Дома Археологија Доцноримското термално лекувалиште – с. Банско

Доцноримското термално лекувалиште – с. Банско

4,002 views
0

 

Римјаните биле одлични градители. Преку нивните градежни активности оставиле видливи траги на територијата на Република Македонија. Еден од нарепрезентативните докази за ова е објектот наречен Бања Банско, Турско купатило или познатото Доцноримското термално лекувалиште, кое се наоѓа кај с. Банско, 12 км југоисточно од Струмица, под падините на планината Беласица.

 

Објектот ги користел термално-минералните води на изворот “Парило“, кој се наоѓа педесеттина метри југозападно од бањата. Капацитетот на изворот е 42 л/с, доволно за снабдување и квалитетно опслужување на бањата. Римјаните уште одамна ја забележале лековитоста на водата во Банско која е со температураод 72 Ц, а овој благодет бил користен и во подоцнежните векови. Денеска на ова место постојат повеќе угостителски објекти, кои ги користат лековитите својства на водата.

Локалитетот е откриен во  1978 година при копањето на темелите за хотелот „Цар Самоил“. Со систематските археолошки ископувања во периодот од 1984 до 1995 година, откриени се десет простории. Денеска бањата има 11 простории со вкупна корисна површина од 623 м2. Зачуваноста е најизразена во просторијата која служела како сауна каде постои еден крстовиден и еден полукружен свод. Во просторијата која служела како фригидариум постои базен кој бил полнет со ладна вода, а куполата над кадата е се уште зачувана. Кај останатите простории зачувани се почетните партии од сводните конструкции. Исто така во сите откриени простории целосно се зачувани подовите градени од тула и малтер.

 

Останал и комплетниот систем на подното и ѕидното затоплување со сите негови елементи. Во двата големи базени зачувани се подовите и ѕидовите, а од посебна важност е тоа што доводните и одводните канали се уште функционираат. На објектот се констатирани три градежни фази и неколку помали интервенции во секоја фаза одделно. Судејќи според начинот на ѕидањето и археолошкиот материјал, бањата е подигната во III и IV век.

Пред неколку години започнаа сериозни конзерваторски зафати да се спаси бањата. Во текот на истражувањата беа пронајдени и подни мозаици што само го потврди луксузот на оваа римската терма.

 

Коментар:

Наместо да се копаат новопронајдени локалитети и со тоа да се отвораат нови рани во македонската археологија, чинам дека е потребна малку поголема заштита и медиумска презентација за ваквите локалитети како Бања Банско да го добијат заслуженото место кое несомнено им припаѓа. Најмногу затоа што локалитетот „Римска терма“ во Бања Банско е еден од ретките сочувани римски споменици од ваков вид во Европа.

Препорачана литература:

Славица Тасева, Ване П. Секулов, Термата – доцноримското термално лекувалиште, с. Банско
Slavica Taseva, Vane P. Sekulov, Late roman thermal spa, Vill. Bansko, Strumica

За дел од фотографиите и благодарам на Софија Грандаковска

Клучни зборови: archaeology, site, late roman, thermal, spa, Bansko, Macedonia, археологија, локалитет, терма, доцен рим, лекувалиште, Банско, Македонија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име