Заврши сезоната на правење и почна сезоната на јадење ајвар. Знаме дека секоја мајка, баба, тетка, стрина, комшивка, па дури и секое семејство има свој рецепт за правење на зимница, но дали знаете дека традиција и култура на правење ајвар во Република Македонија е заштитена со закон како културно наследство? Со други зборови, кога јадете ајвар, јадете всушност културно наследство!
Кој знае колку пати го имам слушнато следново: „сите приказни и легенди ги знам благодарение на тоа што биле раскажувани додека 3-4 дена сме правеле во село ајвар за зимница“. Покрај културната, социјалната функција на традицијата и културата на правење ајвар, се задржала до ден денес и процесот на правење на оваа зимница претставува момент на социјализација во рамките на една заедница, без разлика на етничкото или верското потекло.
Што ви текнува на ум прво кога ќе се каже традиционално македонско јадење? Скопскиот симит, штипската пастрмалија, шкембе чорба, тавче гравче, ајварот, охридското макало, ѓомлезе и уште ред други јадења. Според Конвенцијата на УНЕСКО за нематеријално културно наследство, подготвувањето на храната претставува збир од традиционални знаења, вештини и ритуали поврзани со подготовка на јадењата како дел од една традиционална кујна, во овој случај на сите народи кои живеат во Македонија.
View this post on Instagram
Но, поразителен е фактот што од сите стотици можни традиционални јадења кои ќе ви паднат на ум во моментов, само традицијата на ајварот е заштитена со закон во Македонија. Ќе се запрашате, зошто не се и другите јадења на оваа листа на домашното културно наследство? Причини секако има многу, а најголемата е недостаток на квалитетни кадри кои ќе го направат процесот на валоризација, ќе направат истражувања, ќе напишат научни трудови и ќе изработат елаборати кои подоцна ќе се најдат на гласање на некоја седница на Владата за да може процесот да се заокружи. Арно ама, за елаборатот да стигне до Парламент а да не личи на пост од фејсбук, истражувачите треба да изедат многу фурни леб, а ајварот му доаѓа некако најкомпатибилен со неговото социјално-комуникативно значење. 🙂
Теренската фотографијата е направена во рамките на проектот на ХАЕМУС насловен како „Нематеријално културно наследство на Дебар Маало“