Драги љубители на археологијата и на културното наследство,
заедно со ХАЕМУС – Центар за научни истражувања и промоција на културата, на 15.11.2018 год. со почеток во 19:00 часот во ЕУ Инфоцентарот во Скопје, ќе организираме серија на ексклузивни предавања повод „Меѓународниот ден на археологијата 2018“.
Настанот е од промотивен карактер и се прави во соработка со Archaeological Institute of America, една од најголемите и највлијателните стручни археолошки организации во светот, a основната цел е популаризација на македонската археологија и културното наследство кое потекнува од нашата држава. Меѓународниот ден на археологијата е светски настан кој ја слави археологијата и ја подигнува свеста за неа како наука, во исто време обезбедувајќи можност за учество на јавноста во археолошките активности и дебати. Говорниците на овој настан ќе имаат свои презентации од по 15 мин. по што публиката ќе има можност да ги прашува и да дебатира на зададената тематика.
Меѓународниот ден на археологијата за 2018 во Република Македонија е во организација на УНЕСКО клуб ХАЕМУС под мотото на УНЕСКО за „Отворени образовни ресурси“ (ООР), како и под мотото на Европската година за културното наследство. Настанот е кофинансиран од Министерството за култура на Република Македонија во рамките на годишната програма за култура за 2018 година.
Влезници: За да се присуствува на настанот потребно е претходно да се набави влезница. Поради ограничениот простор за седење, влезниците ќе бидат пуштени во лимитиран број по 01.11.2018.
Говорници на настанот:
1. Д-р Лидија Ковачева (ЕвроБалкан, Скопје)
Чумата низ антиката, Византија и средновековието и нејзиното восприемање во македонските народни преданија
2. Јулијана Иванова (Локален археолошки и историски музеј „Теракота“, Виница)
Мистеријата на виничките „икони“
3. Д-р. Олгица Кузмановска (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Природно-математички факултет, Институт за физика, Скопје)
Небото над Кокино и неговото значење за ритуалите од бронзеното време
15 минути пауза
4. Аница Ѓорѓиевска (НУ Завод и Музеј Битола, Битола)
Хераклеа Линкестис – Бисер на антиката
5. Душко Темелковски (НУ Завод и Музеј Прилеп, Прилеп)
Стибера – Македонската Помпеја
6. Д-р Никос Чаусидис (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Институт за историја на уметноста со археологија, Скопје)
„Речни народи“ во Северното Принцрноморје и во Македонија
Официјални линкови:
http://haemus.org.mk/international-archaeology-day-2018/
https://www.archaeological.org/events/28835
Фејсбук страница за настанот: во подготовка