Home Cпонзорирано По патот на вулканските камења

По патот на вулканските камења

3,609 views
0

Кога ќе појдете во некоја туристичка агенција, најчесто употребувани термини во туристичкиот сектор при продажбата на туристичките производи се тура, рута и итинерар. Тоа може да биде содржина која е од локално, регионално, национално или интернационално значење во однос на природното, културно-исто­рис­кото или духовното наследство.

Културното-историското и природното наследство претставуваат основа врз ко­ја во голем дел се темели туристичката понуда на некое место, регион, држава или по­ши­рок простор. Во тој поглед, Североисточниот плански регион на Република Маке­до­нија изобилува со разни содржини, кои до сега беа недоволно презентирани и слабо по­се­тени. Тука ви ја претставувам “По патот на вулканските камења”, една од можните регионални рути вдолж овој дел на Република Македонија, која би го опфатила следниот итинерар: Скопје – Куманово – Базалтни плочи – Куклица – Кратово – Скопје.

Предлог рута “По патот на вулканските камења”, со опции за еднодневна и дводневна екскурзија

Базалтни плочи (с. Младо Нагоричане) – геолошки остатоци од вулканска плоча формирана пред околу 10 милиони години, во вид на 8 возвишенија кои наликуваат на вулкански купи зарамнети на врвот и покриени со цврсти базалтни карпи. На хоризонталната површина на карпите се создадени мали вдлабнатини, често исполнети со вода. Атрактивна и многу ретка појава, присутна само на неколку места на Балканот. Воедно од возвишенијата се има добар видик на овој дел од Кумановската Котлина. Овој регион претсавува живеалиште на реликтното раститение Celtis tournefortii.

Кокино –  археолошки локалитет од бронзеното доба, откриен во 2001 година и претпоставена архео-астрономската опсерваторија. Според одредени рангирањата, Кокино е означен како значајна праисториска опсерваторија, а научните анализите укажуваат дека популацијата која ги направила маркерите во карпите, живеела во периодот околу 1800 год. п.н.е. Оваа опсерваторија го употребувала методот на стабилно набљудување, означувајќи ја позицијата на сонцето и месечината во периодите на краткоденица, рамноденица и долгоденица, како и нивните отклони. (прочитај повеќе)

Kokino
На пат кон Кокино со група на странски туристи

Камени кукли (с. Куклица) – интересна и уникатна појава на околу 150 земјени пирамиди и столбови изградени од вулкански карпи (туфови, бречи) високи од 4 до 10 метри. Дел од столбовите се така оформени што наликуваат на човечки фигури, поради кои локалното население ги вткаило во легенди. Во околината има повеќе палеовулкански купи и возвишенија, како остатоци на некогаш силниот вулканизам на овој простор. Просторот има инфоцентар и ресторант, како и можности за набљудување, едукација, пешачење и фотографирање.

Kuklica
Пред камените кукли во с. Куклице, Кратовско

Вулкански бомби – масата на стопена карпа која може да има различна тежина и форма, а се создала кога вулканот исфрла најразлични фрагменти од лава за време на својата ерупција. Пред да стигнат на земјата, тие се ладат во цврсти фрагменти и на тој начин се обликуваат. Застанете, разгледајте, фотографирајте,додека патувате. Во светот има најразлични вулкански бомби, но ретко кои од нив имаат совршена форма на топка како оние од Кратовско-злетовската област која е позната и како регион што изобилува со вулкански карпи. (прочитај повеќе)

Volcanicbombs-CocevKamen
Стојам со вулканска бомба во раката, а зад мене е локалитетот Цоцев Камен, с. Шопско Рударе, Кратовско

За разлика од спремните тури и рути, посетителите кои одат во приватен аранжман со возило, секогаш мора да водат сметка за сезоната во која патуваат, времетраењето на нивниот престој на една локација, оддалеченоста и километражата од едно до друго место, каде и кога би застанале да се освежат, бидејќи итинерарот во рамките на оваа рута не е строго зададен, а сатниците како и локациите можат да бидат предмет на промена во зависност од желбата на посетителот.

Целта на оваа еднодневна рута  низ североисточниот дел на Македонија е спојот и промоцијата на природното, културно-историското наследство и геоморфолошките богатства кои ги нуди овој регион. Би било пожелно доколку во иднина постои дополнителен маркетинг од типот на трасирање, картирање и изработка на промотивни материјали за сите локации, бидејќи тоа би ја направило оваа рута вистински предизвик за сите домашни, но и странски посетители.

Текстот е авторски и претставува измената и преработена верзија на дел од ‘Студија за мапирање на туристички рути во Североисточен плански регион’. Центар за развој на СИПР, Куманово; БДС-Консалтинг, Скопје, 2014.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here