Дома Археологија Спомени од еден Задар

Спомени од еден Задар

2,317 views
0

Минатата година имав можност да го посетам Задар, еден од поубавите градови на хрватското приморје заедно со Сплит, Дубровник, Трогир и Шибеник. Градот Задар на истото место постои повеќе од две илјади години. Но се поставува прашањето дали е тоа секогаш истиот град. Дали се душата на градот улиците кои течат во ист правец уште од римското доба, или се тоа луѓето кои поминуваат по истите тие улици, односно живеат во куќите кои ги опкружуваат.

Една од средновековните порти на Задар Римскиот форум и Бенедиктинската капела во стариот дел од Задар

Секако дека е тешко да се поистовети Задранин од времето на Римското царство со граѓанин од средновековна комуна. Успеав да го прошетам стариот дел од градот кој изобилува со археолошки ископини и сите околни музеи. Но најмногу впечаток ми остави збирката на мебел во Народниот музеј која симболично го носи називот: ,,Спомени од еден Задар”. Таа пред се се однесува на оној Задар, на оние раздобја до кои може да допре човековото сеќавање. Оваа збирка на стилски мебел бројно е многу скромна, од проста причина што Задар е град со несреќно минато. Во текот на столетијата ниту еднашка не го одминале воените ветришта кои ги доведувале и одведувале неговите жители, а со тоа и нивните домови.

Во зградата на три ката сместени се артефактите кои биле најтипични во опремување на станбениот простор од 15 век па натаму. Провејуваат периодите на ренесансата, доцниот барок, ампирот, бидермаерот, како и неостилови во кои може да се препознае повторувањето на претходните стилови: готика, барок и ренесанса.

[youtube]hMS7rxUBdsk[/youtube]

Впрочем, после бидермаерот воопшто во историјата на уметноста не се формираат нови оригинални стилови, туку уметниците се потпираат на стиловите од претходните епохи. Почетоците на ваквото имитирање прво се појавуваат кон крајот на 18 век во сликарството, кај таканаречените прерафаелити, потоа во архитектурата со градбата на неоготички цркви, за да во втората половина од 19 век се применат и на мебелот.

Комода во неостил Бидермаер гарнитура за седење

Она кое ме импресионираше беа два доцнобарокни (рококо) паноа со огледала од 18 век, кога користењето на огледалата во внатрешните простории го достигнало својот врв. Огледалата се обесувале (поставувале) на ѕидовите и обично сочинувале една целина со конзолните столови под нив. Доколку биле со многу големи димензии стоеле посебно. Знаеле да ги прекриваат скоро сите ѕидови создавајќи ефект на ,,кабинети со огледала” или ,,дворани со огледала”, од кои најпозната е онаа во дворецот Версај.

Доцнобарокни (рококо) паноа со огледала од 18 век

Поради ограниченост на просторот, во Народниот музеј во Задар се изложени само две од четирите подеднакви паноа кои се во сопственост на музејот. Тие имаат одлики на времето во кое настанале: многу се големи и високи, изобилуваат со цветни украсни детали сликани или изработени во рељеф. Изобилуваат и со извиените златни рељефи помеѓу кои се истакнува мотивот во облик на неправилна школка или карпа (франц. rocaille, герм. muschelornament). На нив во горниот дел е вградена овално свиена слика, што бил чест случај кај ваквите високи паноа. Нивната изработка е доста квалитетна и по својот начин на изведба и префинет вкус упатува на претпоставката дека овие огледала потекнуваат од некоја работилница во Франција.

Изложените предмети од збирката ги користеле претците на Задраните и многу лесно може да се ѕирне во нивниот интимен живот. Разгледувајќи ги парчињата мебел, со задоволство можев да се констатирам дека луѓето во Задар го бирале мебелот со многу вкус, кој по ништо не се разликувал од оној на луѓето од западна Европа. Тука можеби не живеело пребогато племство, но префинетоста која ја поседувале им овозможила своите домови да ги опремат со вредни предмети. Денеска овие парчиња блескаат со својата скромност или раскошна убавина, според вкусот на времето во кое настанале. Но ниту едно од нив нема да ве остави рамнодушни.

Комода во неостил пред реставрација Комода во неостил по реставрација

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име