Home УНЕСКО Летна школа за тренери по интерпретација на наследствто на Interpret Europe и...

Летна школа за тренери по интерпретација на наследствто на Interpret Europe и УНЕСКО

111 views
0

Interpret Europe – Европската асоцијација за интерпретација на наследството, заедно со Регионалното биро на УНЕСКО од Венеција, веќе подолго време го развива моделот за „интерпретација на наследството базирана на вредности“ (values-based heritage interpretation). Во рамките на оваа нова иницијатива, двата партнера ќе ја применуваат интерпретацијата на наследството за образовни цели поврзани со одржливиот развој на неколку УНЕСКО локации во Европа. Ова ќе го обликува начинот на кој се развива и користи интерпретацијата на наследството на локалитетите впишани на листата на УНЕСКО, претежно во едукативни цели поврзани со одржливиот развој на локалното наследство.

Како сертифициран тренер по интерпретација на наследството, на мое големо задоволство учествував во првата Летна школа за тренери којашто Interpret Europe ја правеше во соработка со UNESCO VENICE (Канцеларијата на УНЕСКО во Венеција). Оваа обука се одржа во едукативниот центар сместен во срцето на шумата Контија во Истра, Хрватска, каде присуствував заедно со 23 интерпретациски тренери од 12 европски земји. Во текот на оваа напредна обука за градење капацитети, стекнав нови знаења коишто ќе ги применам во работата на ХАЕМУС, но и преку мојата интерпретациска едукативна програма Storytelling Skopje, нагласувајќи ја како веропски тренери нашата посветеност кон образованието и поставувањето нови стандарди за културното, природното и нематеријалното наследство.

Благодарение на оваа обука, како професионалци ќе ги поддржиме пилот-локациите, нагласувајќи ги нивните основни вредности на наследството и пошироките социо-економски и еколошки влијанија, трансформирајќи ги во средини за учење кои промовираат заеднички вредности на мир, интеркултурен дијалог, глобално граѓанство и одржлив развој.

На овој начин и официјално стартуваше “Learning landscapes“, иницијатива на УНЕСКО и Interpret Europe која има за цел преку имплементација на интерпретацијата на наследството, до крајот на 2025 година одредени региони кои се впишани како светско наследство на листата на УНЕСКО, но и други потенцијално заинтересирани региони, да бидат претворени во интерпретациски хабови (центри за толкување на наследството).

Настанот на кој присуствував е дел од проектот “Making Learning Landscapes: A Pilot Training for Value-Based Heritage Interpretation at UNESCO Designated Sites in Europe.

Можете да прочитате повеќе за целото искуство од обуката во статијата објавена во летното издание на билтенот на Interpret Europe.

Фотографии © Interpret Europe.