Home Археологија Богородица Перивлептa пропаѓа – судбината непозната

Богородица Перивлептa пропаѓа – судбината непозната

2,927 views
1

Одамна се токмам да пишам за црквата Богородица Перивлептa во Охрид и за нашата негрижа поради која се заканува уништување на вредно светско културно наследство. Но што да се коментира дополнително, кога се е веќе кажано. Да не бидам дежурниот партибрејкерс кој постојано алармира и укажува на пропустите со нашиот шалабајзерски и шарлатански однос кон културното наследство, во прилог го постирам мислењето на проф. Ралф Ахилес (византолог кој предава на Арт-институтот во Чикаго и активно се занимава со проблемот на заштитата на културното наследство) даден за весникот ‘Нова Македонија’

Во Охрид гледате голем археолошки локалитет – Плаошник, со прекрасни мозаици и убаво реконструирана црква. Но автентичната ви пропаѓа. Како ќе им го објасните ова на туристите, кои кога ќе ја видат состојбата на црквата „Света Богородица Перивлепта“ добиваат впечаток дека целата држава ви се распаѓа?

Врска до интервјуто

Би сакала јавно да го поставам прашањето – ‘Каква држава сме тоа ние кога дозволуваме да пропаѓаат објекти од витално значење за нашата култура и тоа во град кој е ставен под заштита на UNESCO’? Дали можеби UNESCO треба да репне по џеб одредени ентитети или институции во Република Македонија заради негрижа кон сопственото културно наследство или можеби треба да му го одземе овој статус на градот Охрид за да се свестиме.

Пред извесно време дадов изјава за Фокус во врска со архитектонското наследство на Македонија. Поради природата на својата работа и како археолог, но и како професионален туристички водич, би сакала уште еднаш да го споменам нашето богато византиско наследство кое привлекува голем број на странски туристи, и кое сметам дека во последните две децении се запостави и остана на маргините од фокусот на интересот за итна конзервација, заштита и презентација.

Некогашната легенда за градот Охрид пополека почнува да бледнее во моментот кога ќе почнете да ги посетувате и оние објекти кои останале да сведочат како неми споменици дека овој  град во средновековието имал 365 цркви (за секој ден во годината по една црква да може да се празнуваат светците). Црквата Богородица Перивлепта покрај својата фантастична архитектура ја поседува и фреската “Успение на Пресвета Богородица” која е зачеток на еден уметнички правец кој во Европа ќе се вообличи дури после 2 века. Од мештаните уште наречена и Климентов гроб, Перивлепта е едно од моите омилени места во Охрид. Секако, ако ја изземеме непредвидливата Јана Попоска која е вработена како кустос и понекогаш прикажува непримерно однесување со кое се прави проблеми пред туристите до рангот на навредување и точно го отсликува нашиот однос кон објектите кои се ставени под заштита на културата.

Во последните неколку години секое мое одење до Охрид и прошетка по стариот дел од градот го чувствувам како проштална средба со овој монумент кој како и многу други средновековни храмови во Охрид и Охридско се наоѓа на маргините од заборавот, а неговата заштита и конзерација се оддолжува со децении. Беше најавен и грант за еден од најрепрезентативните споменици од 13 век во Охрид, но колку што ми е познато, се уште не започнал никаков процес за санација и реставрација на Богородица Перивлепта. Ние секако под дифолт немаме пари за оваа намена. Оправданието е веќе одамна труло – исто како и нашиот несериозен однос кон културното наследство!

Што зборуваше професор Ахилес во неговото интервју и зошто го пишувам овој текст? Затоа што би сакала да посочам дека паралено со она кое се создава како нова придобивка од нашето доба, треба да ги заштитуваме и културно-историските споменици кои веќе ги имаме, за да не се случи да ги изгубиме. Бидејќи истражувањето на минатото никогаш не завршува. Тоа допрва почнува.

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here