Home Археологија Вест: Убава Македонија

Вест: Убава Македонија

1,387 views
0
Од 19 Мај 2007 секоја сабота во категоријата Ревија на весникот Вест излегува по еден текст за духовното или културното наследство кое потекнува од територијата на нашата држава. Да не си помислиле од Вест можеби дека случајно нешто ми промакнало. 🙂

Весникот Вест го имам споменувано поради неколку работи, но најмногу поради небрежниот однос кон категоријата култура. Ова е само дел од мојот репертоар посветен на овој дневен медиум каде до неодамна просторот им го пополнуваа неадекватно образувани новинари кои пишуваат за археологијата и културното наследство.

Киклопските ѕидини на весникот Вест
Не постојат статии за рубриката Културa
Весникот Вест “се богати” со празни рубрики
Ангажираната археологија на весникот Вест

Пред да продолжам со анализа на текстовите, како прво да кажам дека се тоа добри афирмативни написи, иако со малку претерани суперлативи како за мој вкус. Но, овој весник е и онака познат по својот ,,невкус”, така да мало освежување нема да му штети. А и секоја промена е добра. Културното наследство независно од каде потекнува треба навистина да се почитува, но не и да се преценува. Една голтка на умереност наместо вознемирена абсорпција, секако дека добро ќе им дојде на новинарите кои ги пишуваат овие афирмативни репортажи.

Но да се вратам на главното. Написите кои стартуваа со ДУФСКИ ВОДОПАДИ, носат заеднички наслов – Убава Македонија и се посветени на по едно мало рајско парче од нашата земја.

Составени се од неколку дела каде на почетокот читателите се запознаваат со културните и духовните вредности кои потекнуваат од разгледуваниот крај, град, регион, настан и др. Во вториот дел имате упатства како да стигнете до таму, со сите пропратни репери од објекти кои можат да се видат или посетат попатно. Една мала сугестија – google map или можеби еден скрин шот од google earth би ја надополнил импресијата. Последниот дел е посветен на некоја убавица која има задача да позира на локалитетот, притоа рекламирајќи ги модните и козметичките детали кои ги носи на себе.


Заклучок:

Драги дами и господа. Сте виделе ли вие освен афирмативен текст некој британски весник да напише нешто против British museum? Или германски весник против Националната галерија во Берлин. Не!? И нема ни да видите. Културната политиката на медиумите насекаде во светот е свртена кон афирмацијата на сопствените вредности или на она кое се наоѓа во нивниот посед. Со наследството нема шала, инаку не би било една од првите три ставки во условот за некоја земја да биде примена за члeнка на EU.

Архивите на сите весници вклучувајќи го и Вест, се веќе одамна достапни на Интернет. Тоа значи дека секој збор околу културното наследство треба да се вага, зошто весниците се еден од медиумите кои го креираат јавното мислење, а со тоа впечатокот, знаењето и запознавањето со културните вредност кои не ни припаѓаат само на нам.

Да се има медиум преку кој луѓето може да се информираат и да се едуцираат, не е мала работа. Напротив, тоа е огромен терет кој треба да се понесе посебно во овој т.н. ,,адолесцентски транзиционен” период од нашата само 17 години ,,млада” земја. Имам чувство дека нашите медиуми во последниов период некако имаат по сериозен пристап кон третирањето на културното наследство. Се надевам дека ова чувство не е само ,,лажен привид”.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here