15th March 2010

Што добиваме, а што губиме со археолошките ископувања

На веб страницата на МАНД (Македонско археолошко истражувачки друштво) пред извесно време беше поставен Списокот на проекти од областа на Археолошките Истражувања одобрени од Министерството за култура на Република Македонија. Ова е една од ретките прилики кои и се пружаат на јавноста да има увид во листата на локалитети кои ќе се истражуваат, а може да се забeлежи дека на овој список носители (со ретки исклучоци) се всушност музеите, чија работа би требало да биде пред се’ менаџерска.

Во 80тите години од 20 век, овие институции во најголемиот број случаи копаа некрополи. Причината е едноставна. Некрополите секогаш обилуваат со интересни, напати ексклузивни археолошки примероци, кои од друга страна се артефакти потребни да ги наполнат витрините, а со тоа и да ги привлечат посетителите во музеите. Како последица на оваа практика не постои ниту еден локалитет во Република Македонија кој има хоризонтална стратиграфија, бидејќи овој тип на ископувања се пред се’ вертикални, заштитни и краткотрајни со отсуство на било како долгорочно планирање за идна стратегија во која би спаѓале – уредување а потоа и презентирање на локалитетот.

од мојот пост
Политика на археолошки ископувања кај една земја во транзиција (1)

Сето ова што се случува со македонската археологија во последните 2-3 години е навистина фантастично. Не би требало да мрчам многу со оглед на тоа што ваков обем на работа би можеле само да посакаат колегите од другите земји. И колку повеќе ископувања, толку повеќе наоди, колку повеќе наоди, толку повеќе документација, колку повеќе документација, толку повеќе публикации … колку повеќе публикации… И тука мораме да запреме поради две работи. Прво, затоа што покрај ископувањата и презентацијата, (не)публикувањето на наодите е болната точка на македонската археологија и алката која недостига, а второ заради тоа што само мал дел од наодите завршуваат во витрина. Останатите ископани предмети завршуваат во депоата на музеите кои тонат под вода, некои од нив не се реновирани ниту еднаш за последните 40 години и буквално се распаѓаат. Па прашање е дали со секое ископување на територијата на Република Македонија добиваме, или всушност ги губиме неповратно нашите археолошките наоди? Ако не ми верувате пробајте да влезете во некое депо. Ако воопшто како ”ѓраѓанин” добиете таква дозвола!

Bookmark and Share

posted in Археологија, Културно наследство, Политика | 0 Comments

1st March 2010

Мартинки – Среќна Баба Марта

Во народниот календар на Шопско-Брегалничката етнографска целина, овој празник, речиси секогаш се поврзува со приказната со познатиот мотив за смрзнувањето на бабата, која ги истерала своите кози и јариња на планина да пасат, неплашејќи се од студот. Tаа дури и се подбивала со Сечко: ,,Тиц коза јарина, серам Сечко брадина”.

Пред две години во бројот 22 на весникот од општина Аеродром (стр.8,9) прочитав како градоначалникот на оваа општина за 1 март во училиштата делел мартинки. Од древнините до денеска овој обичај кај македонскиот народ се задржал делумно во одредени региони. Според сведоштвата на македонските блогери, како и коментарите кои ги добив на мојот блог и профилот на фејсбук, овој обичај бил запазен во Преспа, во Скопје, во Струмичко, како и кај македонците кои живеат во Егејскиот дел на Македонија, Солунско, Костурско и Воденско.

Поради одредени активности кои ги превземала владата додека Македонија вила во рамките на поранешна Југиославија, кај луѓето кои не го практикувале овој обичај во рамките на својата фамилија, постои верување дека мартинките се бугарски обичај, со кој не би се сложила. Мојата баба која дошла по Втората Светска Војна од Егејскиот дел на Македонија (Солун) овој обичај го донела со себе и мојот татко памети како им плетела мартинки за да ги носат на реверот од кошулите или евентуално околу раката. Обичај кој таа го наследила од својата мајка, а таа од својата баба … Мојата мајка која е од Скопје исто така како мала памети дека добивала на поклон мартинки од нејзината баба од Тетово или пак посебно носени од Бугарија.

Кога бев дете, мојата мајка ми врзуваше Мартинка, како симбол на доаѓањето на пролетта. Не сите во комунизмот се плашеа и бегаа од старите обичаи :) . Ова не е стар, туку древен македонски обичај а корените му се далечни, антички. Истото го правам, со моите синови денес. Впрочем и во македонската народна носија преовладуваат белата и црвената боја. Овие две бои се присутни во целиот македонски фолклор.

Коментар на блогерката Fortuna

Ме заинтригира еден коментар оставен на еден блог од извесен бугарски читател (за жал повеќе не постои поради менувањето на платформите) кој тврдеше дека мартинките се исклучиво уникатна бугарска традиција. Ова предубедување за бугарското потекло на мартинките пред се е поради фактот што овој стар обичај додека останал жив во Бугарија, бил сосема подзаборавен од граѓаните на Република Македонија и напуштен некаде кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години од 20-от век за времето на комунизот кога се забранувале или рестриктирале поголем број од духовните обичаи почитувани на оваа територија со столетија.

Kупувам мартинки  пред да појдам на изложбата на Пикасо
Софија, 14 Maj 2009

Но за среќа би рекла дека носењето на мартинките во Бугарија познати како Мартеница, Романците под името Mărţişor го сметаат пак за свој древен обичај кој бил почитуван на територијата на Трансилванија, Бихор, Банат и Добруџа, па се до Молдавија, вклучувајќи ја и неа.

Kога бев мала(крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите редовно имав маритинка (кај нас ги викаат мартенички), ама едно ми е мистериозно-никако не знам кој и од каде ги носеше. И во струмичко се подразбираше да имаш мартеничка во март. Мама исто така ја раскажуваше прикаската за Марта и Сечко, дека Марта е единствен женски месец и не знае каков чешит да се направи (во смисла на променливоста на времето). Таа велеше: трс коза планина, серам Сечко брадина! I Сечко пуштил голем студ и Марта се смрзнала со козите некаде (некако ми е во сеќавање како да има во струмичкиот регион предел каде има камење кои се Марта и козите).

Се си мислам дека мама ја врзуваше мартеничката на некое од дрвјата во дворот. И мартеничките ги носевме на школо, нема врска комунизмот дека ги забранувал. Јас не потекнувам од егејскиот дел, а мама ги знаеше тие приказни уште од дете. Сакам да кажам дека веројатно е регионален обичај. Инаку, од моите пријатели од Бугарија секој 1. Март добивам честитка со текстот: Честита прва пролет. и мартеничка, се разбира. Денес мислам дека децата не носат веќе мартенички.

Коментар на блогерката lepangelina

Според одредени верувања ова легенда своите корени ги влече уште од антиката (1,2) иако неоспорен е фактот дека таа била почитувана на целиот Балкан, најисточно вклучително со регионот на Охрид чии траги останеле во помнењето на луѓето за да бидат преточени во песна. Толкувањето на овој празник потекнува оттаму дека Ксантика бил празник на природата, пролетта и цвеќињата, светлината и љубовта, празник на духовноста и убавината, будење на енергијата и почетокот на новиот живот.

Во Благоевградско, Малешево, Пијанец, Осоговија и Lакавица, постои обичај на eден вид на правење амајлии, познати под името ,,мартинки”, a поретко и како ,марти”. Mартинките се прават на тој начин, што се усукуваат две нишки од црвен и бел конец или волнена преѓа и така усукани се ставаат, најчесто околу раката. Кога се носи мартинката, таа не треба да се гледа, односно не треба да ја види сонце – ,,за да не те изгоре сонцето преку лето”.

Постојат различни обичаи при традиционалното подарување на една мартинка. Генрално, таа секогаш е со конци од црвена и бела боја испреплетени или исплетени, од кои црвената ја симболизира боја на крвта, а белата на чистотата. Се подарува на 1-ви Март во чест на Баба Марта и се носи околу рака или закачена на облеката се додека расцвета првото дрво. Потоа се закачува на него со желби за сопственото и за добро здравје на своите блиски во тековната година. Секако дека постојат варијанти на тема, но ова е основата на обичајот.

Би сакала да го слушнам мислењето посебно на повозрасните луѓе кои ја паметат оваа традиција, бидејќи многу малку е останато во записите. Дури и на интернет кога ќе побарате, едвај ви дава по неколку линка за оваа тема, и тоа претежно од нашето совремие.

Мартинки

Мартинки од личната колекција на мојот брат


Останатите цитатите во текстот се превземени од статијата на Зоранчо Малинов, Традицискиот народен календар на Шопско-брегалничката етнографска целина (Скопје: Институт за фолклор “Марко Цепенков”, 2006). Фајлот може да се симне тука.

И за крај, како што велат адетите,

Среќен 1 Март

Среќна Баба Марта

Bookmark and Share

posted in Антропологија, Артизани, Археологија, Етно-археологија, Политика | 4 Comments

25th February 2010

Како се менуваат улиците на Скопје или како булеварот Гоце Делчев преку ноќ стана булевар ВМРО

Постојано ги користам програмите на Google – Google Earth и Google Maps, а доста често пишувам за нивните доусовршувања и надградување на функциите кои веќе ги имаат. Пред некој ден обидувајќи се да лоцирам одредени културно-историски споменици кои ми се потребни заради обликување итинерари за турите со странци кои често ги водам, приметив една нерегуларност на мапата на Скопје. Се работи за случајна или намерна грешка со именувањето на некои булевари кои прават вистинска збрка доколку се обидувате да му објасните на некој странец како да се ориентира околу центарот на Скопје.

За градот Скопје постојат многу мапи, а меѓудругото некои од нив можат да се најдат и на интернет. Најчесто ја користам GPS Skopje, бидејќи можам да пребарувам азбучно и со кирилична поддршка. Имено, целата оваа недоумица ми ја предизвика т.н. булевар ВМРО кој на оваа мапа не постои, но подоцна се појавува во проектите Google Earth и Google Maps.

Еден пасос од архивата на Дневник од 18 март 2006, кој во буквално смисла е пренесен од весникот Вечер на 02.09.2008 (можеби се работи за своевремена изјава од некој одговорен) ни открива дека:

Според надлежните во Градот, последната измена била извршена 1996 година кога биле преименувани 34 улици, 7 булевари и 4 плоштади. Нови имиња добиле повеќе булевари, а булеварот “Маркс и Енгелс” стана ВМРО.

via @Дневник/@Вечер

Не знам каде бил претходно бул. Маркс и Енгелс пред да се преименува, ако некој знае т.е. живее/л, нека ме надополни. За да бидам сигурна каде се наоѓа точно бул. ВМРО во нашата сегашност, првото нешто што ми падна на памет е да се јавам во 2-3 такси комании. Тие го лоцираа и ми потврдија дека тоа е топоним кој го користат веќе 5-6 години што ме збуни дополнително.

За да не се прави уште поголема збрка, сегашниот бул ВМРО е всушност дел, една мала етапа од поранешниот бул Даме Груев, т.е. улицата која од Агромеханика во Центар, минува покрај Главната Пошта и завршува до мостот Гоце Делчев. Ако се направи споредба со мапите на Гугл, тогаш постои уште една нерегуларност. Според овие мапи булеварот Гоце Делчев почнува од Партизанска (а не од мостот), па го опфаќа и сегашниот бул. ВМРО, потоа оди преку истоимениот мост и завршува слепо кај Сајмиште. Може да се забележи дека тој одвреме на време на мапите фантомски се менува, па ту е булевар Гоце Делчев, ту булевар ВМРО. Исто така кај Сајмиштето на раскрсницата (тука постои бензинска пумпа) бул. ВМРО повторно се преклопува со бул. Гоце Делчев.

Правната процедура за преименување на улиците не ми е детаљно позната и не знам колку временски може долго да трае, но знам дека една улица или еден булевар не може да носат две имиња. Тоа до сега не се случило никаде во светот, зошто би настанал хаос во сообраќајот. Програмите на Гугл се проекти кои тие ги работат самостојно, во соработка со некоја домашна компанија која им ги дистрибуира информациите. Се прашувам кој е тој што така преку ноќ бул. Гоце Делчев го преименувал во бул. ВМРО и со тоа почнал да ја менува вистинската мапа на Скопје? Постои ли начин да се заштитиме од менување на идентитети, па макар тие биле и на улици?

Bookmark and Share

posted in Интернет, Медиуми, Политика | 1 Comment

19th February 2010

Старата скопска чаршија со веб сајт

Стариот дел од Скопје познат кај мештаните како Стара скопска чаршија и официјално доби своја веб страница на интернет како резултат на заложбите за нејзината ревитализација и афирмација. Минатата година се случи еден настан кој во Ноќта кога Старата скопска чаршија дишеше помести неколку илјади посетители во иста вечер толку многу да ја окупираат чаршијата, што буквално немаше место да се помине во и онака тесните улички и сокачиња.

Но духот на еден град не го прави само архитектурата, ами луѓето. Духот на чаршијата почна да изумира, душата да спласнува питомо наведнувајќи ја главата и следејќи ги времињата кои дојдоа. Кога веќе политиката се нафатила да ја ревитализира чаршијата, тогаш тогаш треба да знае дека колку пари ќе даде за обнова на истата, ќе треба дупло пари да вложи и во луѓето за да се вратат во неа. А тоа е процес кој е потежок од реновирање на било каков споменик. Се надевам дека и годинава Патеката на културата ќе се повтори, за доброто на нашето културно наследство.

Имам само замерка за веб страницата, зошто сметам дека не требало така недоработена да ја пуштат во оптек. Барам за чаршијата е толку многу напишано на десетици јазици, што нема потреба да се измислува топла вода, а посебно не на насловната да се ставаат политичари кога има работи што се поважни од нив. Или можеби нема, а?

Поврзани текстови:

- Ноќта кога Старата скопска чаршија дишеше
Музејот на Старата скопска чаршија
Сте биле ли некогаш во амам – a во чифт или во тек?
- Старата скопска чаршија со автомобили е попрометна од мојот булевар
- Старата скопска чаршија – пази, пази да те кола не прегази
- Уметноста на исламот во Македонија

Bookmark and Share

posted in Историја, Културно наследство, Политика, Скопје, Туризам | 4 Comments

Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes