web analytics
За мене



Василка Димитровска
магистер по археологија
Скопје, Македонија
e-mail: info@arheo.com.mk

Текстовите на сајтот не се лекторирани

ЧПП
Прирачник за коментирање

Haemus Journal
UNESCO Club HAEMUS
My pages and blogs
Video|Channels|Community
Посети



PostHeaderIcon Io Saturnalia или како светот почна да го слави Божиќ по урнек на старата римска Нова година

Менаџирањето со ,,ХАЕМУС” како центар за научни истражувања и промоција на културата од 2012 па наваму не ми остава многу простор да пишувам на мојот сајт Археоблог, но затоа пак оставам видлива трага на еден повисок степен за да можеме да се гордееме на светско ниво со сопственото културно наследство. После скоро 2 години работа тимот на ,,ХАЕМУС” го стартуваше сопствениот бренд SCUPINI ROMANI со цел да го промовираме богатото културно наследство од римскиот период на територијата на Република Македонија но и пошироко. Покрај фестивалот кој се одржа на 06.11.2016 год. во рамките на програмата SCUPINI RОMANI на 17.12.2016г. ХАЕМУС организираше настан повод древниот римски празник ,,Сатурналии”.

Настанот беше исклучиво од едукативен и промотивен карактер, a честа да го отвори му припадна на Мирослав Драганов со ораторскиот говор на Цицерон.

Во рамките на настанот постоеше едукативен дел за римските Сатурналии, рецитирање на поезија од древните римски поети, тематски поетри слем во соработка со Poetry SLAM Macedonia, проекција на документарецот ,,Стоби” во продукција на New Moment, Skopje, предавање на д-р. Kovacheva Lidija (Евробалкан, Скопје) на тема ,,Можни остатоци на Римските Сатурналии во Божиќните народни обичаи”, базар на ракотворби со инспирација од културно наследство од римскиот период, а за сето време се служеше римска храна и можеше да се дегустра мулсум (тип на римско вино со мед и зачини). 

Сатурналии (лат. Saturnalia) кај древните римјани бил празникот во чест на Сатурн, кој како бог бил споредуван со грчкиот Кронос и сметан за татко на Јупитер, Јунона и Нептун.  Прославата се одвивала во втората половина на декември, најчесто помеѓу 17-21 декември. За време на Сатурналиите општествените работи били откажувани, учениците не учеле, забрането било да се казнуваат престапниците. Робовите во тој период добивале дополнителни привилегии – биле ослободувани од секоjдневните обврски, можеле да носат pilleus /шапка-симбол на ослободувањето/, можеле да се хранат од иста маса со господарите и да ги носат нивните облеки, па дури и да ги командуваат. Поетот Катул ги именувал Сатурналиите како „најдоброто од сите денови“.

io_saturnalia_by_ancient_romans

И денеска на интернет можете да најдете многу упатства како се прославуваат Сатурналии.

Постоеле своевидни „закони“ за спроведување на Сатурналиите кои не дозволувале да се изговараат никакви други говори освен хумористични и забавни закачки. Се украсувале вратите, прозорци, па дури и скалите со зеленило, гирланди и венци од свежо цвеќе, на кои се додавале разни фигури на сонцето или пак шишарки, ореви, желади. Сината и златната биле бои на празникот, а задолжителна традиција била да се даруваат подароци, нешто што понатаму во модерниот свет ќе остане како практика до ден денеска. Па дури и китењето на новогодишната елка има паганска историја.

Во просечно римско семејство празникот започнувал со принесување на жртва – колење на прасе во чест на богот. По гозбата, роднините и пријателите си подарувале подароци. Помеѓу даровите имало восочни свеќи / cerei / – симбол на зимската краткоденица / bruma / и тестенини или теракотни фигурини / sigillaria / – посветени на богот Сатурн.

io_saturnalia_haemus

Поетите кои дојдоа од разни градови на Македонија слемираа сопствена и рецитираа древна римска поезија за време на Сатурналиите

Популарноста на Сатурналиите се продолжила во 3. и 4. век, во време кога Римската империја била под христијанска доминација, а постои можност некои од обичаите да влијаеле и на прославувањето на Божиќ и Нова година. Во науката сѐ уште постои полемика зошто токму 25-ти декември бил земен како датум на раѓањето на Исус Христос.  Некои современи автори празникот Рожденство Христово-Божик, го поврзуваат со паганскиот римски религиозен празник Сатурналии. Општо, се верува дека црквата го одбрала овој ден во обид да ги прифати и адаптира традициите од славењето на паганските Сатурналии.

Во суштината на сите нас како луѓе, нашите обичаи, традициите и ритуалите лежи паганското, независно од денешниот религиски фејслифтинг. На многу европски обичаи можат да им се повлечат историски паралели до протоисторијата, а на нив до праисторијата, но бидејќи таму нема историски записи, остануваат само археолошките наоди и евентуално етно белешките да припомогнат во интерпретација на социологијата на религијата и реконструкција на разните обичаи, традиции и ритуали. Во поширок контекст на оваа тематика најсрдечно го препорачувам јавното предавање на проф. Никос Чаусидис што ХАЕМУС го организираше пред неколку години на тема „Религиските континуитети на територијата на Македонија – од неолитот до 21 век

predavanje-na-lidija-kovacheva_io_saturnalia

Но не заборавајте, она што денеска светот го празнува како Божиќ на 25.12 по грегоријански и 07.01 по јулијанскиот календар, не се поклопува само со древните римски Сатурналии, туку со уште неколку празнувања како раѓањето на богинката Митра, Sol Invictus (непобедливото сонце) и секако најголемата прослава од сите -> во чест на декемврискиот/зимскиот солстициј кој како ден на северната хемисфера има свое астрономско, културно и религиско значење. МПЦ има свое објаснување и интерпретација зошто овој дел од православниот свет не го слави Божик по грегоријанскиот календар!

Но старите Римјани немале Божиќ ниту Нова година како што ја славиме денеска, па за својот празник би рекле – Io Saturnalia! Затоа и јас ви велам оваа година Io Saturnalia драги читатели на Археоблог,  Доблеста да ви биде водич, а среќата – пријател!” – како што рекол Цицерон.

Leave a Reply

За сајтот

Добредојдовте на мојот сајт. Доколку ви се допаѓаат текстовите и сакате да ме следите кликнете на RSS фидот. Текстовите на сајтот не се лекторирани. Сајтот е заштитен со Законот за авторски и сродни права на Република Македонија.

Почитувајте ја лиценцата на Криејтив Комонс пред да позајмите без прашање.

Василка Димитровска магистер по археологија

Пребарувај по сајтот
Follow my research

SVPINI ROMANI
HAEMUS E-Shop



Моја книга за Руг Баир
Категории
Архива