Дома Cпонзорирано За 25 динари со пајтон од Железничка до Пиварница

За 25 динари со пајтон од Железничка до Пиварница

4,067 views
1
Фотографија на скопскиот плоштад во 20-тите години од минатиот век

На фотографијата погоре се наоѓа прикажан скопскиот плоштад во 20-тите години од минатиот век. Може да се забележат веќе изградените домови на Настеви (1922) и куќата на Икономови (1920-22), но сѐ уште ја нема Ристиќева Палата (1926). Фотографијава би можела да ја датирам некаде помеѓу 1922 а најдоцна до 1925 кога всушност започнала да се гради Палатата на апотекарот Ристиќ која е завршена и пуштена во употреба (вселена) една година подоцна. Оригиналот на оваа фотографија се чува во архивата на ДАРМ – одделение Скопје, а ја пронајдовме пред неколку години кога работевме еден голем проект со ХАЕМУС за старо Скопје помеѓу двете светски војни.

Како што може да се забележи и од многу други фотографии, во времето од средина на дваесеттите до средина на триесеттите години од 20 век основно средство за превоз во Скопје бил пајтонот. Едно уверение издадено од Судот на Општината на градот Скопје ни посведочува дека цените за превоз со пајтон не само што биле регулирани, туку се знаеле дури и дестинациите. Почетна точка била Железничката станица, но не онаа којашто денес ја познаваме како „Стара железничка станица“, туку онаа која се наоѓала на местото од денешната „Мала Станица“. Оттаму тргнувале линии до Чаир, до Треска, Дебар Маало, Тасино Чешмиче и Св. Петка и тоа во голема мера ни ја доловува физичката конгломерција до каде точно се простирал градот Скопје во периодот по Првата светска војна.

Стара разгледница од Скопје каде во преден план се гледа хотел „Европа“ подоцна хотел „Русија“, а во позадина е Првата „стара“ железничка станица на која дворот и градината се уште не ѝ се изградени

Од железничката станица со пајтон имало и специјална линија до скопската пивница. За едно лице превозот во еден правец чинел 25 тогашни динари, за 2 лица 30 динари, три или четири лица 50 динари, а доколку задржувањето не било подолго од 10 минути, за враќање се доплаќало уште половина од истата такса. Ако задржувањето било подолго, а во нашиот случај со пивницата најверојатно и било така, тогаш цената се преметувала од час чекање.

Станица за пајтони на кејот Крал Александар, Скопје 30-ти години од 20 век, Архив на Музеј на град Скопје, инв. бр. 264

Овој архивски документ од Судот на Општината на градот Скопје нема датум, но можеме да претпоставиме дека најверојатно станува збор за периодот по 1925, бидејќи Парната пивара АД Скопје била основана во 1922 а во јуни 1924 за прв пат почнала да го произведува својот бренд „Скопско пиво“. Бидејќи се наоѓала во индустриската зона „Ќерамидница“ надвор од градот, можеме само да претпоставиме дека била своевидна атракција за граѓаните штом општината на Скопје востановила посебна превозна линија дотаму.

Во периодот од 1918-1941 во Скопје имало голем број на пајтони кои вршеле превоз на патници во градот и надвор од него, а постоело и Здружение на пајтонџии кое броело околу 500 членови. Тие работеле во дневна и ноќна смена, а имале обврска и за задолжителна годишна регистрација и преглед. Покрај градскиот превоз и за прошетки, пајтоните се користеле и за свадби и погреби. Дури и општината на град Скопје имала свој возен парк. Во 1923 поседувала: 2 пајтона за општинските челници, 2 мртовечки коли, 1 кола со буре за чистење на клозети, а до 1926 година биле набавени уште два пајтона, една нова мртовечка кола и една кола за чистење на клозети со септички јами. Во 1930 г. имало имало 153 приватни и општествени пајтони и 482 регистрирани коли за превоз на стока.

Текстот е првично објавен на сајтот на Пивара Скопје А.Д.

Текстот е адаптиран и делумно преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ХАЕМУС насловен како „Студија за историјатот на Парната Пивара АД Скопје“, нарачан и поддржан од Пивара Скопје АД.

Библиографија:

[1] Димитровска Василка, Маџовски Александар (2017), Студија за Дебар Маало, нематеријално културно наследство – изработка на студија за дефинирање на Боемскиот кварт како културна атракција врз основа на културно – историскиот и антрополошкиот контекст во последното столетие, со акцент на првата половина на 20 век“, ХАЕМУС, Скопје (непубликувана научно -истражувачка студија).
[2] Качева Ала, Христова Славица, Ѓорѓиовска Татјана (2006), Пајтон, Градот Скопје и формирањето граѓанска класа помеѓу двете светски војни ‎(1918-1941 год.) – од етнолошки аспект, Музеј на град Скопје, Скопје.
[3]  Уверение за цените на превоз со пајтон низ градот Скопје, издадено од Судот на Општината на градот Скопје, ДАРМ, ОС, Ф: Градското поглаварство на општината на град Скопје – Скопје (1918-1941), к: 42, а.е 51 (оригиналот на документот е со кирилско писмо на српскохрватски јазик, датум непознат).
[4] ДАРМС – одделение Скопје
[5] Препис од барањето на Парна пивара АД Скопје да и се одобри инсталација на пиварница во местото Ќерамидница, ДАРМ, ОС, Ф: Градското поглаварство на општината на град Скопје – Скопје (1918-1941), (оригиналот на документот е со кирилско писмо на српскохрватски јазик, 16.12.1922).
[6] Opstinski vozen park,”Almanah Opstine grada Skoplja 1918-1928 god.”, Skoplje 1928, 44.
[7] Фото архива на Музеј на град Скопје

1 КОМЕНТАР

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име