Home Археологија Ѓердани ли се ѓердани – Ѓерданите како дел од историјата на човештвото

Ѓердани ли се ѓердани – Ѓерданите како дел од историјата на човештвото

15,280 views
0

Ѓерданот или како што го нарекуваат нашите баби – огрлица, претставува накит за врат. Во употреба бил уште од најстарите времиња, а се состои од перфорирани монистри или привезоци од најразличен материјал, кои по некаков случаен, спонатан или намерен редослед се нанижани и врзани околу вратот.

Ако некој некогаш се обидел да направи ѓердан, или бразлетна, тогаш знае дека му се потребни илјадници школки за да го стори тоа. Ама ете потребни се само неколку школки да ги протресат добро темелите за теориите за човековата еволуција.

Од мојот пост Школките од Пештерата на гулабите

Во најстарото доба ѓерданите биле од школки, полжави, животински заби, парчиња на темен јаглен, делови од рогови, правилно обликувани парчиња на коски и песок, и најчесто биле сложувани без никаков ред. Во неолитот за изработка на ѓердани веќе биле користени монистри од ист материјал, и биле редени по правилно така да понекогаш сочинувале сложени и естетски изведени композиции. Во бронзеното и железното време се употребувале монистри од бакар, бронза, сребро и злато, обично со геометриски облици, како и монистри од ќилибар, стакло и стаклена паста.

Накитот на Големите
Мајки богинки

Ѓердан – Неолит
Велушина

Во Грција ѓерданите биле од тешки парчиња на злато, за што сведочат наодите на повеќето археолошки локалитети од тоа време. Биле составени од мноштво на златни конуси, лопатести, биконични или цилиндрични привезоци изработени во техниките на филигран и гранулација. Нешто поедноставни се ѓерданите од златни шупливи цевчести или биконични привезоци. Подоцна ѓерданите станале полесни, составени од златни ланчиња, со низа на мали и лесни привезоци, медаљони и амулети, или само со еден златен украс од предната страна како: чворот на Херакле, женска глава или гранат врамен со злато и со врежана фигурална претстава.

Ѓерданите (monilia) биле вообичаен дел од накитот и во римското време. Биле изработувани од бронза, злато и богато украсени со скапоцени камења, а понекогаш и комбинирани со врамени камеи, медаљони и златни парички.


Ѓердан од
римско време

Ѓердан од хеленистички
период

Посебна форма на ѓердани од едно парче на метал – било тоа да е бакар, бронза, железо, злато или сребро, се нарекува торквес. Првите познати биле со кружна форма, со свиткани отворени краеви, мазни, понекогаш орнаментирани со врежување, или тордирани. Потоа ќе се прошират низ цела Европа и ќе се задржат во употреба се до крајот на доцното железно време. Кај Келтите на пример, торквесот станал знак на воинот, племенскиот шаман, и херојот. Oвој тип на накит бил исто така познат во стариот Рим. Прикаската вели дека познатиот Titus Manlius Torquatus некаде околу 361 год. пред н.е го добил надимакот Торкватус, затоа што во дуел го победил галскиот главатар и го земал неговиот торквес. Подоцна римските војници ќе ги носат торквесите како вообичаен дел од својот накит.

Бронзен галски торквес Торквес – Св. Еразмо

Како изгледал накитот во средниот век, поточно во византискиот период најмногу можеме да дознаеме од фескоживописот и од иконите. Но тоа важи за Источното римско царство, зошто во Западното кое подоцна ќе се распадне на многу моќни држави каде владетелите биле поклоници на убавината, накитот го откриваме по еден сосема поинаков пат. А тоа се уметничките слики на славните сликари.

Царица Теодора Сан Витале – мозаик La Bella Simonetta Sandro Botticelli

И додека поголем период од средниот век кај нас се уште се поклопува со владеењето на Византија, остатокот на Западна Европа ќе биде зафатен од вибрантните уметнички правци, од кои секако најголем печат ќе остават ренесансата, барокот и раскошноста на рококото.

Овие уметнички правци кои своето место ќе го најдат и во дизајнирањето на накитот, ќе бидат наследени од Викторијанската епоха. Со доаѓањето на кралицата Викторија во 1837 на престолот, ќе се внесе една доза на романтика и национализам во креацијата на ѓерданите. По 1760 година во Лондон и во Бирминген се појавува правењето на лажна бижутерија. Новата филозофија која ќе внесе револуција во Уметноста и занаетите ќе се прошири по 1870-та година како реакција на масовната машинска индустрија.

Типични Викторијански ѓердани

Во XX век креацијата на ѓерданите ќе претрпи големи влијанија од Арт Нуво правецот, Коко Шанел во 30-ите години, Холивудскиот гламур во 40-ите, и нивно повторно оживувањето во блескавите сцени од сериските сапуници Далас и Династија.

Joan Collins со накит од Династија

Во XXI век со напредокот на технологијата и изумот на голем број вештачки создадени материјали (кои меѓу другото можат и да ги заменат вистинските драгоцени или полудрагоцени камења) практично е возможно сета фантазија за ѓерданите да се преточи во стварност. А, постои ли жена која не би сакала таа фантазија да ја носи околу вратот?

* * *

Текстот беше нарачан за августовскиот број на списанието Комплетна во 2006 година.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here