.
5. Граници
ICOMOS смета дека предложените граници на локалитетот се адекватни, но дека е потребно зголемување на тампон зоната околу локалитетот.
6. Заштита
ICOMOS смета дека воспоставената правна заштита е доволна, но дека засилување на заштитата на околината на локалитетот би била од корист, посебно проширување на тампон зоната околу локалитетот.
7. Конзервација
ICOMOS препорачува воспоставување на програма за конзервација, која би требало да вклучува систематски описен попис на локалитетот, подетална анализа на заканите за конзервација на секоја од компонентите на локалитетот и политика на надзор. Би било корисно да се посвети внимание на влијанието на туризмот како и на еколошката конзервација и конзервацијата на околината на локалитетот.
8. Управување
ICOMOS предлага воспоставување на ефективен систем на управување и на надзорно тело, како и развој на план за управување.
9. Надзор
ICOMOS препорачува дека треба да се дефинира автентичен надзорен систем, и да се назначат лица кои ќе бидат одговорни за нејзино спроведување. Надзорот не е исто што и истражување, и како почетна точка бара составување на детален описен попис на локалитетот.
10. Заклучок
ICOMOS е на мислење дека локалитетот кај Кокино е значаен и добро зачуван пример на висинско светилиште користено во бронзениот период. Врз оваа основа, неспорно е дека е од голема национална и регионална важност. Природниот локалитет исто така дава можност за архео астрономски набљудувања, и хипотезата дека бил користен од страна на луѓето од бронзеното време за таа намена е разумна. Меѓутоа, не е понуден ниту еден археолошки доказ за трајно астрономско користење, базиран врз специјализирано знаење на астрономи – свештеници, директно поврзани со ритуали и култови на светилиштето. Ова се интерпретативни хипотези засновани на парадигми кои биле прифатени во минатото [!] но на кои денес помалку им се верува поради понови меѓународни архео – астрономски истражувања. Исклучителната универзална вредност која се претпоставува во предлогот не е демонстрирана, и локалитетот не ги исполнува предложените критериуми.
Во овој момент не постои јасно дефинирана политика на конзервација и управување на локалитетот и не постои дури ни одговорно тело задолжено за целокупното управување со локалитетот. И додека планот за управување ги зема во предвид потенцијалните проблеми на локалитетот и неговата конзервација, самиот план е само искажување на намера, но не и конкретен чекор.
ICOMOS смета дека е од особена важност да се усвои меѓународен пристап во проучувањето на овој локалитет, според современите стандарди на архео астрономијата кои се поставени од страна на IAU [Меѓународната Астрономска Унија] и ICOMOS.
ICOMOS препорачува архео -астрономскиот локалитет „Кокино“, Република Македонија, да не се запише во светската листа на културно наследство.“
Заклучок:
Независно дали во иднина ќе го добие статусот на стара (праисториска) опсерваторија кое би му донело огромна популарност и финаниска инекција преку туристичка валоризација, за мене Кокино засекогаш ќе остане локалитет од бронзеното доба со неоспорна можност за интерпретација како светилиште. Ќе упатам посебна молба до македонските медиуми да престанат да го нарекуваат Кокино мегалитска конструкција, и ќе се радувам доколку научно биде потврдено од најмалку 2-3 валидни светски институции мислењето дека локацијата е опсерваторија. Како археолог, се оградувам да давам изјави и толкувања во областа на археоастрономијата, независно што сум магистер, а набрзо ќе бидам и доктор на науки по праисторија. Не можам да го објаснам фактот што во извештајот од наша страна, експертизата за опсерваторија ја дале 8 македонски архео-астрономи, бидејќи толку архео-астрономи не постојат во цел свет.
Останува само реалната ставка дека Кокино е археолошки локалитет од бронзеното доба за кој треба да се направи долготраен план како да се заштити од временските и од материјалните уништувачи. Бидејќи Кокино е археолошки локалитет за кој знаеме дека нема да се повтори во историјата на човештвото, оти факт е дека секој локалитет било каде во светот сам по себе е уникатен и оригинален.
Цитирана литература
* Ѓорѓевиќ Н., 2003, Геолошко рекогносцирање терена на археолошком локалитетима у околини Куманова током 2002 године, Пирајхме 2, Народен Музеј – Куманово, Куманово 2003, 263-280.
[…] не се сосема јасни. И самите научници, архелози како Василка Димитровска и астрофизичари како Александар Шулевски ја […]