Дома Антропологија Осврт кон мултимедијалниот проект – Минатото денес (Past Reflections)

Осврт кон мултимедијалниот проект – Минатото денес (Past Reflections)

3,283 views
0

‘Минатото денес’, или на англиски ‘Past Reflections’ е мултимедијално издание на New Moment video house каде е направен обид да се долови дел од огромното наследство создавано и негувано со милениуми на територијата на Република Македонија. Во овој проект се работи за 15 докуметарни филмови кои се организирани по хронолошки распоред и генерално се поделени во три дела: палеонтологија, археологија (Скопско кале во 2 дела, Кокино, Стоби, Хераклеја, Стибера, Плаошник) и верски објекти (Св. Пантелејмон, Вељуса, Јован Бигорски, Свети Спас, Јоаким Осоговски). Отстапуваат само епизодите за Куклице како природен феномен и секако за Стариот дел од градот познат како Старата скопската чаршија, којa самa по себе е еден сложен архитектонски комплекс составен од профани и сакрални градби. Но Старата чаршија според своето значење кое се уште го има во јавниот живот на Скопје заслужува не само еден дел од ваков серијал, ами засебен серијал составен од повеќе епизоди. За поздравување е преводот кој може да се бира на четири јазика по желба: англиски, германски, француски и руски јазик, што верувам дека ќе придонесе документарците да допрат до поширог круг на луѓе.

Во поголем број од епизодите како оние за храмовите, приказната ни ја доловува нараторот, со кадри кои само го побудуваат интересот за посета на презенираните споменици. Но во документарците за археолошките локалитети, македонските археолози кои раководат одреден проект или се дел од неговото ископување, ја водат фабулата на приказната. А и кој би знаел подобро да ја раскаже сторијата за одреден локалитет и да го презентира пред пошироката публика, од оние кои лично го истражуваат истиот со години. Така можете да бидете сигурни дека податоците кои ги добива гледачот, се веродостојни затоа што се извлечени директно од теренските информации со кои располагаат археолозите. Не ни се потреби дополнително измислени приказни спакувани за туристичка презентација и манипулирање со туристите. Вистината ни е сосема доволна. Ова е начинот на кој јас реално сметам и замислувам дека треба да се промовира македонското природно и културно наследство и овој проект во голема мера ја оправдува мојата доверба дека сепак во Македонија се работи нешто квалитетно по светски стандарди на документарци, истите оние кои ги гледате секој ден на Discovery и History channel. Ова е дефинитивно најдоброто нешто кое го имам видено до сега за македонската археологија!

Особено внимание привлекуваат 3Д анимациите со кои е направен обид за доловување на архитектонските објекти во нивната изворна форма. Оваа 3Д визуелизација која за прв пат во македонската археологија е видена во ЦД ромот ‘Македонски древности’, е од особена важност за дигитализацијата на културното наследство. Тука мора да го споменам нашиот драг проф. Микулчиќ кој постојано додека студиравме ни велеше независно од тоа дали навистина е направена идеално, како археолози мораме потојано да се обидуваме објектите да ги претставуваме во 3Д реконструкција. Оваа 3Д анимација моментално е тренд во светот за кој се прават специјални конференции и се одвојуваат многу пари за техничка опрема и човечки ресурси. Бидејќи во дигиталниот свет во кој живееме, ваквиот начин претставува своевидна презентација на светското културно богатство и на одредено ниво барем за сега, негова делумна трајна заштита.

Rеконструкција на Куќата на Партениј, ЦД Ром ‘Македонски древности’ (1999)

Одвреме-навреме, не толку во документарците, колку во пропратната брошура, се провлекуваат грешки кои повеќе ги засегнуваат истражувачите на културното наследство, отколку туристите. Оти за еден турист нема големо значение дали животот на Скопското Кале започнал во неолитот или (е)неолитот, но за археолозите едно -е означува временски период од 2 милениума во кои се случиле значајни цивилизациски достигнувања, миграции и пертурбации на светско ниво. Грешката повеќе ја гледам кај стручните консултанти, отколку кај издавачот, бидејќи очигледно некој не си ја завршил својата работа како треба, а сепак неговото име стои на оваа брошура како поддржувач на проектот.

Тука ќе направам мала дигресија и ќе излезам од рамките на овој осврт за да посочам дека со мали исклучоци, колку-толку, сепак сме сведоци дека во последните 2-3 години се создаде поприлично видео материјал за туризмот во Македонија, и покрај тоа што немаме соодветна, да не речам никаква стабилна инфраструктура да ги угостиме патниците намерници кои решиле да ја посетат нашата држава. Но ако се навратам на периодот до 2007/8 кога ретки проблесоци се доказ дека нешто се сработело на ова поле, излегува дека целата концентрација на овој тип презентација се должи на фактот што барем една од владините гарнитури сфатила ако не остави нешто видливо зад себе во времето додека им била дадена шанса од народот, никој нема ни да ги запамети дека постоеле.

Ова е проект со кој однапред се знае дека целната публика се странските туристи кои лесно се навлекуваат на научно-популарни документарци и стои во редот на добро одработени задачи кои на сопствен начин го презентираат и популаризираат нашето богатство, иако за сега парцијално. Нема сомнеж дека ефектниот видео материјал ќе биде употребен од страна на домашните туристички агенции кои се обидуваат да го анимираат странскиот пазар за нашите природни и културни убавини. Исто така документарците се одличен водич како за туристичките водичи во поглед на унифицирање на информациите за одреден локалитет или монумент, така и за сите заинтересирани љубители на нашето наследство.

За овие 5 години колку што блогирам, многу ретко се случило на мојот сајт да напишам позитивна критичка рецензија за проект кој го третира културното наследство и македонската археологија. Од причина што сум била сведок на десетици мултимедиски кампањи сработени досега, кои ги покрил превезот на времето. Но Past Reflections навистина го заслужуваат вниманието, ако не поради друго, најмногу заради професионалноста во приказната, впечатливата и убаво доловена фотографија, начинот на режијата и правилниот однос кон нашето минато. Се надевам дека издавачот во иднина ќе ги апдејтува и поправи некои од информациите за одредените локации, а бројот на епизодите се повеќе ќе се зголемува.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име