Home Културно наследство Моето експертско мислење за Охридскиот регион како светско наследство на УНЕСКО

Моето експертско мислење за Охридскиот регион како светско наследство на УНЕСКО

1,186 views
0

На 18.01.2023 бев поканета од страна на Делегацијата на ЕУ во Скопје да се придружам на Амбасадорот Дејвид Гир и на останатите 17 амбасадори на земјите членки на ЕУ во Македонија на еднодневна посета на Охрид. Главен фокус на оваа посета беше зачувување на природното и културното наследство на Охридскиот регион впишано во УНЕСКО, заедно со промоција на туризмот, иновациите и економските можности во регионот.

На оваа посета појдов како претставник на ХАЕМУС, центар за научно истражување и промоција на културата бидејќи во моментов работиме интензивно на имплементирање на неколку ЕУ проекти коишто во голема мера имаат влијание во научното истражување, но и менаџментот, интерпретацијата, визуелизацијата, промоцијата и популаризацијата на нашето богато наследство. Исто така на оваа средба појдов и во името на Interpret Europe, како еден од долгогодишните тематски координатори на најголемата европска асоцијација за интерпретацијата на наследството. Сметам дека интерпретацијата на наследството може многу да му помогне на овој регион во поглед на зајакнување на човечките капацитети, но не само на професионалците кои работат со наследството туку и на обичните граѓани за кои тоа наследство е секојдневен живот со сите свои пречки и предизвици. Бидејќи имам големо искуство во поглед на соработката со УНЕСКО токму како правен носител на Обичајот Мартинки, светско нематеријално наследство впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО, во голема мера во разговорите со амбасадорите беше допрен и овој момент како важен сегмент од севкупното наследство на Охридскиот регион.

Денот започна со посета на инфо центарот на НП „Галичица“ и кратките информативни предавања од вработените за нивните проекти, потоа продолжи преку средбата со градоначалникот Кирил Пецаков – Градоначалник на Општина Охрид на која се разговараше за приоритетите на општина Охрид но и за иновативниот проект Kasarna HUB финансиран од ЕУ, а посетата ја заокруживме со вредни дискусии на коишто имаше и претставници на други граѓански здруженија. На крајот следеше кратка посета на неколку локации во историскиот дел на Охрид каде преку конкретни примери беше објаснета состојбата со археолошките ископувања, конзервација и заштита и секако промоција на културното наследство ставено под заштита на УНЕСКО, каде се чини дека голем број на државни институции имаат потклекнато под притисок и превез на политиката и наместо да ги заштитат тие локации, имаат учествувано во нивното деградирање.

Во повеќе наврати го истакнав мислењето дека одлуките кои ги носат државните институции секогаш треба да се во согласност со барањата на локалната заедница и истата таа локална заедница треба да биде консултирана за секое прашање во врска со статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО, бидејќи секоја одлука влијае врз голем аспект од нивните животи. Впрочем, ако го отворите последниот документ со препораки кои УНЕСКО ги дава на Македонија за Охрискиот регион, со големи болдирани букви ќе воочите дека најголемиот проблем е детектиран во комуникација помеѓу самите државните институции, а посебно е воочен и голем проблем во комуникација со локалните жители чиешто мислење скоро никогаш не се уважува.

Македонија има обврска да го достави извештајот до УНЕСКО до 01.02.2023. Мојот став и ставот на ХАЕМУС е дека Охридскиот регион има вистинска потреба да се најде на „Светската листа на загрозено светско наследство на УНЕСКО“, затоа што на тој начин ќе се активираат поинакви механизми кои ќе обезбедат поголема човечка и финансиска поддршка од самиот УНЕСКО. На сите нас останува да го заштитиме она коешто (пре)останало од културното наследство на Охридскиот регион и конечно треба да престанеме да водииме „дијалог на глуви“ и да ги преточиме идеите и визиите во вистински акции коишто ќе го вратат овој регион на пиедесталот на УНЕСКО. Не сум сосема уверена дека имаме капацитет и волја да го сториме ова, но јас нема да се откажам од мојата лична мисија да сторам сѐ што можам за Охридскиот регион со ресурсите кои ги поседувам.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here