Член 140
(1) Право на првенствено купување на заштитено добро има Република Македонија, преку Управата.
(2) Сопственикот којшто има намера да го продаде заштитеното добро е должен прво да го понуди на Управата. Сопственикот е должен во понудата да ја наведе цената и другите услови на продажбата.
(3) Управата е должна во рок од 30 дена од денот на доставувањето на понудата, писмено да го извести сопственикот дали ја прифаќа понудата или нема да го реализира правото на првенствено купување.
(4) Доколку Управата ја прифати понудата, должна е износот на цената, која според понудата треба да ја плати во готово, во рокот од 30 дена од денот на доставување на понудата да го депонира кај основниот суд или кај нотар, и тоа според местото каде што се наоѓа недвижноста, односно според местото на живеалиштето на понудувачот доколку се работи за движно добро.
(5) По истекот на рокот за прифаќање на понудата, односно за депонирање на износот на цената, сопственикот може да го продаде заштитеното добро на друго лице по цена што не е пониска од онаа наведена во понудата и под услови кои за купувачот не се поповолни од оние содржани во понудата.
(6) Република Македонија има право на првенствено купување и во случај на присилна продажба на заштитено добро, и тоа според дадената понуда во постапка за присилна продажба што е најповолна за сопственикот на доброто.
(7) Надлежниот суд што ја спроведува постапката за присилна продажба е должен за неа да ја извести Управата,односно за денот на јавната продажба најмалку осум дена пред да пристапи кон присилната продажба на заштитеното добро.
Реализирање на правото на првенствено купување
Член 141
(1) Ако сопственикот го продаде заштитеното добро, а претходно не го понудил на продажба на Република Македонија или ако го продаде по цена пониска од онаа во понудата доставена до Управата или под услови што за купувачот се поповолни од оние во понудата, или ако доброто е продадено во постапка за присилна продажба, а за неа Управата не е известена, Република Македонија има право со тужба против продавачот и купувачот да бара поништување на договорот за продажба и сопственикот да постапи според одредбите од членот 140 на овој закон, односно Република Македонија да се смета за купувач на доброто продадено во постапката за присилна продажба.
(2) Тужбата од ставот (2) на овој член може да се поднесе во рок од 90 дена од денот кога Управата добила сознание за извршената продажба, а најдоцна во рок од пет години од денот на склучувањето на договорот за продажба.
(3) Република Македонија може да бара во роковите од ставот (2) на овој член, договорот за продажба да се поништи и кога тој договор привидно е склучен во вид на подарок или кога износот на цената или другите услови на продажба се привидни, а вистинската цена и другите услови на договорот се поповолни за купувачот од оние содржани во понудата доставена до Управата.
(4) Република Македонија има право да бара поништување на договорот за продажба ако во тужбата наведе дека го купува заштитеното добро по цена и по другите услови по кои е тоа продадено и ако најдоцна во рок од седум дена по поднесувањето на тужбата, депонира износ во висина на вистинската цена на договорот за продажба на доброто, односно износот од цената што според склучениот договор стасал за плаќање по денот на поднесување на тужбата.
(5) Во случај на поништување на договорот за продажба престануваат правата на купувачот и трети лица стекнати врз основа на поништениот договор за заштитеното добро, без оглед дали стекнувачот бил совесен.