web analytics
За мене



Василка Димитровска
магистер по археологија
Скопје, Македонија
e-mail: info@arheo.com.mk

Текстовите на сајтот не се лекторирани

ЧПП
Прирачник за коментирање

Пребарувај по сајтот
My pages and blogs
Blog in english
Архео-креатива

Verba volant scripta manent

Video|Channels|Community
Категории
Архива

PostHeaderIcon Пет места за посета во Струмица

Во последните неколку години забележлив е трендот да се посетуваат домашните споменици на природата и културата, како и сите места кои умеат на сопствен начин да ја раскажат тајната на својата приказна ткаена со столетија и визуелно пресликана во мноштвото на архитектура или обичаи. Своевремено на покана од порталот Strumica Online, а на мое големо задоволство, гостував на нивниот сајт со текстот во кој препорачувам 5 места за посета во Струмица и струмичко, во викендите кои следат.

1. Комплексот на Св. 15 Тивериополски маченици

Сместен во срцето на Струмица со археолошки остатоци од истоимената рано-христијанска базилика, Св. 15 Тивериополски маченици е комерцијален објект кој и денеска ја раскажува приказната за духовните вредности на античкиот Тивериполис. Современата црква вгнездена во пријатна и спокојна градина, под себе ја крие вредната ‘Галерија на икони’ придружена со стари и автентични религиски книги, како и други црквени асесоари. Комплекот е ограден од околината со возобновените конаци на два спрата. Овие конаци се честопати препорачано место за туристите, велосипедистите и сите добронамерници кои можат за скромна сума и пристојни услови да најдат преноќиште.

Holly 15 martyrs of Tiveriopolis

Остатоци од доцноантичката црква посветена на Св. 15 Тивериополски маченици во комплексот на истоимениот манастир

2. Манастрискиот комплекс во Вељуса

Оригинално подигната во 1080 год. и посветена на Св. Богородица Елеуса, црквата во манастрискиот комплекс во с. Вељуса ги претставува високите дострели на византиската сакрална архитектура и уметност. Од овој период се зачувани дел од фрескоживописот, олтарната преграда изведена во мермер и подниот мозаик со геометриски мотиви, бидејќи подоцна ќе биде најмалку уште два пати фрескоживописана. Спокојството на оваа маестрална духовна идила со прекрасно уреден двор го разбива присуството на некоја од монахињите кои се појавуваат повремено за да ги опслужат посетителите. На заминување не заборавајте да си купите од домашните ликери кои ги прави сестринството во Вељуса, со златно-жолта боја на алтани, за да ве стоплат во зимските месеци.

Црквата Св. Богородица Елеуса (1080) сликана едно јунско утро во 2016

Црквата Св. Богородица Елеуса (1080) сликана едно јунско утро во 2016

3. Римската терма ‘Бања Банско’

Откриен во 1978 година при копањето на темелите за хотелот „Цар Самоил“, локалитетот „Римска терма“ е еден од ретките сочувани римски споменици од ваков вид во Европа. Се наоѓа во с. Банско, 12 км југоисточно од Струмица, под падините на планината Беласица. Денеска бањата има 11 простории со вкупна корисна површина од 623 м2. Зачуваноста е најизразена во просторијата која служела како сауна, а во просторијата која служела како фригидариум постои базен кој бил полнет со ладна вода, додека куполата над кадата е се уште зачувана. Во сите откриени простории целосно се зачувани подовите градени од тула и малтер. На објектот, кој е цел за посета на сите туристи во Струмица и струмичко, останал и комплетниот систем на подното и ѕидното затоплување со сите негови елементи.

Roman bath - Bansko

Стојам пред Римските терми во Бања Банско

4. Моноспитовско Блато

Во минатото големо езеро и дом на предисториска флора и фауна, денеска засолниште на ретки и ендемски видови организми, Моноспитовското Блато крај Струмица претставува предизвик за разни профили на научниците кои тука прават истражувања со децении. Во последните години со финансирање од европските фоднови, просторот во овој музеј на природни реткости е освежен со платформи и мрежа од дрвени патеки по кои може да се чекори над блатото, како и дрвени куќички за набљудување на птиците. На тој начин туристите и посетителите можат да уживаат во прекрасниот природен амбиент на еден од ретките уникатни еко системи на Балканот, чувствувајќи го мирисот на алгите, трските, папратта, звукот на барските птици…

Моноспитовско блато, дома на многу ендемични животни

Моноспитовско блато, дом на многу ендемични животни

5. Водопадите на Беласица

Силна, моќна и раскошна како вистинска планина, Беласица е позната од историските извори по царот Самоил кој во 1014 година тука го доживеал својот најголем пораз. Денеска покрај изобилството на историја и археологија, оваа локација е дом на безброј термални и слатки извори на вода, како и неколку водопади од кои по својата тектоника и морфологија карактеристични се Габровскиот, Колешинскиот и Смоларскиот водопад. Исклучително посетени од домашните и странските туристи во сите сезони од годината, овие локации имаат одлична сигнализација и адаптирани патеки уредени за туристите во кои свежината на зеленилото го прави амбиентот незаменлив дел од уживањето во природата.

Smolarski waterfall

Стојам пред Смоларскиот водопад на Беласица

Во Македонија постојат огромен број на места за посета, а со автомобил за 2-3 часа стигнувате и до најодалечената локација. Ви препорачувам да шетате, уживате и да ја запознаете сопствената земја. И секако, не заборавајте да споделите на интернет.

Leave a Reply

За сајтот

Добредојдовте на мојот сајт. Доколку ви се допаѓаат текстовите и сакате да ме следите кликнете на RSS фидот. Текстовите на сајтот не се лекторирани. Сајтот е заштитен со Законот за авторски и сродни права на Република Македонија.

Почитувајте ја лиценцата на Криејтив Комонс пред да позајмите без прашање на интернет.

Василка Димитровска магистер по археологија

UNESCO Club HAEMUS
SCUPINI ROMANI
HAEMUS E-Shop



Моја книга за Руг Баир
Visits
View My Stats