Горда сум што создадов активност како што е „Ловот на богатство на Скопје“, којашто е всушност печашка тура низ градот збогатена со интерпретациска едукација и адреналинско уживање и забава. Наменета е како за ученици така и за возрасни а може да се прилагоди за поединци, но и за мали и поголеми групи.
Во изминатиот период со ХАЕМУС реализиравме неколку проекти за млади истражувачи во форма на едукативни тури низ разни локации на Скопје и Македонија, коишто како дел од активностите вклучуваа возбудливи „Ловови на богатство“. Млад истражувач е образовна платформа со педагошки карактер наменета пред сѐ за деца и млади, која опфаќа голем број на програми, публикации и едукативни алатки.
Оваа наша програма беше причината поради којашто бевме поканети да се придружиме на проектот Еразмус+ KA229 „Млади новинари денес – одговорни дигитални граѓани утре“ кој вклучуваше професори и ученици од четири основни училишта од Македонија, Србија, Хрватска и Романија.
За таа цел го развивме и го организиравме мошне успешно ,Ловот на богатство низ Скопје”, каде сите учесници поминаа низ едукација, интерпретација на нашето наследство и секако, многу забава. Ве поканувам да ѕирнете дел од нашата супер забавна „Пешачка тура низ Скопје“ во комбинација со „Лов на богатство“, која беше збогатена со примамливи награди за победниците.
Со Skopje’s Treasure Hunt и особено со Kokino’s Treasure Hunt, започнувамe цела една нова ера со која искуството од посетата на нашето наследство го подигнувам за неколку скалила. За време на овие активности освен едукација на посетителите, има и многу педагогија преплетена со интерпретација на наследството и се разбира забава за сите а најмногу за најмладите!