По Татиќев камен (познат како Кокино), уште еден локалитет кај селото Старо Бонче го доби епитетот македонски Стоунхенџ од страна на некои медиуми. Испаѓа како ние да немаме ништо свое и постојано копираме од светските веќе востановени културни трејд-марки со кои сакаме да се ставиме на исто рамниште. Проблемот е или во гледиштето, или во ,,позиционираното” седиште од кое некои ентитети не станале да разгледаат малку подалеку околу нивниот крут микросветоглед. Според нив најлесната работа на светов е без било какво објaснување да пласираат информација дека Стоунхенџ успаал да мигрира од Британија до Македонија. Многу одамна имам пишувано за менхири, трилити, кромлиња, долмени и хенџови направени од прилично огромни камења кои се употребени за основа на некаква структура или споменик. Објаснувањето за повеќето од овие термини заврши како статија-никулец на Македонската Википедија, т.е. како основа за понатамошно надоградување на овие текстови:
Хенџ – кружна или овална конструкција од култен карактер, со преку 20 м во дијаметар и ров околу него. Пристапот им е ограничен само од неколку страни, но најчесто од онаа која гледа кон Сонцето кога излегува на денот на летната долгодневица (1,2) или зимската краткодневица. Можат да бидат составени од компоненти кои вклучуваат – камени седишта, камени кругови, менхири, трилити, кромлиња, некрополи итн.
Пред се кога ќе се помисли на хенџ (како што е Стоунехенџ – најславниот егземплар од овој тип), асоцијацијата која ни доаѓа се остатоци од камења или камени блокови поставени во кружна форма за чиишто карактер можеме само да претпоставуваме дека бил култен, со оглед на тоа што тие припаѓаат на оној дел од културниот развиток на човекот за кој нема пишани докази. Како што може да се забележи, кружната отворена форма е основа една структура да биде прогласена за хенџ, и со оглед на нивното простирање во одреден дел од Медитеранот, Бретања и Британија (не дека ги нема и на други места), треба претпазливо да се одбираат зборовите од страна на медиумите кој објект или локалитет (со посебно внимание на временскиот период), ќе го добие епитетот – личи на Стоунхенџ.
За да се прогласи една камена структура за хенџ таа треба да има одредена типологија и препознатливи составни елементи, а не да се бркаат сензационалистички информации за археологијата чиј репертоар во последниве неколку години може да пополни цела архива на Монти Пајтон. Понекогаш плени великодушната расфрланост на одредени медиуми со овакви ,,камени епитети“.
Но кога сме веќе кај сензационализмот и структурите, мислам дека треба да ги следиме стапките на нашите балкански другарчиња. Со оглед на тоа што во последните неколку години ,,изникнаа” квази-пирамиди, пара-воени формации и слични елементи, некако пара како префикс ми изгледа најдобро за структура од било каков тип. Ако не друго, бар ќе ,,пара” – очи.