На еден мал рт на јужниот брег од езерото Титикака, се протега малото гратче Чукуито, едно од најстарите во овој регион. Денеска ова место има прекрасен главен плоштад и една мала колонијална црква изградена во 1691 година. Но многу одамна тој бил еден од најглавните градови за време на империјата на Инките, за подоцна да стане главен центар за време на колоницазијата. Од тој период видливи се голем број на значајни археолошки остатоци и архитектектонски конструкции кои потекнуваат од времето на пре-Инките.
Во близина на ова езеро и на гратчето Чукуито, се наоѓа една од најконтроверзните конструкции и главна атракција на градот која датира од пре-Колумбовското време – Храмот на фертилноста или Inca Uyo.
Храмот, кој претставува една четвороаголна рушевина, има внатрешност составена од цела плејада на огромни, печурковидни камени склуптури во форма на фалуси. Некои од нив по височината достигнуваат и до метар и пол, а се смета дека биле подигнати како дел од некој ритуал при кој се искажувал почит кон фертилноста. Анатомски коректните камења за кои се вели дека до пред некоја година биле држени во стерилна состојба во музеј, оставаат сомнеж. Што ли тоа сакале да постигнат со овие облици нивните креатори? Постојат најразлични теории од поврзаноста со Инти, богот на сонцето, се до мислењето на други истражувачи дека тие повеќе биле заинтересирани за почвата диригирана од Пачамама, Големата Мајка богинка на земјата.
Најдоминантен објект во ова место на фертилноста е кралскиот фалус, кој се наоѓа во центарот на храмот. Локалните водичи ја раскажуваат приказната според која постоел еден одреден ритуал за време на кој девиците и нероткињите биле обврзани да седат на неговиот врв за да ја зголемат својата фертилност. Во меѓувреме некои од Инка свештениците ќе истуреле чича (пиво од пченка), обидувајќи се да го одгонетнат полот на идното дете, додека дел од таа течност се слевала по монолитниот фалусовиден камен.
Овие камени склуптури по својата старост може дури и да им претходат на Инките, иако некои веруваат дека тие се лажни. Според ,,историските податоци”??, храмот во Чукуито датира многу време пред империјата на Инките, кои владееле со тој регион до 1500 год. Своевремно шпанските мисионери направиле се што е во нивна моќ да ги отстранат сите симболи и структури кои сметале дека се поврзани со паганството. За тоа сведочат и археолошките остатоци на две цркви кои се наоѓаат во близина на храмот. Но, храмот го оставиле недопрен.
Во последните неколку години овој храм беше посетен од милиони луѓе од сите страни на светот. Легендата вели дека со илјадници години жените од таа област го посетувале храмот во обидите да ја излечат својата стерилност.
Но, по сторијата за овој храм тргнал еден јужноамерикански новинар, кој своето истражување го објавил во “Sun”. Верувале или не, открил дека објектот е изграден точно во 1990 год. од страна на мештаните за да привлечат што е можно повеќе туристи. Си направиле луѓето храм кој изгледа како автентичен, а во извесни ,,случаи” може и да ,,помогне”.
Бил овој храм древен или не, тој денеска постои, а јас на сето ова би додала: ”Драги дами, зошто да го правите тоа дома, кога можете на лице место”. Археологијата е полна со изненадувања, нели? 🙂