Деновиве трае Конференцијата Wikimania 2012 во Washington DC, на која присуствувам како претставник од Вики заедницата на Македонија и основач на Викимедија Македонија, официјален претставник на фондацијата Викимедија за Република Македонија. Голема благодарност до Фондацијата Метаморфозис за стипендијата која ми ја додели за да присуствувам на оваа престижна интернет конференција. Wikimania е настан кој се одржува еднаш годишно во различни делови на светот и има за цел да ги собере сите волонтери, активни корисници, ентузијасти и подржувачи на Википедија и проектите поврзани со Фондацијата Викимедија. Оваа година конференцијата се случува во просториите на George Washington University во Вашингтон и трае од 12-14/15.07.2012 година.
Конференцијата официјално ја отвори James Hare, а потоа Mary Gardiner (Ada Iniative) зборуваше општи информации за развитокот на Википедија, но најмногу се задржа на родовите поделби, т.е на улогата и учеството на жените како соработници на Википедија на разни јазици и воопшто Вики проектите. Господинот Jimmy Welsh, основач на Фондацијата Викимедија и на Википедија го зеде главниот збор на @Wikimania2012. Покрај тоа што е предузимач, господинот Велш е исто така и добар забавувач на сцената и со многу ведар начин на интерпретација најмногу се фокусираше на Африка и начинот на кои земјите на овој континет ја користат Википедија и придонесуваат во статиите на своите мајчини јазици. Ги додели Jimbo’s awards и Staff member of the year, потенцираше дека англиската Википедија просечно на месечно ниво има околу 500 милони корисници и го пофали Brandon Harris, човекот од Викимедија кој после него е еден од ретките луѓе кој успева да извлече од приватниот сектор финансии за разните проекти на Викимедија. Напомена и 3 политички моменти од 2011 година кога Википедија била на било кој начин политички инволвирана и најљубезно се заблагодари на сите нас како газди на Википедија. Исто така акцентираше дека на Wikimania 2012 присуствуваат учесници од 87 земји од светот, а најмногу од Германија и од Израел (секако тука не ги бројуваме Американците).
Аудиториумот од Listner centar-от, потоа се пресели и се подели на разни сесии во главната зграда на George Washington University, а волонтерите и вработените во Викимедија се погрижија секој од учесниците да биде регистриран со беџ и да ги добие сите потребни информации. Логистиката на оваа конференција е навистина на ниво, како што и доликува на една од можеби најјаките светски интернет конференции, вклучувајќи ја организацијата на ручекот и meetup-ите за време на секој работен ден.
Девојката на дескот за регистрација најмалку 3 пати ја испринта налепницата, додекa се погодивме како да го напише името на нашата држава 🙂
Од сите сесии кои беа пријавени на Wikimania 2012, веројатно најмногу внимание но и посетеност предивикаа т.н. GLAM сесии кои во генерална смисла се однесуваат на светското културно наследство. Од преку 100 поднесени проекти за GLAM, само 30 се прифатени за оваа конференција, што сведочи за интересот на партиципантите. Овие сесии се однесуваат за легалните јавни домени, метатаговите кои се користат, начинот на кој се организираат и функционираат GLAM проектите во разни држави од светот, нивните мани и предности, како и говори на многу експерти кои и самите се историчари, библиотекари и архивисти за нивното лично искуство со GLAM. Патем, The National Archives of USA е официјален партнер на Конференцијата Wikimania 2012 – Washington, DC. Се прашувам кога нашиот архив вака ќе ги отвори вратите за широката публика и нашите ‘експерти’ ќе зборуваат јавно пред илјадници луѓе од светот. Далеку сме со светлосни години од Американците, а користиме исти ресурси и технологија.