Home Едукација Работилница „Интерпретациjaта како основа за одржлив развој на природното и културното наследство“

Работилница „Интерпретациjaта како основа за одржлив развој на природното и културното наследство“

382 views
0

Во организација на ХАЕМУС, мојот Центар за научно истражување и промоција на културата а во партнерство со Интерпрет Јуроп (Interpret Europe) на 24.04.2024 од 18:00-19:30 часот се одржa онлајн едукативната работилница „Интерпретациjaта како основа за одржлив развој на природното и културното наследство“. Како подршка на настанот ги вклучив и двете мои едукативни и интерпретациски програми Storytelling Skopje и Storytelling Macedonia, за да послужат како пример и насока на сите заинтересирани за оваа тематика.

Основните информации за настанот беа подигнати на фејсбук како настан од кадешто секој оној којшто ја пополни онлајн апликацијата, можеше да присуствува на работилницата. Дополнително инфо беше пратено преку мејлинг листата на ХАЕМУС како и преку дописите до медиумите кои ја покрија веста преку соодветни објави.

Како директор на ХАЕМУС, сертифициран тренер по интерпретација на наследството и национален координатор на Interpret Europe за Македонија, јас ја имав честа да ја водам оваа работилница, додека пак логистичка помош на настанот обезбедија Дамјан Серафимовски (Музеј на град Скопје) и Јасмина Бошевска (Nature Expeditions) кои се членови на Interpret Europe и воедно членови на тимот Interpret Europe Macedonia.

Интересен е пресекот од анкетата на којашто се пријавуваа учесниците на оваа работилница. Од 54 одговори, најголем дел од присутните дојдоа од институционалниот сектор а повеќето од присутните се занимаваат со културно наследство, иако на големо изненадување на учесниците открив дека алатките на интерпретацијата се најсилни во секторот со природно наследство како и фактот дека интерпретацијата започнала да се развива од 1957 година кога за прв пат е применета во националните паркови на САД.

Работилницата беше составена од два дела. Во првиот дел преку обемна и прилично сеопфатна презентација детално објаснив што се подразбира под интерпретација на наследството, со краток осврт на улогата којашто ја има Interpret Europe – најголемата европска асоцијација за интерпретација на наследството во поглед на своите цели, истражувања, изданија, ресурси за комуникација, вмрежување и едукација. Вториот дел беше отворен за дискусија и одговарање на прашањата на сите заинтересирани.

Оваа работилница беше наменета за сите професионалци од областа на природното и културното наследство, индивидуалци и претставници на институции, како и организации или неформални иницијативи кои учесниците ги застапуваат, како што се: музејски работници, професионалци од областа на туристичката индустрија и туристички водичи, едукатори од сите фази на формалното и неформалното образование, еколози, вработени во националните паркови и заштитени подрачја, носители на наследство на УНЕСКО, членови на Slow Food мрежите, архитекти и сите останати неспоменати професионалци кои ги допираат овие области.

Кратко инфо за интерпретацијата на наследството

Интерпретацијата е моќна едукативна, комуникациска и визуелна алатка која буквално го оживува наследството пред очите на посетителите. Притоа им овозможува на учесниците да создадат подлабока врска со локалното презентирано наследство, ги инспирира и ги потикнува на одржливост локалните заедници кои се грижат за него и најсетне со интерпретациските алатки и методи се зачувува природното и културното наследството за идните генерации.