Home Археологија Откриена најстарата куќа во Британија

Откриена најстарата куќа во Британија

5,326 views
2

Археолозите на ископувањето на локалитетот Стар Кар во Британија ја открија најстарата куќа на овој остров која датира околу 10 500 год. п.н.е, од времето на мезолитот. Несомнено ова откритие кое веднаш си доби своја статија на Википедија, ќе донесе нови информации како за културата која ја направила оваа архитектура, така и за најраните населувања на територијата на Британија кои се многу постари од Стар Кар.

photo @Independent

Секако дека оваа не е најстариот дом на светот, бидејќи на археолошкиот локалитет Јерихо (Jericho) археолозите имаат откриено околу 20 последователни населувања кои датираат околу 11 000 год. п.н.е. Со оглед на тоа што континуитетот на живеење продолжил до 9 000 год. п.н.е, се смета дека Јерихо е еден од најстарите градови на светот кои биле населени во континуитет на Блискиот Исток.

Но најстарата куќа на светот засега им припаѓа на  луѓето од еден камп во местото Межирич (Mezhirich), Украина, кои во доцниот палеолит, некаде 15 000 год. п.н.е,  коските од мамутите ги употребиле за да направат привремени живеалишта. Во археологијата овој локалитет пронајден од еден фармер во 1965 година, е познат како засега најстарото засолниште направено од праисторискиот човек.

Реконструкција на живеалиште од коски на мамут
Украина, c. 16,000 – 10,000 п.н.е

Инфо за културата Стар Кар (Star Carr)

Мезолитско наоѓалиште североисточно од Јорк во Јоркшир (Англија) кое од 1949-1951 го истражувал познатиот археолог Кларк (J.G.D. Clark). На населена површина од близу 240 м2, која се наоѓала на обалата од едно езеро, во рамките на 2 културни слоја откриени се кремени и коскени алатки, како и голема количина на коски од крупен дивеч (диво говедо, елен, дива свиња). Накитот е изработуван од животински коски, камен и килибар. Исто така сочувани се и остатоци од дрво, како весло, а годинешните ископувања само ги потврдуваат резултатите публикувани пред повеќе од половина век. Врз база на наодите од Стар Кар дефинирана е раномезолитската култура на територијата на Ангија која е истовремена со културите во северна Германија, Данска и Холандија.

Заклучок:

Во Македонија засега по археолошки пат е откриен само еден локалитет од добата на палеолитот, пештерата Голема Пешт кај Здуње, чии остатоци со методот на AMC се датирани на околу 45/50000 п.н.е. (период на Мустериенот). Тоа ја прави најстарата археолошка култура во македонската археологија, истражена со заштитни ископувања и детерминирана со научна методологија. За жал оваа пештера на чии заштитни ископувања бев дел од тимот, чинам дека е сега под вода оти се наоѓа во областа на вештачкото езеро Козјак.

Пештерата Голема Пешт, Здуње, сега скоро пред потопување поради нивото на вештачкото езеро Козајак

За разлика од Британија, Европа, па би рекла дури и Србија каде мезолитот е детерминиран со светски познатиот локалитет Лепенски Вир (и уште дузина такви по течението на Ѓердап), во Македонија се уште не се пронајдени остатоци од овој период. Првата следна развиена култура која се сретнува на територијата на Македонија е неолитот. Хијатусот во археолошките култури е вештачки од причина што долги години во Македонија не постоеле специјалисти за овие најстари култури. Се надевам дека со интересот на некои од помладите генерации археолози ќе се пополнат Terra Blanca културите кои во Македонија отсуствуваат не само во археологијата, ами воопшто во научниот археолошки свет кој до сега не пројавил интерес за нивно истражување.

2 COMMENTs

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here